Како безбедно да возите во кружен тек со повеќе ленти?

Како безбедно да возите во кружен тек со повеќе ленти?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кружните текови стануваат сè почеста појава, а многу од нив имаат повеќе ленти, што може да создаде збунетост и да доведе до опасни ситуации во сообраќајот.

Шпанската агенција за сообраќај подготви едукативно видео кое прикажува како правилно се вози низ кружен тек со повеќе ленти и на што возачите да обрнат особено внимание.

Најчести грешки при возење во кружен тек

Една од најчестите грешки е ненадејното и невнимателно преминување од внатрешната во надворешната лента при излегување од кружниот тек.

Таквото однесување може да доведе до судир со возилата што правилно се движат по надворешната лента. Уште поопасна е ситуацијата кога возачите не ги користат трепкачите при промена на лентата, што создава несигурност кај другите учесници во сообраќајот.

Без јасна најава на намерите, другите возачи можат да бидат изненадени, што може да резултира со нагло сопирање или дури со сообраќајна незгода.

Како правилно да излезете од кружниот тек?

Навреме префрлете се во надворешната лента – Доколку планирате да излезете од кружниот тек, потребно е навреме да се префрлите во надворешната лента за да избегнете ненадејни маневри што можат да предизвикаат незгода.

Користете трепкачи
– Секогаш вклучувајте трепкач кога преминувате од една лента во друга за да ги известите другите возачи каде одите.

Не пресекувајте им го патот на другите возачи – Почитувајте ги возачите што правилно се движат во својата лента и не обидувајте се да им го пресечете патот при излегување.

Обрнете внимание на третиот и четвртиот излез
– Овие излези се особено ризични и се места каде што доаѓа до грешки, па затоа е важно да бидете дополнително внимателни.

Едукативното видео што го објави шпанската агенција за сообраќај е одлична алатка за сите возачи што сакаат да го освежат своето знаење и да ја зголемат безбедноста на патиштата.

Правилното користење на кружните текови може значително да придонесе за намалување на сообраќајните незгоди и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Извор: n1info.rs
Фото: Freepik