Проф. д-р Дуев: Филозофски факултет згаснува

Проф. д-р Дуев: Филозофски факултет згаснува

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Почнуваме да се соочуваме со сериозен проблем во реализацијата на наставата поради долгогодишното неодобрување на годишните планови за вработување наставници и административни работници, предупредува деканот.


Проф. д-р Ратко Дуев е долгогодишен декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој за Факултети.мк укажува за недостигот на нов кадар на факултетот, како и за потребата од нови вработувања. Дуев потсетува дека минатата година факултетот одбележа еден век постоење и дека институцијата опстанала во кризи, непогоди, војни и пандемии, за сега во сопствената држава да се соочува со немање професори, асистенти, секретар, архивар, референти и хигиеничарки.

Нема да можеме да изведуваме настава

Состојбата со нови вработувања на многу факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а особено на Филозофскиот факултет, е повеќе од драматична, потенцира деканот.

- Почнуваме да се соочуваме со сериозен проблем во реализацијата на наставата поради долгогодишното неодобрување на годишните планови за вработување наставници и административни работници. Иако со Законот за високо образование донесен во мај 2018 година ни е гарантирана автономијата, сепак, без финансиска и кадровска автономија таа е сведена на декларација. До последното читање на новиот закон во Собранието стоеше дека се овозможува слободно користење на сопствените средства без согласност од Министерството за финансии и одобрување годишни и квартални финансиски планови, имаше и член 11 за кадровската автономија, за враќање на правото единиците без согласност од Министерството за финансии да распишат оглас за вработување за испразнето работно место поради престанок на работен однос на вработеното лице, но тие исчезнаа во усвоената верзија на предлог-законот. Прашањето е зошто? - вели Дуев.

Опстоивме во кризи, денеска згаснуваме

Минатата година одбележавме еден век од нашето постоење, опстанавме во кризи, непогоди, војни и пандемии, за сега во сопствената држава Филозофскиот факултет со години да се соочува со немање асистенти,
секретар, архивар, референти и хигиеничарки, реагира деканот Дуев.

- Со заминување во пензија во последните години, бројот на наставен кадар е намален од 122 на 102 наставници. Нема темпо, туку само „слободен пад“ во згаснување. Оваа година конечно добивме согласност за двајца наставници, четворица асистенти и четворица административни работни на определено време од Министерството за финансии до крајот на годинава. Но што се случи? Измина годината, а тие не се реализирани - нагласува деканот.

Од факултетот доставиле многу барања до највисокиот државен врв, Министерството за образование и наука, дека согласноста е, како што тврди Дуев, спротивна на Законот за високо образование и новиот колективен договор меѓу МОН и СОНК, што министерката Мила Царовска го потпишала.

- Министерството за финансии усвои дел од нашите барања, позитивно е одобрувањето средства за капитални инвестиции кои во голема мера помогнаа за решавање на инфраструктурните проблеми на факултетите по долг период на доделување финансиски средства. Но, согласноста за четири вработувања во администрацијата, одобрена од МФ на определено време, од нејасни причини МОН не ја проследува до нас, што е само техничко проследување и евиденција во одделот за финансии во МОН. Направени се многу дописи и обиди преку официјални лица, но за возврат добивме долгомесечен молк - реагира Дуев.
Дали е ова реваншизам за ставот на Филозофски за Концепцијата?

Иако министерката е наш поранешен студент, учена дека најголеми цивилизациски придобивки се демократијата во општеството и автономијата во образованието, неофицијалниот одговор е дека за Филозофскиот факултет нема да има ништо, потенцира Дуев.

- Не би сакал да верувам дека ова е предизвикано од ставот на наставно-научниот совет дека Концепцијата за основно образование треба да биде ревидирана поради одредени пропусти. Слична е состојбата и со другите факултети на УКИМ што имаа забелешки за Концепцијата. Автономија и демократија? Но, факултетот преживеал големи непогоди, нашето искуство нѐ научи да ги преживееме и неприликите предизвикани од нашите поранешни студенти, кои во текот на своето студирање или ги испуштиле лекциите за демократија или, пак, ги заборавиле - вели Дуев.



Ако нема луѓе, нема квалитет


Квалитетот на наставата е врзан и со човечкиот капацитет на факултетите. Добро е што УКИМ сѐ уште се рангира на светските листи во состојба на нула нови вработувања и нула инвестиции во науката, вели Дуев.

- За споредба, универзитетите во Ниш и во Нови Сад се повисоко рангирани на Шангајската листа од УКИМ. Ако ги споредиме Филозофскиот факултет во Ниш со Филозофскиот факултет во Скопје, на кој најголем дел од професорите своето научно звање во минатото го стекнале на УКИМ, со двапати помалку студиски програми има двапати поголем број вработени.
За споредба, на програмите по социологија и психологија се вработени 44 наставници и асистенти, а на истите програми во Скопје се вработени 20 наставници. Покрај тоа, наставниците добиваат финансиска помош од државата Србија за научноистражувачки проекти, индексирање научни списанија, објавување во списанија со импакт-фактор и нови вработувања за зголемување на капацитетите. Не знам како да се споредиме со овие податоци бидејќи ние со децении ги немаме. Се рангираат објавените статии, книги, проекти. Како 20 наставници да остварат ист резултат со 44 наставници? Ако пишуваат, истражуваат и работат двојно повеќе, повторно резултатите ќе бидат помали од тие на колегите од Филозофскиот факултет во Ниш. Математиката е очигледна - додава тој.

Не профункционира Националниот совет

Дуев потсетува дека со новиот закон беше предвидено да има Агенција за квалитет, која се формирала дури три години по донесување на Законот.

- Не профункционира ниту Националниот совет кој е надлежен за овие прашања. Квалитетот со децении наназад не е цел во нашата држава. Но од погоре споменатото, јасно е дека без човечки ресурси, поголеми инвестиции во науката и научната инфраструктура, целосна автономија на универзитетите, поимот „квалитет“ ќе остане на ниво на теорија, концепција и дел од многубројните стратегии за кои се потрошени големи финансии во изминатите децении, но без реализација на акционите планови и без поднесен извештај до даночните обврзници во нашата земја зошто се потрошени народните пари и што доби нашето општество од нив - завршува Дуев.

МОН: Годинава има 151 согласност за ангажман на кадар на УКИМ

МОН е во постојана комуникација со сите високообразовни установи и заедно со нив ги утврдуваме бројките на кадар, наставен и технички, што недостига во секоја единица и сите поднесени барања за вработувања од нивна страна веднаш се проследуваат до Министерството за финансии, од каде што се добиваат согласности за работните места, односно за ангажирање на кадарот, тврдат во МОН.

- Вкупно 151 согласност во 2021 година ce доделени само на УКИМ за ангажирање кадар од секаков вид. Оваа политика на поддршка на високообразовните установи, особено од аспект на обезбедување кадар, но и од аспект на подобрување на условите особено во делот на лабораториите, како и финансирањето научноистражувачки проекти, ќе продолжи и во иднина. Во насока на создавање подмладок кој ќе се занимава со наставна и научна дејност, годинава првпат воведовме стипендии за докторски студии, а по 10 години ги вративме и стипендиите за постдипломски студии за студенти кои ќе се запишат во области за кои постои дефицит на кадар - велат оттаму.