Намирници што ја подобруваат меморијата и го заштитуваат мозокот од стареење

Намирници што ја подобруваат меморијата и го заштитуваат мозокот од стареење

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мозокот е еден од најважните органи на кои се фокусираме како што старееме. Бројот на луѓе со Алцхајмерова болест расте, па важно е да се земат предвид сите превентивни мерки за да се спречи заболувањето. Меѓу другото, храната може да игра важна улога тука. Според истражувањата, некои намирници се подобри за здравјето на мозокот од другите.

Маслиново масло

Екстра-девственото маслиново масло претставува извор на енергија кога се користи во исхраната во свежа форма, односно кога не се загрева. Тоа содржи антиоксиданси и масни киселини за кои е докажано дека го подобруваат здравјето на мозокот.

Едно истражување од 2017 година покажало дека консумацијата на маслиново масло ги штити меморијата и способноста за учење, а истовремено го намалува ризикот за заболување од Алцхајмерова болест.


Фото: Pixabay

Јаткасти плодови

Истражувањата покажуваат дека додавањето две лажици јаткасти плодови (кој било вид) во дневната исхрана може да има придобивки за мозокот, а тоа најверојатно е поради антиоксидансите, здравите масти и витаминот Е во јатките. Витаминот Е ги штити мембраните на мозочните клетки од оштетување. Оревите се богати со омега-3 масти - уште една хранлива намирница што се поврзува со поздраво стареење на мозокот.

Јајца

Јајцата, особено жолчките, имаат неколку хранливи материи што го штитат мозокот, а тоа се витамини од групата Б, холин и фолна киселина. Истражувањата покажуваат дека соодветното внесување на Б-витамини може да го забави стареењето на мозокот, а луѓето што имаат деменција имаат недостиг на фолна киселина. Згора на тоа, холинот има позитивен ефект врз меморијата и когнитивната работа.


Фото: Pixabay

Риба

Одредени видови риба како лосос, скуша, сардина и пастрмка се многу добри за мозокот бидејќи во нив има омега-3 масти. Дури 60% од мозокот се составени од масти, а околу половина од тоа се омега-3 масти. Недоволното внесување омега-3 масти може да доведе до оштетувања на мозокот и депресија. Од друга страна, внесувањето вакви масти го забавува стареењето на мозокот и го намалува ризикот од Алцхајмерова болест.

Бобинки

Не мора да се држите настрана од сите слатки задоволства доколку сакате да го заштитите мозокот. Природните бобинки се добри за овој орган. Боровинките, капините и малините содржат материи што дејствуваат антиинфламаторно и антиоксидативно.

Антиоксидансите го намалуваат ризикот за појава на невродегенеративни болести како Алцхајмеровата. Истражувања покажале и дека боровинките ја подобруваат комуникацијата помеѓу мозочните клетки и ја подобруваат меморијата.


Фото: Pixabay

Зачини

Додавањето зачини како куркума, жалфија и цимет во исхраната може да ви помогне во заштитувањето на мозокот. За куркумата се покажало дека ја подобрува меморијата, ги ублажува симптомите на депресија и го стимулира лачењето на хормон што помага во создавањето нови мозочни клетки. Куркумата е многу добра за оние што имаат Алцхајмерова болест.

Кога станува збор за жалфијата, некои истражувања покажале дека ја подобрува работата на мозокот и помага во третирањето на Алцхајмеровата болест. Циметот содржи многу манган, што е антиоксидантна материја која е добра за мозокот. Некои истражувања покажуваат дека дури и мирисот на цимет може да помогне во подобрувањето на меморијата.

Чоколадо

Темното чоколадо содржи многу хемикалии што се добри за мозокот. Според некои истражувања, флавоноидите во чоколадото се собираат делот од мозокот кој се поврзува со помнењето и учењето. Во друго истражување, испитаниците што консумирале повеќе чоколадо имале подобри резултати на ментални задачи, како задачи за помнење.

Автор: Ешли Лал
Извор: womansworld.com