Не грижете се ако не можете да спиете цела ноќ. Илјадници години наназад луѓето спиеле во две фази

Не грижете се ако не можете да спиете цела ноќ. Илјадници години наназад луѓето спиеле во две фази

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Моменталните насоки за спиење од Националната фондација за спиење се дека просечна возрасна личност навечер треба да спие од 7 до 9 часа. За нас, нормално е тие часови да ги спиеме без никакво прекинување.

Но, за луѓето што живееле пред индустриската ера, сонот бил сосема различен од она што е денес.

Во труд од 2001 година историчарот Роџер Екирч напишал дека до пред модерната ера, луѓето се буделе во период од еден час во текот на ноќта. Во текот на тие будни моменти меѓу сонот, луѓето имале еден мини-ден: семејствата станувале од нивните кревети за да одат во тоалет, пушеле цигари, па дури и ги посетувале соседите. Оние што останувале в кревет воделе љубов, се молеле и размислувале за соништата што ги сонувале.

Со други зборови, порано двофазниот сон бил норма. Спиењето без прекинување е релативно нов тренд.

Историја на спиењето

Екирч ги засновал своите заклучоци на различни извори - дневници, литература - за да открие како спиеле луѓето што живееле пред 18 век.

Во комбинација со документи што опфаќале период од 2.000 години, Екирч открил дека почетниот сегмент на спиење честопати се нарекувал „first sleep“ (прв сон) на англиски јазик, и слично на другите јазици: „primo sonno“ на италијански, „premier sommeil“ на француски и „primo somno“ на латински. Вториот период се нарекувал „second“ (втор) или „morning sleep“ (утринско спиење). И двете фази траат приближно исто.

Ако сегментираниот сон бил норма, зошто тогаш сега се обидуваме да добиеме еден непрекинат долг сон?

Можеби модерниот живот - со нашите добро осветлени простории, домови со контролирана температура и ѕидови што се отпорни на надворешни звуци - го лишил нашиот сон од природниот дневен и сезонски ритам, кон кој општествата порано имале подиректен пристап.

Вештачкото осветлување го нарушува нашиот сон и внатрешниот часовник на нашиот мозок, или деноноќен ритам. Од овие набљудувања, некои истражувачи теоретизираат дека погодностите на современото, индустријализирано живеење ги нарушија нашите природни ритми на спиење.

budenje
Фото: Freepik

Природен начин или не

Дали постојат докази дека сегментираниот сон е природен начин на спиење? Освен историските докази на Екирч, истражувачите испробале различни методи за да опишат како изгледа таканаречениот природен човечки сон. Антрополозите и етнографите исто така објавиле дека незападните култури што не биле изложени на вештачка светлина кон крајот на 19 и почетокот на 20 век и понатаму имале „прва“ и „втора“ фаза на спиење.

Во еден експеримент психијатарот Томас Вер им ја отстранил вештачката светлина на кандидатите навечер во период од неколку недели и открил дека нивниот сон станува двофазен и поделен на два дела, со времетраење од неколку часа, со интервал на будење од 1 до 3 часа.

Искористувајќи ја модерната технологија, како што се уредите за на рака што ја мерат активноста, не пр., „Фитбит“, други истражувачи се насочиле кон следење на моделот на спиење на современите ловци и земјоделци кои живеат без електрична енергија, што би можело да обезбеди индикации за тоа како изгледа спиењето без вештачката светлина, како и можните разлики меѓу културите.

Резултатите од истражувањата засега се измешани. Истражување од 2015 година на три заедници во Танзанија, Намибија и Боливија, покажа дека луѓето во секоја локација имале слични модели на спиење карактеризирани со еден долг период на спиење. И не постојат докази за сегментиран сон. Авторите на истражувањето тврдат дека поради географската изолација на секоја група, набљудуваните обрасци не се единствени за нивните посебни еколошки или културни услови, туку се од централно значење за физиологијата на луѓето што моментално живеат таму.

Истражување од 2017 година спроведено во рурална заедница која немала електрична енергија во Мадагаскар открило дека имале сличен сон со „прва“ и „втора“ фаза на спиење. По полноќ, и мажите и жените биле на врвот на активностите во 49 отсто од ноќите кога биле снимени.

Разликите во шемите на спиење на современите општества без вештачка светлина не се баш многу јасни, но може да се должат на разликите во температурата, должината на дневната светлина и начинот на живот. Дали сегментираниот сон е најприродниот начин на спиење, останува отворено прашање.

Извор: Discovermagazine.com
Фото: Freepik