Зошто се зголемува отпорноста на лековите за туберкулоза низ светот?

Зошто се зголемува отпорноста на лековите за туберкулоза низ светот?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражување водено од хрватскиот научник Иван Барилал, кој живее во Германија, открива една важна причина поради која туберкулозата станува отпорна на антибиотици во некои делови од светот. Студијата е спроведена во Мозамбик, каде што бројот на заболени од туберкулоза е меѓу најголемите во светот. Тоа е, исто така, земја каде што има огромен пораст на бројот на случаи на туберкулоза отпорни на повеќе лекови, вклучувајќи го и главниот лек рифампицин.

Туберкулозата се смета за заразна бактериска болест на сиромашните бидејќи е силно поврзана со животниот стандард. Белодробната туберкулоза, која се шири преку кашлање, кивање и зборување, се развива во белите дробови каде што формира грануломи, групи од макрофаги и лимфоцити со некротичен центар богат со липиди кои тешко се пробиваат со лекови. Дури и ако третманот ги убие повеќето бактерии, некои сепак ќе останат во телото. Ако повеќепати се користи доза на антибиотик недоволна за да навлезе доволно длабоко во грануломите, бактериите може да развијат отпорност.

Отпорноста е најзастапена во Источна Европа и Азија, а се претпоставува дека причината за тоа е прекумерната употреба на антибиотици во 80-тите и 90-тите години на 20 век. Најголемите современи жаришта на туберкулозата се затворите поради лошите услови за живеење. Вакцината против туберкулоза е една од помалку ефикасните и е многу стара. Откриена е во 20-тите години на 20 век.

Барилар вели дека постојано се бара нова вакцина, но поради недостигот на адекватни животински модели, латентната форма на инфекција и непознатата форма на имунолошка реакција што треба да ја предизвика вакцината, не е лесно да се пронајде.

Откривање клучен проблем во дијагностицирањето

Значењето на новото истражување е тоа што покажува дека отпорноста кон рифампицин се зголемува во Мозамбик бидејќи има видови туберкулоза кои имаат мутации надвор од гените на кои се насочени тестовите за отпорност на туберкулоза.

- Со други зборови, брзите тестови не успеваат да ја откријат оваа отпорност; таа може да се открие само со секвенционирање на бактериите во целиот геном, што е многу напорно и скапо, или со фенотипско тестирање, кое кај бавно растечка бактерија како туберкулозата е процес кој одзема многу време - вели Барилар.

Поради неправилна дијагноза, антибиотскиот третман може да се примени погрешно, а тоа може да биде една од причините зошто туберкулозата развива отпорност на новиот антибиотик бедакилин. Во трудот, авторите изразуваат загриженост поради фактот дека во последните пет години, колку што се користи бедакилин, отпорноста кон него е зголемена од 3 отсто на дури 14 отсто. Барилар вели дека веќе се работи на нови тестови кои треба да опфатат регион во геномот на бактеријата кој не бил покриен со старите тестирања.

- Во теорија, тоа не е голем проблем. Но, проблемот е во примената бидејќи тоа се земји во развој кои немаат лесно достапни материјали и финансии. Кога се создава нешто ново, потребни се месеци, а понекогаш и години за да се спроведе. Затоа, првиот проблем е дијагнозата, а потоа примената на соодветна терапија. Кај резистентна туберкулоза најкратките третмани траат четири месеци, а најчесто траат од шест месеци до една година - вели Барилар.

Според СЗО, вкупно 1,6 милиони луѓе починале од туберкулоза во 2021 година, вклучувајќи 187.000 луѓе со ХИВ. Тоа е зголемување од 2020 година, кога бројот на смртни случаи од туберкулоза бил 1,3 милиони кај ХИВ-негативните и 214.000 кај ХИВ-позитивните лица.

Извор: Index
Насловна фотографија: Freepik