Живот во влага и мувла, клозети од гипс-картон, нефункционалност на котлите во домот „Стив Наумов“. Поради неквалитетни материјали, се трошат буџетски пари за едни исти намени

Живот во влага и мувла, клозети од гипс-картон, нефункционалност на котлите во домот „Стив Наумов“. Поради неквалитетни материјали, се трошат буџетски пари за едни исти намени

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2008 година, иако е направена комплетна реконструкција на зградата 1, констатирани се низа пропусти: несменет азбест на покривот, поставување подови врз паркет, санитарни јазли изведени од гипс-картон, нефункционалност на котлите, поради што корисниците се соочуваат со проблем за топла вода, необложена инсталација и губење на топлината, стои во извештајот на ревизорите

Иако во периодот од 2008 до 2015 година биле реновирани сите објекти што се дел од студентскиот дом „Стив Наумов“, условите за живот во нив се несоодветни, по што се јавила повторно потреба да се реновираат, што, пак, е трошење на буџетски пари за истата намена, констатирале државните ревизори.

Во последниот нивен извештај со наслов „Конечен извештај за извршена ревизија на дел од елементите на финансискиот извештај, биланс на приходи и расходи и ревизија на усогласеност за 2019 година на Министерството за образование и наука (МОН)“, наведено е дека има слабости во начинот на дефинирање на програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, студентски и ученички домови, како и отсуство на пишана процедура со критериуми за избор на објекти во однос на нивната потреба од инвестициони вложувања.
Пред две години раководството на студентскиот дом „Стив Наумов“ преку допис го известило Министерството за образование и наука дека поради застареност на објектите на студентскиот дом (зграда 1, зграда 2 и зграда 3), потребна е нивна реконструкција, и покрај тоа што Министерството во периодот од 2008 до 2015 година за истата намена има инвестирано дури 142.305 илјади денари.




- Во 2019 година одговорните лица во Министерството имаат извршено увид во состојбата на објектите на студентскиот дом за да се утврди потребата од нивна реконструкција и е констатирано дека тие се во лоша состојба поради неквалитетно изведување на градежните работи во однос на претходно извршените реконструкции на зграда 1 и зграда 2. Во 2008 година, иако е направена комплетна реконструкција на зградата 1, констатирани се низа пропусти: несменет азбест на покривот, поставување подови врз паркет, санитарни јазли изведени од гипс-картон, нефункционалност на котлите, поради што корисниците се соочуваат со проблем за топла вода, необложена инсталација и губење на топлината - стои во извештајот на ревизорите.

Во однос на зграда 2, продолжуваат ревизорите, чија реконструкција се реализирала до 2010 година, опфатени биле градежни работи за реконструкција на простории со цел да се постават санитарни тоалети во секоја соба со затворање на тераси и реконструкција на заеднички бањи на секој кат.

- Од извештаите дадени на увид, поткрепени со фотографии, видно е дека работите не биле изведени согласно одредбите од член 29 и 36 од Законот за градење, со што објектот за краток период е доведен во многу лоша состојба, несоодветни услови за живеење, големо присуство на влага и појава на мувла. Изведување на работите без соодветни долгорочни решенија, примена на градежни материјали без соодветен квалитет и гаранција од повеќе години и нефункционални решенија, доведува до неквалитетно изведување на градежните работи, поради што за неколку години се јавува потреба од повторна реконструкција на реновираните објекти и трошење буџетски средства за истата намена. Во однос на недостатоците во изведбата на градежните работи за втората машка зграда, Министерството води судски спор, за кој сè уште не е донесена конечна одлука - се додава во извештајот.

Инаку, во периодот од 2008 до 2015 година, за реконструкција на прва машка зграда биле потрошени 21.365 илјади денари, за реконструкција на втора машка зграда - 25.204 илјади денари, а за изградба на нови објекти - павилјонски систем на местото на старите бараки - потрошени се 73.000 илјади денари. Како што информираат ревизорите, за изведба на инфраструктурна мрежа на локација на студентскиот дом, за потребите на новите објекти, вложени се 16.809 илјади денари, а за приклучување на објектите на електродистрибутивна мрежа, за новите објекти - 851 илјада денари. За опремување на новите објекти, потрошени се 5.075 илјади денари.




Медицинар не се гради зашто нема градежна дозвола

Во 2015 година властите најавуваа дека на местото на старите дотраени бараки на домот „Невена Георгиева-Дуња“ (Медицинар) ќе се гради нов студентски дом од цврста градба во кој ќе живеат студенти. Но, ревизорите во нивниот последен извештај навеле дека за тој објект уште нема одобрение за градба, па затоа, пет години подоцна, таму не се започнати никакви градежни активности.

- За изградба на „Невена Георгиева-Дуња“, по спроведена постапка за јавна набавка, во 2016 година е склучен договор согласно техничките спецификации за дел 1 од тендерската документација. Средствата се обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука од програма Т, потпрограма ТК, ставка 482 други градежни објекти, и тоа за 2017, 2018 и 2019 година. Договорот за изградба е склучен во вредност од 203.432 илјади денари, во времетраење од две години и рок за изведување на работите две години, сметано од денот на воведувањето во работа, но изградбата воопшто не е започната поради необезбедени документи за добивање дозвола за градење - пишува во извештајот на ревизорите.
Имено, како што е наведено, Град Скопје има дадено позитивно мислење за доставениот архитектонско-урбанистички проект, врз чија основа Министерството за транспорт и врски издало потврда за заверка на архитектонско-урбанистичкиот проект.

- Врз основа на негативниот одговор од Министерството за внатрешни работи, Град Скопје има донесено решение со кое го одбива барањето на Министерството за образование и наука за утврдување на режим на сообраќај на дел од крак на ул.2 во Скопје за изградба и приклучок на објект СД „Невена Георгиева-Дуња“ во комплексот Клинички центар, поради што не е добиено одобрение за градба. Негативното мислење од градот Скопје за елаборатот за сообраќаен режим е во противречност со позитивното мислење за архитектонско-урбанистички проект. Склучувањето на договорот за изградба на објект без претходно обезбедена дозвола за градење го оневозможува започнувањето на градежните активности, со што Министерството не е во можност да ги исполни обврските од договорот и истото создава ризик другата договорна страна да бара надомест на штета, предвидено со член 54 од договорот - е нагласено во извештајот.