И тогаш се занесувавме со реформи во образованието. И тогаш се занесувавме дека можеме нешто да промениме. Се сеќавам, на испит од патофизиологија се полагаше прво тест, на кој погрешните одговори носеа негативни поени. А јас „благонадежен“ претседател на Сојузот на студенти, „јуначка“ борба водев низ органите на факултетот. Пишувавме петиции да се укинат негативните поени... и успеавме! Тоа ме чинеше осумка на патофизиологија, за на крај да дипломирам со просек 9
Од временска дистанца од речиси половина век кога ќе побараат од вас да ги евоцирате студентските денови, тоа станува „невозможна мисија“. Едноставно, како најголем дел од тој период од животот да е запретан под пластови од подоцнежните години, со ваква носталгија во зборовите д-р Драган Даниловски, професор по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Скопје, се присетува на неговата студентска приказна.
Иако изминатиот период, со оглед на состојбата со Ковид-19, тој е во фокусот на јавноста и постојано е ангажиран со подготовка на анализи и истражувања, сепак, успеавме да му украдеме малку време за да ни раскаже каков бил како студент.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со
„Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.
Во студентските денови
Првин се зачуди зошто некој би се интересирал за неговите студентски денови и на шега нè праша дали сме сигурни дека сакаме да зборуваме за период од пред половина век. Но, нашиот интерес подлабоко да прочепка по сликите од тоа време му создаде една писателска нишка на изразување.
- И тоа предизвикува блага нервоза... и растажува по малку. Некои слики од тоа време, по повеќе обиди, почнуваат да ѕиркаат од длабочините на полусвесното, ама мошне заматени... обвиени со патина на едно дамнешно време. И се раѓа инает! И револт! Можно ли е половина век да помина како еден блесок!? И толку многу да ги засени деновите на најубавата младост? - почна да раскажува професорот.
Даниловски на 20 години со родителите и со сестра му Билјана
Даниловски е роден во 1953 година во Белград. Основно и средно образование завршил во Скопје, а студиите ги продолжил на Медицинскиот факултет. Не потекнува од докторско семејство. Татко му бил офицер, а мајка му учителка, но уште од мал имал интерес за медицината, во што и родителите безрезервно го поддржале.
Даниловски на 25-годишна возраст
Булгаков како инспирација
Од оваа дистанца, вели дека доколку не би бил професор и доктор, би бил сликар, зашто и сега активно слика, и тоа најчесто масло на платно. Дури се има насликано и себеси на автобиографски портрет од младоста.
- Морам да ги откопам, морам да ги оживеам, морам да ги разбуричкам сеќавањата. Не толку заради зборот, даден да споделам интересни моменти од тоа време, туку заради себе! Човек без спомени е жив мртовец, зомби, „вејка на ветрот“. Од каде па ми текна сега на култниот текст на Чашуле!? Не, јас одолеав да не ме оддува ветрот во туѓина... Таму бетер би било... Перманентен статус на „вејка“, „дошљак“, бележан... Ние овде, во тоа време, имавме идеали! Некој „загрижен“ сега ќе рече, погрешни биле... испрани ни биле мозоците... Ама, тогаш, искрено верувавме во „братство и единство“, а сепак знаевме кои сме! Знаеме ли сега? Имавме силно чувство за заедништво, егоистите ги сметавме за психопати и социопати. И не ги дружевме. Основен принцип секогаш и секаде ни беше „еден за сите, сите за еден“! Баш мускетарски! Кроце по кроце, извираат слики од тоа време. Навираат спомени... Се сеќавам, никогаш за мене не беше спорно со што сакам да се занимавам во животот. Тоа ми беше јасно уште од средно. И така би. Никого тоа не го беше изненадило. Студент на медицина станав! Чувство неописливо! Да станам како Булгаков, кој како млад лекар работел во една од далечните руски губернии. Неговата книга „Записи на младиот лекар“ ја читав и ја препрочитував во тоа време... Ха, младешки романтизам... И сега ѝ се навраќам понекогаш... и ја затворам веќе по неколку страници. Меѓу речиси четириесет генерации студенти на кои сум им предавал, едвај да можам да избројам неколкумина што искрено, посветено ја љубеа медицината! Не медицината како наука, туку медицината како филозофија на живеење, медицината како уметност, како вештина да се помага на својот ближен, како „пастир“ на своето стадо... И ми блесна! „Ако љубов немаме, ништо не сме...“ Љубов ни за лек, сомилост ни за лек... Егоизам, саможивост во пандемиска форма! Кај отиде љубовта, по ѓаволите? Залудно ли беше, лажно ли беше, продукт на испран мозок ли беше, кога се занесувавме како студенти еден ден да бидеме како младиот Булгаков? Не знам. Знам само дека тогаш го живеевме тој сон - се присетува Даниловски на студентскиот живот и на одлуката да стане студент по медицина.
Ентузијаст за промени и реформи
Драган бил посветен студент, дипломирал со просек 9, што истовремено му било поттик и да направи нешто повеќе за другите студенти и да смени нешто во начинот на развојот на студиите. Вели дека како претседател на Сојузот на студенти, водел и битки низ органите на факултетот.
Раскажува колку успеал во тоа и дали тоа го платил со некоја оценка.
- И тогаш се занесувавме со реформи во образованието. И тогаш се занесувавме дека можеме нешто да промениме. Се сеќавам, на испит од патофизиологија се полагаше прво тест, на кој погрешните одговори носеа негативни поени. А јас „благонадежен“ претседател на Сојузот на студенти, „јуначка“ борба водев низ органите на факултетот. Пишувавме петиции да се укинат негативните поени... и успеавме! Тоа ме чинеше осумка на патофизиологија, за на крај да дипломирам со просек 9 - вели Даниловски.
Автопортрет на 31 година
Омилени предмети му биле интерна медицина и епидемиологија, што веројатно било пресудно тоа да му биде и избор да продолжи со специјализација.
Студиите ги завршил во одредениот рок, не квадрирал ниту една година, а ниту, пак, „паднал“ на некој од испитите.
Зависно од испитот, за да научи еден предмет му биле потребни од еден до три месеци.
Вели дека имале професори кои прозивале пред час, за потоа да го „малтретираат“ студентскиот аудиториум со читање од сопствени белешки, а тоа било чујно само до третиот ред.
- И имавме професори кои предаваа како да читаат, совршено и истовремено ужасно здодевно. Но, имавме и интересни надгледни предавања, кога одделни професори ќе донесеа пациент во амфитеатар и ќе демонстрираа ректално туше пред двесте студенти - се присетува сегашниот професор Даниловски.
Сепак, потенцира дека специјалитет им било спиењето за време на предавања во последните два реда на амфитеатрите.
Пресериозен имиџ, но омилен во друштвото
Даниловски се присетува дека покрај учењето и студентскиот активизам, студентите тогаш имале и други животни предизвици.
- И љубов имаше. Таа ни беше основен „спиритус мовенс“. Бевме и ловци и плен. Веројатно и тогаш кога сме мислеле дека сме ловци, всушност, плен сме биле - на шега вели тој.
Драган и Билјана, како деца
Младиот Даниловски имал и разни хобија. Се занимавал со спорт, музика, но читал и многу книги.
- Белег на машкост беше да се занимаваш со спорт! Карате вежбав уште од средно, до ден-денешен! Бев вљубен во велосипеди и мотори, до ден-денешен! Читав постојано, сликав, свирев хармоника, до ден-денешен !- посочува тој.
Статусот на студент се почитувал многу повеќе
За својот имиџ во тоа време, оценува дека бил пресериозен, но и духовит и недопирлив, ама сепак, омилен во друштвото.
Во тоа време Драган вели дека статусот на студент се почитувал многу повеќе отколку сега.
Имале и многу бенефиции што им помагале да патуваат.
- Многу патувавме. Имавме месечни билети за железница за низ цела Европа. Доволно беше да се има статус на студент. Тој статус беше синоним за интелектуалец и побудуваше респект во средината. Се разбира дека студентите беа особено на цена при избор на партнер за брак -насмеано додава докторот.
Со сопругата и родителите
Следевме вредности што сега се исмеваат
Сепак, потенцира дека тогаш живееле со малку поинакви вредности. Вредности кои ги применувале не само во приватниот живот, туку и во другарувањата, во работата.
- Имавме дружби, чести, интензивни, топли. Имавме корзо на плоштад. Се држевме само за раце со љубената долго, долго... за да не направиме да се чувствува евтино. Бевме кавалери, витези секогаш. Влегувавме во ресторан пред дамата, ѝ го придржувавме столот да седне, не дозволувавме сама да си сипе пијалак... И не дозволувавме таа да плаќа... И не смееше никој подолго да задржи поглед врз неа! Ќе добиеше по нос. Следевме вредности кои сега изгледаат смешно, знам! - заклучува тој.
Драган и сопругата Мина
За себеси и своите врсници вели дека го вдишувале животот со сите сетила.
- Се подготвувавме за долгото (сега гледам, сепак толку кратко) патување наречено „живот“! -додава Даниловски.
Со синот и внуците
Но, според него, кратко траела студентската безгрижност.
- Токму на прагот на осумдесеттите следуваше една друга животна школа, служењето на воениот рок. Потоа следуваше работната кариера. Ама тоа е за некоја друга пригода -заклучува нашиот соговорник.
На сегашните и идните студенти на медицина им порачува да размислат дали од љубов студираат медицина или се водат од лукративни цели.
Фото: Приватна архива