Вакцина против коронавирусот најрано за една година
Развојот на вакцината против новиот тип коронавирус ќе трае најмалку една година, соопшти синоќа Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ).
Бројот на пациенти заразени со вирусот во Кина вчера достигна 517, а 17 лица досега починаа, соопштија кинеските здравствени власти.
Директорот на ГАВИ, Сет Беркли, изјави дека стручњаците не знаат доволно за епидемиологијата на новата болест за во овој момент да може квалитетно да се процени ризикот од неа.
- Добрата вест е дека сите научници веќе го секвенционираа и објавија геномот на вирусот, што овозможи неколку организации во светот да почнат да работат на вакцината - рече Беркли за агенцијата ДПА.
Вакцините што штитеа од коронавируси е многу поедноставно да се развијат од оние за болестите како маларија или ХИВ, додаде тој.
Сепак, ќе бидат потребни месеци пред да се спроведат вистински клинички испитувања и најмалку една година пред вакцината да може да биде достапна за употреба, додаде тој.
ГАВИ е непрофитно партнерство кое соработува со владите, деловните луѓе, Светската банка, хуманитарните организации и невладини организации за да ги исполни целите за вакцинирање.
Во меѓувреме, кинеското министерство за транспорт денеска го откажа целиот автобуски и траектен сообраќај со градот Вухан поради епидемијата. На автобусите и траектите што веќе тргнеле кон Вухан министерството им наредило веднаш да се вратат.
Министерството ги повикува сите компании чии автобуси минуваат низ Вухан веднаш да ги приспособат своите маршрути и да го заобиколат градот, истакнувајќи дека на патниците не треба да им се дозволи да влезат во тој град, пренесуваат британските медиуми.
Извор: МИА