Пониква - скриената убавица на Осоговските Планини
Осоговските Планини се втора (веднаш по Јакупица) по големина површина во нашата земја. Овие планини се простираат во источниот дел на Македонија, Според староста, Осоговските Планини претставуваат стари грамадни планини кои се одликува со заоблени врвови и планински била. Највисок врв на овие планини е Руен, со височина од 2.252 метри. Нема дилема дека Осоговските Планини имаат голем туристички потенцијал.
Целата Осоговија има одлични услови за планинарење, параглајдерство, планински велосипедизам, зимски спортови итн. Едно од најмаркантните туристички места на Осоговските планини е Пониква.
Оваа туристичка убавица е важен центар и викенд-населба на Осоговските Планини. Оддалеченоста на Пониква од Кочани е околу 20 км. Пониква се наоѓа на надморска височина од 1.560 м, во предел на густа букова шума.
Без никаквo двоумење, Пониква претставува еден од најважните туристички рекреативни центри на Осоговските Планини и пошироко во целиот источен дел на државата. Она со што може да се пофали овој туристички локалитет е тоа дека Пониква има добро означен и асфалтиран пат и не претставува никаков проблем пристигнувањето дотука.
На самиот влез на Пониква се наоѓа мал спортски аеродром кој некогаш се користел за воени цели. Има доволно голем простор за паркирање автомобили.
Овој туристички локалитет располага со угостителски објекти - хотели, мотели, ресторани, автокампови, бунгалови, детско одморалиште и др. Целиот комплекс е изграден од природни материјали, најчесто дрво што одлично се вклопува во целиот амбиент. За љубителите на зимските спортови, на располагање се прекрасни зимски патеки и жичница. Туристичката понуда на Пониква е збогатена со присуството на игралиштата за мали спортови и ловниот резерват, кој е богат со разновиден дивеч, како и стрелиштето за глинени гулаби.
На Пониква има изграден духовен храм посветен на свети Василиј Велики. Секоја година на 14 јануари се одржува свечена литургија и се одржува собир во манастирот. Традиционално се дели лепче со паричка. Планинарите од Планинарското здружение „Осогово“- Кочани организираат марш од езерото Гратче до Пониква, по повод Православната Нова година.
Пониква е место кое е сѐ поатрактивно за голем број туристи кои бараат плацови да изградат приватни викендици, па оттука со право може да заклучиме дека секоја година
Пониква станува сѐ поголем туристички бренд во нашата земја и пошироко.
Автор на текстот и на фотографиите: професор Дарко Оносимоски