Од музејот на Есма остана уште да се срушат ѕидовите и тоа е срамота, вели Елеонора, единствената ќерка на кралицата на ромската музика
Состојбата на музејот кажува сѐ! Кажува колку се грижиме за ликот и делото на Есма. Таа не заслужи такво нешто... Јас сум разочарана во тој поглед! Уметник како Есма, со еден куп признанија и награди, да доживее такво нешто е навистина голем срам за државата. Ништо нема останато од музејот, останува уште ѕидовите да се срушат. Сѐ е однесено, украдено, дури и прозорците се откорнати, посочува Елеонора.
Неодамна беше одбележана 7-годишнината од смртта на кралицата на ромската музика, Есма Реџепова. Седум години подоцна зад неа останаа голем број музички остварувања, 48 деца и спомен за музичката кралица, кој се негува многу кревко, толку многу што и куќата која таа ѝ ја остави на државата е оставена на крадците. Разочарувањето од тоа е најголемо кај децата на Есма, кои сега се распослани низ светот и се трудат колку што е можно повеќе да ја афирмираат ромската култура и музика.
За тоа разговаравме со единствената ќерка на Есма, Елеонора Бони, која сега живее во Белгија и неодамна таму отвори невладина организација.
- Седум години без тебе, тешко е! Останаа само убавите спомени со тебе и незаборавни моменти на кои многу често се навраќам. Ти благодарам за сѐ што направи за мене! Јас останав да чекорам по патот што ти ми го покажа, затоа и се борам колку што можам да се споменува и велича твоето име и дело. Ти го заслужи тоа - напиша Елеонора.
И по седум поминати години, таа сѐ уште жали по нејзината мама Есма.
- Ми недостигаат нејзината топлина и енергија, искрена љубов, нејзиното отсуство во мојот живот остави голема празнина, јас изгубив трет родител - ни изјави Елеонора Бони.
Во вилата на мама Есма секогаш имаше семејна хармонија
Елеонора ни сподели дека најубавите спомени во животот ѝ се од Есма и со Есма.
- Во вилата на мама Есма секогаш имаше семејна хармонија, исполнета со радост, смеа и моменти кои никогаш нема да ги заборавам. Научив многу од неа, не само за музиката, туку воопшто и за животот и за вистинските вредности. Среќна сум што ја имав таа чест да бидам покрај неа, имаше што да се научи од неа - истакнува Елеонора.
Есма Реџепова остави богато наследство зад себе, особено во ромската музика. За тоа сведочи и 55-годишната кариера исполнета со многу успеси, песни, евергрини, незаборавни дела... Голем е бројот на луѓе што ѝ се восхитуваат, од обични лица до големи имиња.
- Таа ми беше идол уште кога бев многу мала. За мене беше и остана една од најголемите уметници што ги имаме не само во нашите простори, туку и надвор од Македонија. Таа беше комплетна во секоја смисла, имаше на што да се восхитуваш - додава Елеонора.
На прашањето дали денес соодветно се негува и уважува споменот на Есма на државно ниво и дали треба да се посвети поголемо признание и внимание за наследството на Есма, таа вели:
- Состојбата на музејот кажува сѐ! Кажува колку се грижиме за ликот и делото на Есма. Таа не заслужи такво нешто... Јас сум разочарана во тој поглед! Уметник како Есма, со еден куп признанија и награди, да доживее такво нешто е навистина голем срам за државата. Ништо нема останато од музејот, останува уште ѕидовите да се срушат. Сѐ е однесено, украдено, дури и прозорците се откорнати - посочува Елеонора.
Нејзината куќа, која се наоѓа во близина на Скопското кале, пропаѓа. По неколкуте грабежи, во неа нема останато ништо од личните работи на Есма и Стево. Есма со тестамент ѝ ја остави куќата на државата Македонија, со желба таа да биде музеј или спомен-куќа каде што луѓето ќе се сеќаваат на неа и на нејзиниот сопруг. Но поради судски спор, никој не се јавува надлежен да го реши проблемот.
Невладина организација со името на Есма
Елеонора со својот сопруг во 2020 година отвори невладина организација во Белгија и од преголема почит кон Есма ја нарече „ЕСМА- Карфур де култур“ (ESMA- Carrefour de cultures).
- Од неодамна имаме свој локал во Брисел и работиме на различни проекти и активности поврзани со промовирање на ромската и балканската култура. Нашата организација често организира концерти и настани каде што настапуваме ние како „Есмас бенд некст џенерејшн“ со лидерот на бендот Симеон Атанасов. На таквите настани се пеат песните на мама Есма, се трудам максимално да се негува нејзиниот стил на музика и ја продолжуваме традицијата - таму каде што застана таа. Правам сѐ што е во моја моќ да не се заборави нејзиниот спомен и се трудам да го одржувам тоа на ниво кое ѝ прилега - вели Елеонора.
Организацијата ЕСМА засега не се занимава со хуманитарни цели и активности, но во иднина сакаат да добие и хуманитарен карактер кој силно го опишуваше ликот на Есма.
- Убаво е да им се подаде рака на оние што немаат. И мене ми подадоа рака кога немав, па многу добро знам што значи тоа! Годинава сме зафатени со активности кои се поврзани со театарска претстава која треба да се одржи во мај 2024 година и јас треба да бидам дел од неа, се зборува за ромската култура и традиција и колку е всушност тешко да се биде во исто време Ромка, жена и пејачка. Есма го помина тој трнлив пат, а јас сѐ уште се борам со тоа, но за жал, традициите и предрасудите сѐ уште се тука - вели Елеонора.
Предност беше да си единствена ќерка
Сепак, таа е среќна што имала од кого да учи. Есма ѝ била ѕвезда водилка во животот.
- Тоа што имав среќа да растам покрај неа и да се изградам во една зрела личност, лично мене ми беше од помош. Искуството и знаењето што ми го пренесуваше таа и ден-денес ми служат и многу сум ѝ благодарна за тоа! Јас немам сестри, единствено девојче сум од 48. деца на Есма, другите 47 се машки, што за мене беше голема предност. Сега сите имаат свој живот, распространети сме насекаде низ светот, но повеќето од нив се занимаваат со музика. Имаме контакт секогаш кога ќе ни се отвори шанса. Но, со Симеон Атанасов, мојот сегашен менаџер и композитор, сум најблиска. Сега сме зафатени со издавање на мојата нова песна како Малиша и можам да најавам еден нов почеток за мене по големата пауза што ја направив од 2019 година. Малиша се враќа на сцената - навестува Елеонора.
Кралицата на ромската музика - Есма Реџепова-Теодосиевска почина на 11 декември 2016 година, на 73-годишна возраст. Во текот на својата кариера има остварено повеќе од 12.000 солистички концерти и има издадено 15 албуми.