Деветта планета целосно би го променила нашето разбирање за Сончевиот Систем

Деветта планета целосно би го променила нашето разбирање за Сончевиот Систем

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои научници веруваат дека постои деветта планета во Кајперовиот појас што сè уште не сме ја забележале. Некои од симулациите што ги направиле научниците покажуваат дека тоа би можело да биде тело кое е 1,5 до 3 пати поголемо од Земјата.

Деветта планета на Сончевиот Систем. Тоа е како светиот грал на астрономијата, како што фузијата е светиот грал на физиката. Речиси во редовни интервали се појавуваат трудови и текстови кои го потврдуваат или негираат постоењето на планета која би променила сè во астрономијата. Па дури и хороскопот би бил сосема поинаков.

Но, шегата настрана, неодамна се појавија анализи кои даваат сѐ повеќе причини да се верува дека деветта планета во Сончевиот Систем навистина постои. Еден од застапниците на ваквата идеја е проф. Мајк Браун од Американскиот универзитет „Калтек“. Станува збор за научникот кој ја откри Ерида, тело во Сончевиот Систем кое е поголемо од Плутон, што е една од причините зошто Плутон всушност е „деградиран“ од категоријата планета во џуџеста планета. Двете тела се наоѓаат во Кајперовиот појас, прстен од небесни тела сместен надвор од орбитата на Нептун. Всушност, Кајперовиот појас е 50 пати подалеку од Сонцето отколку Земјата, а има уште еден регион што е уште подалеку, околу уште 20 пати. Бидејќи Плутон не е доминантен во својата орбита според процената на Меѓународната астрономска унија, тој не може да се смета за планета во целосна смисла на зборот. Телата во Кајперовиот појас тешко се забележуваат бидејќи се толку далеку, па не било можно да се потврди постоењето на друга планета, иако постоело сомнение поради однесувањето на телата во појасот. И тоа тело било наречено деветта планета или планета Х.

Структурата на Сончевиот Систем ја објаснува Доријан Божичевиќ, секретар на Хрватската астрономска унија. Потсетува дека во центарот на Сончевиот Систем се наоѓа ѕвездата Сонце, потоа малите карпести планети Меркур, Венера, Земја и Марс, а потоа астероидниот појас, по што следуваат четири големи планети кои ги нарекуваме гасни џинови, имено Јупитер, Сатурн, Нептун и Уран. Сепак, тоа не е сѐ и Сончевиот Систем е многу поголем од тоа.

- За мерење на растојанието во Сончевиот Систем се користи астрономската единица (ај), односно просечното растојание од Земјата до Сонцето кое е 150.000.000 км, што значи дека Земјата е на растојание од 1 ај, а осмата планета Нептун е на околу 30 aj, но гравитацијата на Сонцето достигнува дури и до 100.000 aj. По Нептун, можеме да најдеме тела кои ги нарекуваме транснептунски тела, а потоа Кајперовиот појас, кој содржи астероиди и јадра на комети со краток период. На самиот крај се наоѓа Ортовиот облак, кој ги содржи јадрата на долгопериодични комети - објаснува Божичевиќ.

Се разбира, потврдата за постоењето на деветтата планета целосно би го променила нашето разбирање за Сончевиот Систем, но и за другите планетарни системи. Како и секогаш, мислењата се различни, има и такви што веруваат дека планетата постои, а други научници самоуверено тврдат дека тоа не е така.

- Одредени астрономи го пребаруваат Кајперовиот појас повеќе од една деценија, за индикации дека таму би можело да се наоѓа поголема планета, а дебатата трае веќе 175 години. Она што укажува на постоење поголемо тело во Кајперовиот појас е тоа што сите помали тела, џуџестите планети, зад Нептун, се движат во иста насока и се приближуваат до орбитата на Нептун, иако веројатно со текот на времето ќе го напуштат Сончевиот Систем. Постои можност ваквото движење да се случи поради гравитацијата на ѕвездите блиску до нас во Млечниот Пат, но некои астрономи веруваат дека тоа се случува поради некое поголемо тело во Кајперовиот појас што сè уште не сме го набљудувале, имено деветтата планета. Некои од симулациите што ги направија научниците велат дека тоа би можело да биде тело кое е 1,5 до 3 пати поголемо од Земјата. Има научници кои веруваат дека аномалиите во движењето на џуџестите планети во Кајперовиот појас се предизвикани од исконска црна дупка која е создадена во самиот момент на Големата експлозија.

- Постојат многу теории за постоењето на деветтата планета, а потрагата продолжува додека некои астрономи тврдат дека сè уште не сме нашле доволно мали тела или џуџести планети во Кајперовиот појас за да можеме да теоретизираме и да направиме попрецизни симулации од кои би можеле со сигурност да кажеме дека таму постои некое поголемо тело кое сè уште не сме го откриле - вели Доријан Божиќевиќ.

Сомнежот за деветтата планета би можел да го реши новиот, многу помоќен телескоп „Сферекс“, кој го гради НАСА, или новиот телескоп „Вера Рубин“ кој ќе може да го сними целото небо за само три ноќи набљудување, што ќе направи да биде можно да се набљудуваат мали тела и други појави во вселената.

Астрономите предводени од Браун се на мислење дека визуелниот доказ е оти објектите зад Нептун имаат исти орбити, во однос на една точка која мора да биде планета. Според оваа група научници, мора да има тело неколку пати поголемо од Земјата кое е оддалечено од Сонцето околу 200 ај.

Извор: vecernji.hr

Фото: Freepik