Која е разликата помеѓу хиперсоничен проектил и интерконтинентална балистичка ракета?

Која е разликата помеѓу хиперсоничен проектил и интерконтинентална балистичка ракета?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Откако Украина изјави дека Русија користела интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) во неодамнешниот напад, Москва појасни дека станува збор за експериментална балистичка ракета со среден дострел (ИРБМ). Цел на нападот беше градот Днипро, додека тензиите во 33-месечниот конфликт продолжуваат да растат.

Во изјава за ТВ, рускиот претседател Владимир Путин потврди дека Русија користела нов ракетен систем „Орешник“ кој носи хиперсонична опрема, додавајќи дека лансирањето било одговор на употребата на оружје со долг дострел од страна на Украина против руската територија.

Киев првично ја идентификуваше ракетата како интерконтинентална балистичка ракета врз основа на нејзината брзина и траекторија.


Клучните разлики помеѓу хиперсонични проектили и интерконтинентална балистичка ракета

И хиперсоничните проектили и интерконтиненталните балистички ракети претставуваат најсовремена воена технологија, но тие се дизајнирани за различни цели и работат со различни механизми.

Хиперсоничните проектили се познати по нивната исклучителна брзина, од над 5 мах (петпати поголема од брзината на звукот) и нивната способност да маневрираат сред лет, што ги прави неверојатно тешки за откривање и пресретнување. Интерконтиненталните балистички ракети постигнуваат слични брзини, но следат балистичка траекторија со висок лак, со ограничено маневрирање за време на нивното спуштање.

Кога станува збор за носивост, интерконтиненталните балистички ракети првенствено се користат за испорака на нуклеарни боеви глави на огромни интерконтинентални растојанија. Многу од нив се опремени со воената технологија наречена МИРВ (Multiple independently targetable reentry vehicle MIRV), со која проектилите се опремуваат со неколку боеви глави, па може да се погодат неколку цели одеднаш при лансирање на само една ракета.

Од друга страна, хиперсоничните проектили често се распоредени за прецизни напади врз клучни цели и можат да носат или конвенционални или нуклеарни боеви глави.

Извор: Newsweek.com
Фото: Wikipedia