Кога бев студент со проф. д-р Ивица Милевски: Испитите ги подготвував за 10 до 20 дена, а учев по 10 часа
На студиите ја имав таа среќа да бидам во тим со тројца колеги од Куманово, па не само што се дружевме на факултет туку и мошне често заедно ги подготвувавме испитите, ги споделувавме нашите студиски маки, се договаравме што и како да работиме, вели проф. д-р Ивица Милевски
„Најинспиративен, со големо знаење, прекрасен однос кон студентите, внимателен, умее да им го пренесе знаењето на студентите на одличен начин, дефинитивно најдобар. Празнината од отсуството во предавалната ја надоместува со одличен пристап во онлајн предавањата и целосна посветеност“. На овој начин студентите го опишаа професорот Ивица Милевски во анкетата што лани ја спроведе Факултети.мк за тоа кои професори заслужуваат пофалба за вложениот труд во организирањето на онлајн наставата во пандемијата.
Ивица Милевски е редовен професор на Институтот за географија на ПМФ, со титула доктор на географски науки. Автор е на околу 20 публикувани карти и ГИС-продукти, како и на Географски атлас на светот во издание на „Просветно дело“ од Скопје. Исто така, бил клучен национален ГИС-експерт за изработка на педолошка карта на Македонија.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.
- Во тие рани 90-ти години младите не беа преокупирани со политика или со некои посебни „животни проблеми“. Нашата млада држава беше единствена од поранешна Југославија што не беше зафатена од војните. Бевме позитивни, а тогаш ми се случи и првата вистинска љубов. Имаше многу весели, пријатни моменти, но и моменти кога пред полагање на „потешките“ испити бевме навистина напнати - раскажува Милевски за периодот на неговите студии.
Ги изненадил сите со изборот да студира географија
Роден е во Куманово и вели дека како ученик не бил ниту меѓу најдобрите ниту меѓу најслабите. Ги изненадил сите со изборот да студира географија со оглед на тоа што никој во неговото семејство претходно немал допирна точка со таа област. Францускиот јазик, електрониката и астрономијата биле области што најмногу го интересирале за време на неговите школски денови, но, сепак, на крајот се решил за географските студии на ПМФ во Скопје.
- Уште како мал бев многу љубопитен и упорен да дознам како работат нештата, што има во нив, какви делови и компоненти, без оглед дали е тоа некоја играчка, телевизор, радио или друг апарат. Таа моја љубопитност ме следи до ден-денес и ме прави она што сум. Со оглед на тоа што до крајот на средното училиште одлично ми одеше францускиот јазик, бев занесен по електроника, а ме интересираше и астрономијата, мојата замисла за избор на студии беше во правец на некоја од овие три области. Сепак, на крај од таа трилема се решив да студирам географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Инаку, во моето пошироко семејство нема наставници, ниту географи, така што на моите блиски овој избор им беше чуден и не многу логичен.
Студиите ги завршил со просек 9,4
Дури и самиот на почетокот имал сомнежи во направениот избор на студии, но набрзо неговата одлука се покажала како исправна. Иако Куманово е на 30-ина километри од Скопје, секојдневните патувања на предавањата му биле напорни, но и интересни, пред сѐ, поради дружбата со неговите двајца колеги од факултет кои исто така живееле во Куманово.
- Во првите две години од студиите имавме многу општи предмети кои не беа во мојот домен на интерес. Искрено, на овие предмети не им посветував големо внимание, па и просекот во почетокот не ми беше нешто особено. Затоа подоцна буквално впивав од знаењата, не само од учебниците (кои беа реткост) и од она што ни го кажуваа-диктираа професорите и асистентите, туку и од многубројната дополнителна литература што ја наоѓав во библиотеките. Веќе во втора, а особено во трета и четврта година „се разбуди“ она вистинското географско во мене, па студиите ги завршив со просек 9,4.
- На студиите ја имав таа среќа да бидам во тим со тројца колеги од Куманово, па не само што се дружевме на факултет туку и мошне често заедно ги подготвувавме испитите, ги споделувавме нашите студиски маки, се договаравме што и како да работиме и сл. Мојот добро одбран пристап на учење и љубовта кон студиите ми помогна за кратко време да ги подготвувам испитите, па ми остануваше доволно време и за дружење и за разни авантури. Нормално, за време на испитните сесии (тогаш беа јунска и септемвриска) некако оставав сѐ настрана со цел успешно да ги положам испитите.
Најниска оценка и единствена седумка по македонски јазик
Од 30-ина предмети на неговите студии, Милевски бил вратен на дополагање на само еден, за на крај и тој испит да го положи со десетка. За време на испитните сесии знаел да се посвети на учењето и по десет часа на ден. Милевски смета дека токму асоцијативното учење со правење кратка концепција-потсетник, асоцијации на поими и на она што е најзначајно од материјалот, му помогнало да ги заврши студиите во точно предвидениот рок од четири години.
- Користејќи ги логичкото размислување и асоцијативноста, испитите ги подготвував за 10-ина до најмногу 20 дена. Меѓутоа, во тој период бев крајно сконцентриран и посветував барем по 10 часа дневно на учење. Од 30-ина предмети што ги имавме, бев вратен на дополагање само по еден предмет, што пак ми даде дополнителна стимулација и подоцна го положив со највисока оценка. Најниска оценка и единствена седумка имав по македонски јазик, со образложение дека како кумановец не го владеам литературниот јазик како што треба.
- На сегашните студенти им порачувам дека за сѐ може да најдат време, секако, доколку добро си го организираат. Во денешно време на борба за знаења и вештини кои ќе ни ја трасираат иднината, навистина е важно да се следат предавањата, вежбите и другите активности на факултетот. Потребно е да се постигнуваат што подобри резултати, што поголеми знаења, бидејќи знаењето има универзална вредност која никој не може да ни ја земе. Секако, не треба да се запостават дружењето, соработката и заедништвото со колегите бидејќи пријателствата што ќе се стекнат во текот на студирањето заземаат посебно место во животот.
Фото: приватна архива