Ќе најдат ли чаре Македонија, Албанија и Грција за Преспанското Езеро?

Ќе најдат ли чаре Македонија, Албанија и Грција за Преспанското Езеро?

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Преспанското Езеро придонесува со над 40% кон водниот баланс на Охридското Езеро - велат од Министерството за животна средина и просторно планирање

Преспанското Езеро полека, но сигурно ни заминува пред очи. Повеќе од една година состојбата само се влошува, а државата сѐ уште само договара комисии, одбори избира членови за состаноци и работни групи, без некој видлив резултат за да се намалат последиците од големото намалување на водостојот на езерото. Пандемијата на Ковид-19 ги застана и најмалите чекори што беа планирани на почетокот од 2020 година.

Се обидовме да дознаеме што поточно прави Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму објаснуваат дека периодов одбрале лица со искуство во областа за да бидат дел од работните тела на едно заедничко тело помеѓу Македонија, Албанија и Грција. Законот за водите ја обврзува државата на соработка со земјите од сливот – Албанија и Грција. Во 2010 година е потпишан Договор за заштита и одржлив развој на Парк Преспа со Грција и Албанија, кој стапи во сила дури во мај 2019 г. откако земјите-потписнички го ратификуваа.

Фото: Андреј Марјановиќ

- Во моментот во тек е формирање на работните тела согласно договорот. Во изминатиот период од страна на Министерството се направени консултации со повеќе засегнати страни, пред сѐ, општини и невладини организации со докажани резултати во Преспанскиот Регион и се номинирани лица со искуство во областа за членови во работните тела. Номинации на членови се направени и од грчка страна, а од страна на Албанија постапката е во тек. Со формирањето на работните тела ќе започне прекуграничната соработка и имплементација на координирани активности во насока на заштита на Преспанскиот Регион – велат од ресорното министерство.

Природата знае најдобро, но мора да работиме за да се зачува Преспанското Езеро - вели д-р Димитрија Сековски


Како меѓугранично езеро и комплексно по природа поради системот на „врзани садови“ со Охридското Езеро, а со тоа и целиот слив на реката Црни Дрим, секоја засебна интервенција е проблематична и треба да биде поткрепена со подлабока студија што бара и повеќе време и финансии, велат од МЖСПП.

- Оттука, Министерството во рамките на ИПА 3 (2021-2027) подготвува нов проект: „EU for Prespa” (но тоа е сѐ уште во фаза на подготовка) каде што се предложени aкции кои ќе го поддржaт одржливиот развој на областа Преспанско Езеро, преку заштита на биодиверзитетот и зачувување на еколошките ресурси на прекуграничниот Парк Преспа и преку поттикнување еколошки фокусирани економски активности во регионот. Планирано е да се подобри снабдувањето со вода, третманот на отпадните води и управувањето со цврстиот отпад во Општина Ресен заедно со интензивната кампања за подигнување на свеста на граѓаните, се очекува да се намали загадувањето на водата и на почвата. Овој пристап вклучува активни мерки за зачувување и заштита на природните ресурси, вклучително и следење и истражување на природните ресурси, зачувување, обновување и управување со живеалиштата, искоренување на инвазивните видови риби и контрола на главните биохемиски и физички параметри во Преспанското Езеро и во главните притоки - велат од Министерството.


Крани (фото: Macedoniafromabove.mk, 360 степени визуелен водич низ Македонија)

На 6 март годинава МЖСПП побарало во земјава да дојде советодавна мисија на Секретаријатот на Рамсарската конвенција за Преспанско Езеро, каде што, меѓу другото, ќе се разговара за заштитата и управувањето, но и за тековните случувања со езерото, притоа опфаќајќи го и Охридското Езеро.

- Со оглед на тековната светска состојба со Ковид-19, сѐ уште немаме потврда од Секретаријатот на Рамсарската конвенција кога ќе се одржи таа мисија - велат од Министерството.
Преспанското Езеро претставува уникатен хидролошки систем, посочуваат оттаму.

Даниела Заец, македонско еколошко друштво: Сите сносиме одговорност за Преспанското Езеро

- Неговата хидраулична поврзаност со Охридското Езеро, преку карстниот масив на Галичица, го прави најважен извор на вода за Охридското Езеро. Преспанското Езеро придонесува со над 40% кон водниот баланс на Охридското Езеро. Во текот на историјата се случуваат разни климатски циклуси кои се одразуваат и на врнежите, но и нивото на езерото. Поради неповолната хидролошка состојба, системот изгуби огромни количества вода, што резултира со намалување на нивото на водата од 9 метри во период од 25 години - велат од Министерството.

Согласно податоците од УХМР, максимални води на Преспанското Езеро се измерени во 1963 година, a минимални води се измерени во 2008 година.

 
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Водното огледало, односно количината на вода на Преспанското Езеро никогаш не е мерено, вели Ајман Ал Малла, раководител на секторот за животна средина во Ресен. Тој смета дека треба да се земе предвид и стареењето на езерото, како фактор во утврдувањето на состојбата.

-  Преспанското Езеро не е регулационо езеро, не е како Дојранското, па да отворете канал и да донесете вода. За утре во Ресен инициравме средба на претставници и од Општината и од Министерството за животна средина и ќе ги изнесеме сите сознанија што ги имаме - вели Ал Малла.