„Нетфликс“ менува една од најпопуларните документарни мини-серии по приговорите дека содржи лаги
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Нетфликс“ објави дека ќе додаде информација во документарецот за холокаустот наречен „Ѓаволот во соседството“ („The Devil Next Door“) откако полската влада предупреди дека има историски неточности.
Премиерот Матеуш Моравјецки неделава го повика „Нетфликс“ да ја поправи ужасната грешка за која тој верува дека била ненамерно направена.
Станува збор за карта што се појавува во документарецот каде што грешно биле лоцирани неколку германски нацистички концентрациони логори во границите на модерна Полска.
- Нема коментар ниту никакво објаснување дека со овие логори управувале Германците - изјави премиерот и додаде дека картата ги залажува гледачите дека Полска била одговорна за основање и водење на логорите и за злосторствата што таму се извршувале. Приговор упатил и Полскиот институт за национално сеќавање, кој се заканил со тужба.
- За да им обезбедиме повеќе информации на нашите членови за важни прашања што се покренати во овој документарец и за да се избегнат какви било недоразбирања, ќе додадеме текст на некоја од картите што се појавуваат во серијата - напиша „Нетфликс“ во изјавата објавена на твитер-профилот на полски јазик.
- Така, ќе биде јасно дека истребувањето и концентрационите логори во Полска биле изградени и управувани од германскиот нацистички режим, кој ја окупира земјата од 1939 до 1945 година - се вели во соопштението.
И меморијалниот музеј во Аушвиц објави дека историските и географските информации во документарецот на „Нетфликс“ за локациите на нацистичките логори се грешни.
- Бидејќи мојата земја во тоа време не постоеше како независна држава и милион Полјаци беа убиени на овие места, овој елемент од серијата не е ништо помалку од препишување на историјата - додаде
премиерот.