Кога автомобилите имаа грамофони: Фотографии од ерата кога винил-плочите се слушаа во автомобил
Замислете како возите по автопат со грамофон што ги врти вашите омилени песни токму во вашиот автомобил.
Инспирирани од успехот на автомобилските радија, производителите на автомобили во 50-тите години се обиделе да донесат уште една домашна забава во автомобилот - грамофон.
Иако биле краткотрајни, овие фонографи во автомобилот го обележале првиот обид на автомобилската индустрија да им дозволи на возачите и патниците да си пуштаат свои музички плејлисти додека се во движење - револуционерна идеја во ерата пред касетите, цедињата или дигиталниот пренос.
Првиот рекордер за автомобил, „хајвеј хај-фај“, бил револуционерен. Развиен од д-р Питер Голдмарк, шеф на „Си-би-ес лаборатории“, рекордерот првично бил понуден како фабрички инсталирана опција во возилата на „Крајслер“. Бил дизајниран да реши фундаментален предизвик: како да ги приспособите плочите, со нивните кревки жлебови и големи димензии, на непредвидливото опкружување во автомобил во движење.
За да го решат проблемот со големината и времето на репродукција, создавачите ја забавиле брзината на грамофонот на 16 2/3 РПМ - половина од брзината на стандардниот ЛП - дозволувајќи им на плочите од 7 инчи да држат музика колку што е 12-инчен ЛП со целосна големина. Системот бил подложен на ригорозни тестирања во лабораторија, каде што постигнал одлична продукција на звукот, а подоцна бил тестиран во личниот „крајслер“ на Голдмарк.
И покрај ветувачките резултати на системот, раководителите на Си-би-ес се двоумеле дали да го поддржат проектот. Се сомневале во неговиот пазарен потенцијал и се загрижиле дека тоа би можело да ги одврати слушателите од радиопреносите - и нивните огласувачи. Како резултат на тоа, одбиле да станат дел од тоа. Не сакајќи да се откаже, Голдмарк им го претставил системот директно на директорите на „Крајслер“, возејќи го својот модифициран „крајслер“ до нивната патека во Детроит.
„Крајслер“ го усвоил системот и го пласирал како „хајвеј хај-фај“ за своите модели од 1956 година. Со цена од 200 долари - висока цена во тоа време, што е еквивалентно на 2.200 долари денес - овој дел од автомобилите претставувал уникатна и луксузна карактеристика.
Но, додека Голдмарк го дотерувал системот во својот автомобил за да го минимизира прескокнувањето, масовното производство на „Крајслер“ не успеало да го повтори ова ниво на прецизност. Системите биле инсталирани во различни возила, вклучително и моделите „доџ“ и „плајмут“. Но имало често прескокнување на плочите, фрустрирање на клиентите и сето тоа резултирало со наплив на барања за гаранција. Она што започнало како иновативен скок напред, на крајот се срушило поради неконзистентно извршување и слаба адаптација кај различните модели возила.
До 1959 година системот бил прекинат, но во „Крајслер“ не биле подготвени да се откажат од потрагата по персонализирана музика во автомобилот.
Во 1960 и 1961 година компанијата го претставила „ауто виктрола“, грамофон способен да свири до 14 стандардни синглови со 45 вртежи во минута. Иако сè уште се борел со прескокнување на нерамни патишта, системот несомнено бил подобрување.
Грамофонот се прославил кога секој член на „Битлси“, наводно, инсталирал по еден во своите автомобили, при што Џорџ Харисон е фотографиран како го користи во неговиот „јагуар“.
Сепак, капацитетот на системот за една плоча значел чести прекини, барајќи од корисниците редовно да ги менуваат сингловите за континуирана музика при подолги возења. Потоа пристигна музиката со лента, иновација што ја менува играта.
Извор: rarehistoricalphotos.com
Фото: rarehistoricalphotos.com