Колумна: Психолошки имунитет на младите во услови на социјален егоцентризам

Колумна: Психолошки имунитет на младите во услови на социјален егоцентризам

Ниедна индивидуа, институција или општество не живее само за себе. Тие ја добиваат и не својата вредност само во контекстуалното опкружување. Доволно сме сведоци на состојби за падот на психолошкиот имунитет, ерозијата на емпатијата, психолошката инфлација на личноста, социјалната изолација и социјалната дистанца, индивидуалниот конформизам и уште многу примери кои можат да доведат до потенцијална деперсонализација на личниот идентитет на сите, особено на младите. Овој вовед доволно зборува за потребата од нова перцепција на реалноста.

Во современото општество, каде што често доминираат индивидуализмот и фокусирањето на личните потреби, младите се соочуваат со предизвикот да го зачуваат својот психолошки имунитет. Психолошкиот имунитет ја претставува способноста на поединецот да се спротивстави на стресот, емоционалните шокови и притисоците од околината. Меѓутоа, кога општеството сè повеќе се свртува кон егоцентрични вредности, оваа внатрешна издржливост може да се поткопа, оставајќи ги младите ранливи на негативни влијанија.

Социјалниот егоцентризам се рефлектира во претерано нагласување на личните интереси и самопромоција, додека колективната благосостојба често се занемарува. Главните фактори што придонесуваат за овој феномен се дигитална комуникација и социјални мрежи, а постојаната потреба за потврда преку лајкови и коментари може да ги наведе младите да развиваат површни односи, губејќи подлабока социјална интеракција и со тоа помалку развиена емоционална отпорност.

Индивидуалниот конформизам во социјалната интеракција го стимулира субјективното чувството на инфериорност на индивидуите кое подоцна се трансформира во комплекс на инфериорност. Тој начин на опсервација на реалноста ја стимулира склоноста кон легитимирање и нормализирање на апсурдите.
Културата на индивидуализам во која се промовираат лажни и сомнителни лични вредности на личниот успех создава притисок врз поединците постојано да се споредуваат себеси со другите. Оваа постојана конфронтација со идеализираните стандарди може да доведе до намалување на самодовербата кога реалноста не одговара на овие очекувања.
Недостигот на социо-емоционално образование во образовните системи, кои првенствено се фокусираат на академските достигнувања и често го занемаруваат развојот на емпатијата, саморефлексијата и социјалните вештини, дополнително го слабее психолошкиот имунитет.

Влијание врз психолошкиот имунитет на младите луѓе и се проблематизира кога општеството ги нагласува индивидуалните потреби за сметка на заедничките вредности, па младите луѓе можат да развијат лажна самодоверба и да се потпрат на надворешна валидација. Ова има неколку негативни последици:
Зголемена чувствителност на стрес и критики ги преплавуваат младите луѓе чиј идентитет е изграден исклучиво на надворешни процени и често немаат развиен внатрешен механизам за саморефлексија, што ги прави посклони кон емоционални дефекти кога се соочуваат со вистински предизвици.

Пасивизацијата и фрагментацијата на личниот идентитет доведуваат до прекумерна ориентација кон личните потреби, што може да доведе до помалку дефиниран идентитет, при што младите ја губат способноста да ги препознаат сопствените вредности независно од надворешната потврда.

Слабеењето на социјалните врски е основата на егоцентричниот пристап и ја ограничува можноста за создавање автентични меѓучовечки односи, што дополнително влијае врз менталната отпорност преку недостиг на поддршка во тешки времиња.

Можности за зајакнување на психолошкиот имунитет во услови на социјален егоцентризам постојат иако предизвиците се големи, постојат стратегии кои можат да им помогнат на младите да го зајакнат својот психолошки имунитет и да ги балансираат ефектите од социјалниот егоцентризам. Некои од нив се: образование и развој на емоционална интелигенција, делегитимирање на лажните вредности, развој на емпатијата како култура на живеење, враќање на семејството на „старите позиции”, зајакнување на социјалната кохезија, критичка употреба на дигиталните медиуми, промоција и практикување вистински вредности и други.

Психолошкиот имунитет на младите е клучен за нивното успешно справување со предизвиците на современото општество. Во услови кога преовладува социјалниот егоцентризам, важно е да се развијат стратегии кои ја зајакнуваат внатрешната издржливост, автентичноста и способноста за подлабоки социјални врски. Само преку синергија на самосвеста, самоконтролата, самомотивацијата, емпатијата и социјалните вештини на индивидуално, институционално и општествено ниво можно е да се осигури дека младите луѓе ќе останат психолошки издржливи и подготвени да се соочат со динамичната и илузионистичката социјална реалност.

Автор: проф. д-р Љупчо Кеверески