Повеќето рајски птици тајно светат во мрак, откриваат научниците
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Рајските птици се познати по своите спектакуларни ритуали за додворување, но се чини дека нивната привлечност не се сведува само на движењата и боите што ги гледа човечкото око.
Научниците првпат открија дека овие неверојатни птици светат во темница благодарение на биофлуоресценцијата.
Истражувачи од Американскиот музеј за природна историја ги анализирале архивите и утврдиле дека сите 37 вида на основната група рајски птици од Австралија, Нова Гвинеја и Индонезија се биофлуоресцентни. Само неколку оддалечени роднини на оваа фамилија не покажале светкавост под ултравиолетова или сина светлина.

Фото: Rene Martin
Мажјаците светат во зелени и жолтеникави нијанси
Истражувањата покажале дека кај најголем дел од мажјаците силно светат главата, тилот, клунот и пердувите, а кај некои дури и нозете, стапалата, опашките и прстените околу очите. Овие светкави делови најчесто се опкружени со темни нефлуоресцентни пердуви и играат важна улога во ритуалите на додворување, кога мажјаците изведуваат сложени кореографии за да ги привлечат женките.
Истражувањето било направено врз музејски примероци, па сè уште не е познато зошто овие светкави делови постојат и како птиците ги користат во природна средина.
Но, еволутивниот биолог Рене Мартин, водечки автор на истражувањето, сугерира дека овие „театрални“ птици најверојатно комуницираат на уште подраматичен начин отколку што можеме да видиме со голо око.
Тајната на флуоресцентните клунови и црните „ореоли“
Некои мажјаци можеби го отвораат својот светкав клун за да ја покажат својата убавина на уште подлабоко ниво, велат научниците.
Некои видови мажјаци ги подигнуваат крилјата околу лицето, создавајќи „црн ореол“, а во средината на тој мрачен кадар ја отвораат својата биофлуоресцентна уста. Овој ефект може да трае дури 30 секунди или подолго.
Истражувачите претпоставуваат дека сите основни видови рајски птици имаат флуоресцентни области и внатре во усната празнина, но бидејќи музејските примероци најчесто се чуваат со затворени клунови, ова сè уште не е потврдено.
И женките светат, но посуптилно
Интересно е што истражувањето открива дека и женките на овие птици имаат биофлуоресцентни зони, иако не толку интензивни како кај мажјаците.
Кај женките, светкавоста најчесто се јавува на пердувите на градите и стомакот, а понекогаш и околу очите. Научниците веруваат дека овие светкави зони би можеле да им служат за истовремена камуфлажа и комуникација.
Што значи ова откритие за науката?
Познато е дека многу видови птици гледаат во ултравиолетовиот спектар, што значи дека рајските птици можеби ја перципираат оваа светкавост на сосема поинаков начин отколку луѓето.
Досега, само неколку видови птици беа официјално регистрирани како биофлуоресцентни, меѓу кои морските папагали, пингвините, ноќните бувови и некои папагали.
- Иако постојат над 10.000 познати видови птици, изненадувачки малку истражувања се посветени на биофлуоресценцијата кај нив - вели Џон Спаркс, кустос во Американскиот музеј за природна историја, кој го започнал ова истражување пред една деценија.
Со ова откритие, листата на „тајно светкави“ организми станува сè подолга – досега, освен птиците, истражувачите открија биофлуоресценција и кај клунестиот еж (платипус), вомбатите и морските желки.
Останува големото прашање: Каква улога игра оваа светкавост во нивниот природен живот? Научниците дури сега почнуваат да го откриваат овој мистериозен феномен.
Извор:
Science Alert
Фото: Rene Martin