Лицата со посебни потреби во Обединетото Кралство ќе мора да работат од дома
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Луѓето со проблеми со движењето и менталното здравје ќе треба да работат од дома или ќе го загубат правото на социјален надоместок во Обединетото Кралство. Ова е нова регулатива која ќе стапи во сила неделава, а е дел од напорите на премиерот Риши Сунак да направи промени во социјалниот систем кој го опишал како „неодржлив“.
Затоа, илјадници луѓе ќе треба да бараат работа која ќе може да ја завршат од дома или може да го изгубат надоместот од 4.680 фунти годишно.
- Секако дека треба да има поддршка за луѓето во работата, но на крајот граѓаните имаат должност да работат доколку го можат тоа. Тие што можат да работат и да придонесат, треба да придонесат - вели Лора Трот, главен секретар на Министерството на финансии.
Хуманитарните организации во земјата го критикуваат овој потег на Владата.
- Нема доказ кој оди во прилог на идејата дека има работни места кои може да се работат од дома, а се соодветни за овие групи - вели Ајла Озмен од хуманитарната организација „З2К“.
- Секој треба да има право на работа доколку сака и може, но последниот потег од Владата ќе ги казнува луѓето со посебни потреби, додавајќи им уште повеќе проблеми на нивните семејства, на кои веќе им е тешко - вели Сара Вајт од организацијата „Сенс“.
Извор:
The guardian
Насловна фотографија: Pixabay