Загадувањето го намалува просечниот животен век за околу 2 години
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Веќе знаеме дека загадувањето на воздухот официјално стана најголемиот убиец.
Анализа на квалитетот на воздухот од Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго открива дека токму загадувањето на воздухот ќе го намали просечниот животен век за 1,8 година. Во земјите каде што загадувањето на воздухот е особено лошо, како Индија и Кина, оваа бројка достигнува шест години.
Анализата ја носи пораката дека загадувањето на воздухот може да влијае врз секого и може да има реални последици врз нашето здравје.
- Начинот на кој овој здравствен ризик се пренесува е нетранспарентен и збунувачки. Ја развивме анализата за да ги решиме овие недостатоци. Анализата зема одредени концентрации на загадувањето на воздухот и ги претвора во најважната метрика што постои - животниот век - вели Мајкл Гринстон од Институтот за енергетска политика.
Пушењето се најде на второ место, земајќи 1,6 година од просечниот животен век. Конфликтот и тероризмот земаат 22 дена, додека најсмртоностните заразни болести, како туберкулозата, во просек го намалуваат животниот век за само четири месеци.
Неодамнешниот извештај на Светската здравствена организација покажа дека загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе годишно, предизвикано од загадувачки материи што ги иритираат белите дробови и срцето.
Анализата на Институтот за енергетска политика заклучи дека производството на енергија е најголемата причина за загадувањето. Најмногу загрижуваат и дизел-моторите, електричните централи на јаглен и палењето јаглен во затворен простор.
Бројките раскажуваат мрачна приказна, особено кога се преведени во животен век. Но, ова е моќен повик за акција за подобрување на квалитетот на воздухот за нашите
потомци.