Не откажувајте се од соништата и прашувајте сѐ што ве интересира, вели Џон Мур, шминкер и изработувач на филмски маски, кој работел на „Игра на троновите“, „Чувари на галаксијата“...
Џон Мур е шминкер, изработувач на филмски маски и концептуален дизајнер со над 20-годишно искуство во телевизија и филм. Работел на филмот „Чувари на галаксијата“ на режисерот Дејв Баутиста, а има работено и на една од најпопуларните серии - „Игра на троновите“. Непосреден и лесно достапен, во ексклузивно интервју за Факултети.мк Мур вели да не се откажувате од соништата и да прашувате сѐ што ве интересира.
Исто така, има дизајнирано низа интерактивни играчки, а и неколку пати се најде во улогата на продуцент на анимирани серии и развивање неколку сценарија.
Креативен уште како дете
Мур е шминкер и изработувач на филмски маски, а работи во филмската индустрија повеќе од 20 години. Неговата работа бара создавање и лепење гумена и силиконска маска за промена на изгледот на луѓето. Тоа опфаќа сè - од шминка за да се направи личноста постара, до симулација на жртви, вонземјани и различни суштества. Целиот процес е прилично макотрпен и како што вели Мур, бара голема креативност.
- Бев креативно дете и поголемиот дел од времето го поминував во цртање и пишување приказни. Отсекогаш сум имал активна имагинација. До денес чувам папки со приказни, белешки и цртежи скриени во мојата канцеларија. Иако не секогаш разбираа што правам, моите родители ми даваа неизмерна поддршка во остварувањето на моите соништа - вели Мур во ексклузивно интервју за Факултети.мк
Најголема инспирација за професијата му се хорор-филмовите
Уште од многу мал Мур обожавал стрипови. Особено го сакал списанието „Фангорија“, кое било прозорец за тоа како се правеле хорор-филмовите.
- Она што најмногу влијаеше врз мене и врз мојот избор на кариера беа филмовите „Американски врколак во Лондон“, „Нештото“ и „Вонземјанин“. Бев доста млад кога сфатив што сакам да работам и во кои професионални води сакам да запливам, уште пред тинејџерските години, можеби кога имав 10 години. Гледав многу хорор-филмови со татко ми и многу ми беше страв од нив, но истовремено бев фасциниран. „Ноќ на живите мртовци“ е еден од најстрашните и најдобрите филмови што сум ги гледал во тоа време. Имаше толку големо влијание врз мене, што до ден-денес знае да ми предизвика морници - раскажува Мур.
Првата соработка со големи холивудски продукции
Пред да почне да работи со големите холивудски имиња, Мур работел со компанијата „Милениум Еф-екс“ како водечки снабдувач на аниматроника и специјална шминка за филм, телевизија, реклами и други проекти.
- Започнав работејќи за „Милениум Еф-екс“ на Нил Гортон. Таму останав четири години. Тоа беше период кога „Доктор Ху“ повторно почна да се емитува на Би-би-си, а Нил ги дизајнира протезите и суштествата за него. Бев дел од тимот кој ги создаваше вонземјаните. Уште како дете го сакав „Доктор Ху“, па ми се чинеше соодветно толку важна ТВ-серија да ми биде отскочната штица во мојата кариера.
Првата соработка на Џон Мур со големи холивудски продукции и имиња била во 2010 година, кога работел за дизајнерот Дејвид Вајт на филмот „Робин Худ“ со Расел Кроу. Подоцна Мур работел за Дејвид и на други проекти што довеле до неговиот прв филм од „Марвел“ - „Капетан Америка: Првиот одмаздник“, каде што го променил изгледот на актерот Леандер Дини.
- Подоцна следуваа и други големи холивудски филмови како „Тор: Темниот свет“ и „Господарка на злото“ пред „Чувари на галаксијата“. Сакам да соработувам со Дејвид, има одлично уметничко око и е вистински перфекционист, па тоа влијае врз мене и мојата работа - вели Мур.
Фантастично, но студено и влажно искуство со „Игра на троновите“
Мур се вклучил во епската серија „Игра на троновите“ во петтата сезона, за епизодата „Хардхоум“, па од тој момент работел до крајот на серијата.
- Огромен обожавател сум на серијата и можам да кажам дека работењето со целиот тим беше фантастично, но влажно и студено искуство! На серијата работеа извонредни дизајнери, па имав можност да работам за Бари Гоуер. Атмосферата беше одлична, особено затоа што шминкерите се познаваа и буквално бевме како едно големо семејство. Се работеше долги часови, а времето во Белфаст беше доста студено и влажно, но многу се забавувавме. Имав можност и да работам на шминката на Белите шетачи, како и на рани на тимот на каскадери и статисти.
Работењето на филмовите од „Марвел“ е вистинско остварување на соништата
Работата носи свои предизвици и возбудливи аспекти. Според Мур, во голем дел од проектите може да ја покаже својата креативност и да има поголема контрола врз финалниот изглед.
- Кога работам на поголемите проекти, дизајните обично се веќе направени од друг дел од креативниот тим. Секако, можам да се вклучам во тестови за шминка, каде што можам да одлучувам за бои или какви било промени потребни за дизајнот. Сепак, за мене е задоволство работењето на филмовите од „Марвел“ и е вистинско остварување на соништата. Да се биде дел од тимот на „Дракс уништувачот“ во „Чувари на галаксијата“ е едно од моите омилени искуства. Заедно со Робин Причард, уште еден шминкер, бевме дел од тимот на секој филм на Дејв Баутиста каде што тој го глумеше Дракс. Чест ми е што за Дејв можам да кажам дека ми е навистина добар пријател и е еден од најпријателските, најдарежливите луѓе што сум ги запознал.
Тешкотиите и предизвиците ми се поттик да им помагам на луѓето кои сакаат да се занимаваат со оваа професија
Успехот не доаѓа наеднаш, а Џон Мур одлично го знае тоа со оглед на тоа што на почетокот на кариерата се соочувал со многу тешкотии и предизвици.
- На почетокот, кога се обидував да ја изградам мојата кариера, ми беше тешко бидејќи не живеев во Лондон каде што беа сместени повеќето продукции. Беше период пред интернетот, па беше потешко да се најдат информации, да се контактираат луѓе и да се купат материјали за вежбање. Најголемиот предизвик со кој сум се соочил е преселувањето во Лондон и наоѓањето на првата работа. Но, не откажувајте се затоа што ќе успеете преку умешност, решителност и малку среќа - советува Мур.
Мур секогаш се труди да им помага на луѓето кои се обидуваат да влезат во индустријата затоа што добил силна поддршка и помош за време на неговите почетоци.
- Секогаш се трудам да помогнам. Кој и да ме контактира, секогаш ќе одговорам и ќе дадам сѐ од себе да одговорам на неговите прашања. Важно е да се запомни дека не постои такво нешто како глупаво прашање и повеќе би сакал луѓето да ми ги поставуваат истите прашања по неколку пати доколку не сфатат или не разберат нешто. Важно е никогаш да не се откажувате од соништата - вели Мур.
Битола и Македонија се прекрасни
Минатиот месец на повеќе локации во Битола и околината се снимаше серијата „Ататурк“ во продукција на турската продуцентска куќа „Ланистар медиа“, во соработка со македонската продуцентска куќа „Сектор филм“. Овој проект е финансиски поддржан од каналот „Дизни+“ каде што ќе се емитува серијата.
Серијата ќе го обработува животот на светскиот револуционер и државник Мустафа Кемал Ататурк и ќе има шест епизоди.
- Иако не можам да откријам многу за серијата, можам да кажам дека сум среќен што работам со талентирани луѓе како Арас Булут Ијнемли, актерот кој го глуми Мустафа Кемал Ататурк, како и режисерот Мехмед Ада Озтекин. Патувавме низ Битола и низ неколку локации за снимање, па имав можност да видам многу. Битола е прекрасна и луѓето се топли, стекнав многу пријатели. Дефинитивно ќе се вратам повторно да ве посетам. Знам и за битолскиот филмски фестивал за кинематографија и мислам дека е важно да се продолжи со овие и други уметнички фестивали. Тие се важен начин да се едуцира и забавува локалната заедница и да се донесат интернационални таленти за да се поттикне да се донесат нови таленти во индустриите - вели Мур.