Кафуле во Србија забрани користење лаптопи: „Ние сме кафуле, а не канцеларија“
Популарниот белградски синџир на кафулиња „Кафе Дрим“ донесе одлука која предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Имено, забрани употреба на лаптопи во објектите, а тој потег предизвика поделени мислења. Додека едни ја поддржуваат оваа одлука, други ја критикуваат, сметајќи дека таа ја ограничува слободата на гостите.
Еден корисник на „Линкдин“ ја критикувал забраната за користење лаптоп во кафуле.
- Забрана за користење лаптопи во „Кафе Дрим“ - дали ја донесовте оваа одлука за кафулето на улицата „Милутин Миланковиќ“, каде што 90 отсто од гостите доаѓаат од ИТ-компаниите? Дали сте размислувале за луѓето што сакаат да се социјализираат или за оние што имаат анксиозност и треба да излезат од дома, но немаат канцеларија? Ако бевте малку попаметни, наместо тоа, ќе смислевте подобра стратегија. Ова само кај нас постои - напишал корисникот.
„Ние сме кафуле, а не канцеларија“
-Доколку сакате да користите лаптоп, ве молиме консултирајте се со келнерите, кои ќе ве упатат на масите за нивна употреба. Бројот на седишта е ограничен. Ние сме кафуле, а не канцеларија - објавиле од кафулињата.
Во коментарите, некои пишувале дека синџирот ќе изгуби лојални клиенти со овој потег, додека други коментирале оти кафулето ќе изгуби приходи. Една корисничка напишала дека потрошила 25 евра во кафулето додека го користела својот лаптоп.
Некои ја поддржале забраната коментирајќи дека кафулињата не се работни места и дека луѓето што седат на маса со часови и нарачуваат само едно кафе претставуваат загуба за бизнисот.
„Кафулињата не се места за работни состаноци“
Некои, пак, истакнале дека кафулињата не се места за работни состаноци.
-Едно е да се оди таму на состанок и да се отвори лаптоп 15 минути, а друго е кога некој седи таму полно работно време со вклучен лаптоп. Сум видел гости на конференциски повици што ги вознемируваат луѓето што дошле да се напијат кафе на мир. Масите во кафулињата „Кафе Дрим“ се мали и не се дизајнирани за сериозна работа. За да се постави лаптопот, кафе, вода - треба да се спојат најмалку две маси. Сум се обидел да работам таму, но тоа е мачење - истакнал еден корисник.
Извор: index.hr
Фото: Freepik