Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација: Вакцината против Ковид-19 се препорачува и за луѓето што се излекувале од болеста

Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација: Вакцината против Ковид-19 се препорачува и за луѓето што се излекувале од болеста

Подготвил: Елица Бочваровска

Лектор: Ивана Кузманоска

Препораките се и оние што веќе еднаш прележале Ковид-19 да се вакцинираат, бидејќи и покрај тоа што ја прележале болеста, не секогаш имаат доволно високо ниво на заштитни антитела. Со вакцината се обезбедува висок имунолошки одговор и организмот подолго време е заштитен. Ова го препорачуваме бидејќи и во практика видовме меѓу здравствените работници дека еднаш ја прележале болеста со полесни симптоми, а потоа повторно се разболеа, но со поголеми последици, вели во интервјуто за Факултети.мк, Александра Грозданова, професор на Фармацевтскиот факултет и претседател на Комитетот за имунизација

Обезбедени се средства за набавка на вакцини против Ковид-19 со кои, според најавите од Министерството за здравство, треба да се вакцинираат 400 илјади луѓе, а први вакцината ќе ја примат здравствените работници. Како е планирано да се одвива вакцинацијата?

- Според препораките од Светската здравствена организација, секоја земја си прави приоритети за тоа како ќе ја спроведе имунизацијата бидејќи секоја земја е различна. Планирано е вакцинацијата да почне од здравствените работници, притоа оние што се најизложени, односно што работат во ковид-центрите, како и оние што работат на дијагностика, а понатаму сите здравствени работници. Решивме први да ги вакцинираме здравствените работници бидејќи и тие заболуваат од Ковид-19, а треба да обезбедиме здравствениот систем да функционира. Дури и оние што се со лесни симптоми мора да отсуствуваат од работа, а тоа се чувствува особено сега кога има повеќе заболени.

По нив вакцината треба да ја примат сите граѓани со хронични болести, како што се респираторни, кардиолошки и малигни заболувања. И за оваа вакцина, како и за сите други, важи правилото дека тој што ја прима треба да биде во добра општа здравствена состојба. Тоа значи дека вакцината не може да ја примат луѓе со хронични болести на кои болеста има е во акутна фаза, а таа процена ќе ја прави лекарот, исто како и за вакцината за грип. Така, на пример, ако некој има астма и таа е во акутна форма, нема да ја прими вакцината, истото важи и за кардиолошките и за малигните болести.




Проф. Александра Грозданова

Потоа следуваат повозрасните граѓани бидејќи и од досегашното искуство при заболување со Ковид-19 кај нив се јавуваат повеќе компликации и, за жал, има и многу починати. Во четвртата група планирана е вакцинација на оние служби што се најдиректно изложени на поголема комуникација со граѓани, како што се полиција, пожарникари, луѓе што работат во неопходната логистика.
Важно е дека ние нема да организираме масовна вакцинација како што најавија дека ќе прават Велика Британија и САД. Вакцинацијата ќе оди постапно и по приоритетни групи. Граѓаните ќе се вакцинираат во здравствените домови и ќе ги искористиме постојните здравствени капацитети. Ќе се организира преку систем на закажување, а ќе треба да ги вклучиме и матичните лекари. Здравствените работници ќе се вакцинираат на нивните работни места. Вакцината не е задолжителна и граѓаните и здравствените работници ќе имаат можност да се изјаснат дали сакаат да ја примат.

Според информациите од производителот, вакцината треба да се чува на ниски температури, а беше најавено дека се обезбедени фрижидери за нејзино чување. Објаснете како ќе се одвива процесот на вакцинација?

- Една од вакцините што ги очекуваме, тоа е вакцината на „Фајзер“, треба да се чува на температура од -70 Целзиусови степени, за што веќе се обезбедени фрижидери кои се донација и кои ги очекуваме следниот месец. Другата вакцина на „Астра зенека“, која исто така ја очекуваме, се чува на температура од -20 Целзиусови степени. Сите количини на вакцината нема да стигнат одеднаш, туку како што ќе се распределуваат рамномерно преку КОВАКС-механизмот, така и ќе ги добиваме, така што нивното депонирање нема да биде проблем. Тие на олку ниска температура треба да бидат само при складирање, а по вадење од овие фрижидери може да се користат од три до пет дена на температура од 2 до 8 степени, а такви услови веќе има во здравствените домови и нема да има проблем при вакцинацијата.

Дали вакцината ќе може да ја примат лица што веќе заболеле од коронавирусот и по колку време од излекувањето?

- Препораките се и оние што веќе еднаш прележале Ковид-19 да се вакцинираат, бидејќи и покрај тоа што ја прележале болеста, не секогаш имаат доволно високо ниво на заштитни антитела. Со вакцината се обезбедува висок имунолошки одговор и организмот подолго време е заштитен. Ова го препорачуваме бидејќи и во практика видовме меѓу здравствените работници дека еднаш ја прележале болеста со полесни симптоми, а потоа повторно се разболеа, но со поголеми последици. Имаше и прашање меѓу нас дали ќе се испитува серологија, односно дали некој веќе е заразен од вирусот и како асимптоматски дали може да се вакцинира. Вакви испитувања не се препорачани од СЗО и при вакцинација нема да се прави тестирање дали некој го има вирусот или не, односно дали е асимптоматски носител. Ако е во добра општа здравствена состојба, може да ја прими вакцината. Кај оние кај кои се развила болеста, не може да се дава вакцината.

Во меѓувреме граѓаните се вакцинираат со вакцината за грип, колку време по примањето на оваа вакцина може да ја примат вакцината против коронавирусот и како тоа влијае врз оние со хронични или други заболувања?


- Вакцината за инфлуенца не треба да се поврзува со Ковид-19 и таа не штити од овој вирус. Во принцип, меѓу примање на вакцината против инфлуенца и вакцината против Ковид-19 треба да помине еден месец. Кај нас тоа нема да биде проблем бидејќи вакцинацијата за грип ќе ја завршиме до крајот на годината. Вакцинацијата за Ковид-19 не можам да кажам кога точно ќе почне бидејќи ги чекаме вакцините, но секако тоа би било дури во февруари. Прецизно ќе се закажуваат вакцинирањата преку здравствените домови, бидејќи најголем дел од вакцините што ги очекуваме преку КОВАКС-механизмот се даваат во две дози. Во КОВАКС-механизмот има девет вакцини, тука се и германската, руската и кинеската вакцина, и преку него може да добиеме и од другите вакцини, не само од овие две што беа најнапред во одобрување за употреба. По примање на првата доза, втората доза кај дел од вакцините се дава по 21 ден, а кај други втората доза се дава по 28 дена.

Оваа вакцина не е препорачана за децата, зошто?
 
- Оваа вакцина не е препорачана за децата бидејќи тие не се во ризична група и нивниот природен имунитет дава подобар одговор на болеста. И од она што се случува во светот, но и кај нас, децата дури и да заболат од Ковид-19, минуваат со лесни симптоми. Оваа вакцина не се препорачува ниту за деца ниту за бремени жени бидејќи нема клиничка студија како таа би влијаела врз нив.

Деновиве излегоа информации од искуствата во Британија дека по приемот на вакцините се јавиле алергиски реакции. Имате ли информација зошто и кој не треба да ја прима вакцината?

- Она што дојде како информација е дека во принцип кај луѓето што ја примиле вакцината се јавила алергиска реакција на некоја од компонентите на вакцината со дерматолошки манифестации. За вакцината на „Фајзер“ знаеме дека е високоимуногена, на местото на апликација се јавува блага болка, симптоми кои траат неколку дена како да добиваш грип, но други компликации нема. Затоа, при вакцинацијата ќе се прават анкети дали луѓето се алергични на некоја од компонентите на вакцината и за секој индивидуален случај лекарот ќе врши процена.



Информациите за безбедноста на вакцината постојано се менуваат, а кај поголем дел од населението веќе има отпор кон вакцинацијата. Меѓу забелешките се дека е премногу кусо времето за клинички испитувања, дека вакцината е правена со технологија која досега не е применета за производство на вакцини и дека се користи рибонуклеинска киселина - РНА од вирусот и стравуваат од можно влијание во генетската структура. Како ќе ги убедите граѓаните дека таа е безбедна?

- Очекувано е дека ќе има отпор и дека ќе има многу прашања бидејќи е сосем нова вакцина и времето за испитување е навистина кусо. Очекувавме дека и здравствените работници ќе имаат резерви и ќе прашуваат, но има интерес и од граѓани што не се во приоритетните групи да ја примат вакцината. Во случајот за вакцината на „Фајзер“, која користи РНА, точно е дека оваа технологија првпат се употребува во производство на вакцини, но таа претходно се користеше во производство на лекови. Важно е дека РНА од вакцината не може да навлезе во нашата човечката ДНК и не може да влијае врз генската структура. Ова се и стручни прашања, кои јавноста и не може да ги разбере и секако е важно да има правилни информации.
Во случајот ние сме во предност бидејќи со вакцината на „Фајзер“ веќе почна вакцинацијата во Велика Британија и во САД и додека да дојде кај нас и да почнеме со имунизација, ќе имаме и повеќе информации.
Важно е да се каже дека досега ниту една вакцина што се користи против коронавирусот не е одобрена од Европската медицинска агенција - ЕМА. Американската агенција за храна и лекови -ФДА минатата недела даде дозвола за итна употреба на вакцината на „Фајзер“ и таму почнаа со масовна вакцинација бидејќи имаат и многу заболени. Претходно ФДА даде дозвола за употреба на лекот „ремдесивир“ за лекување на Ковид-19, но потоа ја повлече.

Франција, пак, најави дека нема да почне со вакцинација до април, Англија под притисок на јавноста, оти имаат многу заболени и многу смртни случаи, почна со вакцинација. Важно е да не брзаме бидејќи Европската медицинска агенција кон крајот на овој месец ќе има состанок и ќе одлучи кои од вакцините што веќе ги има ќе ги одобри. На Исток почнаа вакцинација со руската вакцина „Спутник“, во Азија се вакцинира со кинеската вакцина од „Синофарм“. Покрај тоа што очекуваме вакцини преку КОВАКС-механизмот, ние почнавме и директни преговори со „Фајзер“ и „Астра зенека“ за дополнителни количини.


Министерството неодамна предупреди граѓаните да не користат лекови за Ковид-19 за кои не е докажано дека ја лекуваат болеста. Имаме голем број заболени и починати, па луѓето користат лекови кои се за грип и прашуваат зошто не се дозволи употреба на други лекови во терапијата за кои се тврди дека го зголемуваат бројот на излекувани пациенти. Ќе има ли некакви промени овде?

- Нема клиничка студија која покажува дека некој од досега постојните лекови може да се користи како профилакса против коронавирусот, освен општите препораки за да се одржи имунитетот на високо ниво, како што се витамини и суплементи кои и досега се користеле. „Фавирата“, кој е антивирусен лек, и „ивермектинот“, кој е лек против паразити, ги даваат во првите денови од инфекцијата пред да почне репликацијата на вирусот со надеж дека така ќе ја запрат таа репликација. Не се препорачува овие лекови да се користат за лекување на Ковид-19 бидејќи нема студија која покажува дека тие навистина дејствуваат.

Што ќе им порачате на граѓаните додека да дојде вакцината?


- Апелирам да се почитуваат мерките, да се носат маски, да се одржува дистанца и хигиена, да нема групирања. Дури и веднаш да почне вакцинацијата, нема да може да даде резултат и нема веднаш да се намали бројот на заразени. Кај нас бројот на заразени во споредба со другите земји е приближно ист, но кај нас смртноста е многу голема, па затоа е неопходно да се почитуваат мерките.