Светозар Богданоски - самоук изработувач на виолини кој пред нос им ги зема наградите на светски мајстори

Светозар Богданоски - самоук изработувач на виолини кој пред нос им ги зема наградите на светски мајстори

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Денес целата литература за изработка на инструменти е достапна, ама тоа не е доволно за да направиш добар инструмент. Мојата интуиција беше мојот пат.



Пред децении се заветив дека ќе направам успешна приказна овде од Велес, без да одлучам да квакнам во нечиј туѓ двор. Докажав дека тоа го можам – вели Светозар Богданоски, изработувач на виолини, мајстор кој во последните три децении ги одушевува светските виолинисти и диригенти со своите дела. Го нарекуваат велешкиот Страдивари.
А почнал сосема искрено и од татковски побуди. Кога го забележал талентот на својот син Костадин за свирење на виолина, одлучил сам да му направи инструмент. Почнал и не престанал, секоја наредна виолина станувала подобра. Интуицијата од која се водел се покажала вистинска. Костадин 14 години е прва виолина на Симфонискиот оркестар во Барселона, а неговата ќерка Фросина до неодамна беше член на Симфонискиот оркестар во Австрија.



Кој би поверувал дека во старото велешко маало, на ридот каде што се двојат реките Вардар и Тополка, каде што се таложела историја со векови, ќе живее и твори еден таков уметник, пред сѐ, кој толку многу ќе му подари на светот? Богданоски ја пречека екипата на Факултети.мк и нѐ внесе во дел од неговата уметност.
Неговите виолини ги поседуваат врвните виолинисти од цел свет. Се појавува на натпревари за звук на виолините и им ги „зема“ наградите на светските мајстори од Италија, Америка.

„Виолина што пее, ја изработија рацете на најгенијалниот изработувач на виолини“ – вака му се заблагодари еден виолинист.
Автентичната стара куќа што самиот ја реновира пред 18 години е местото каде што вредните раце го создаваат реткиот звук. Светозар, кој по вокација е сликар, работи заедно со својата сопруга Марија, која е професорка по виолина, и Татјана Мишева, исто така сликарка, која повеќе години работи со нив.

Самостојна изложба на 14 години

Го навративме на неговите почетоци. Потекнува од сиромашно семејство кое не можело да му овозможи да напредува во уметноста.
- Моето семејство не ги разбираше многу моите уметнички пориви. Мојот наставник Ристо Јанев беше фасциниран и многу ме поддржуваше. Училиштето дури ми даде целосна поддршка кога бев седмо и осмо одделение и ми купи материјали. Завршив Средно уметничко и Педагошка академија подоцна. Паралелно ја сакав и музиката, и тоа не помалку од сликарството. Немав можност да се занимавам со музика во раниот период, дури немав можност ни за сликарство. Сѐ што можев да најдам пари, ги трошев за четки, бои... На возраст од 14 години ја направив првата самостојна изложба - масла на платно. Тоа беше хит настан на ниво на Југославија. Ме викаа Пикасо од Велес. Но, во моментот кога почнав да им станувам конкуренција на веќе етаблираните во сликарството, наидов на ѕид – објаснува тој.



Светозар како тинејџер почнал да учи класична гитара, а подоцна и самиот почнал да ги изработува.
Тој бил првиот Македонец што имал самостојна изложба во Атина во 80-тите години. Во Крит бил пречекан како ѕвезда и веднаш добил понуда да му отворат школа таму.
- На вести зборуваа за непризнавањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ оти во тоа време имаше многу грчки студенти што студираа во Скопје и не им ги признаваа дипломите. Ги прашав како каков ќе останам овде? Јас сум Македонец. Познавајќи ја власта во Грција, мојот престој ќе биде проблематичен. Тоа е преубав антички предел, ама имајќи ја предвид политиката и што се случувало, им се заблагодарив на понудата – се потсетува Богданоски.

Неодамна еден пријател од Белград, дилер со виолински материјали, ми рече: „Свето, дали твоите долу знаат колку името Велес и Македонија се поврзани со твојата работа во цел свет?“ Со виолините стигнав до најдалечните краишта – вели тој.
Со создавање виолини се занимава околу 35 години. Синот Костадин покажал интерес за виолината на 6 години.



- Еден талент бара големо покритие со средства, педагогија, дидактика и мораше да посветиме внимание на тоа. Имајќи предвид дека нема да можам да му купам инструмент, виолините беа скапи, решив сам да му направам. Со моја виолина тој на 12 години стана лауреат на светско ниво, во Италија на натпревар. Целата педагогија што ја добил е од нас, следно ми дојде една малку чудна идеја, малку имагинарна, дури некој би рекол нелогична. Сликар да се занимава со изработка на виолини – вели тој.
Првите лекции за изработување виолини ги научил од Лазар Диманин, аматер-изработувач на виолини од Скопје. Го запознал кога веќе бил стар и тој многу се израдувал што некој се заинтересирал за оваа работа.



- Тој ми го даде првиот комплет материјал за виолини. Почнав со негов благослов и ја направив првата виолина. Костадин напредуваше многу побрзо од тоа што ние можевме да го направиме. Сите виолини ги правев за Костадин и Фросина. Костадин на 13 години можеше да свири сѐ што е напишано за виолина. Со Фросина се образоваа во Македонија, ама нашите педагози се со скромна можност да пренесат знаење од ниво потребно за светот. Во Виена да го свириш Моцарт, значи треба да имаш ниво. Во тоа време буквално бевме во ситуација да треба да го создадеме сето тоа. Бевме многу посветени, имавме одлични познавања од стилови, периоди, како сликар немам некоја граница помеѓу уметностите. Трендовите во сите уметности се движеле паралелно. За мене уметноста е целина – вели Богданоски.

Го замоливме да ни објасни како се изработуваат виолините, од каков материјал. Тврди дека Босна и Херцеговина го има најдобриот материјал потребен за изработка на виолини во овој регион.
- За градба на акустични гудачки се користи еден вид дрво, јавор за вратот, страниците и задната штица, смрека за горната. Овој материјал го има на повеќе места, во Босна и Херцеговина, во мал регион во Далмација и во Црна Гора. Најквалитетниот материјал е во Босна. Оттаму лично имам повеќе пати набавено. Учествувам во целиот процес на обработката на дрвото – од стебло до штици. Си набавив доволно количина дрво за да има време добро да се исуши. Гаранција за да можеш да работиш е староста на материјалот. Босна сѐ уште изобилува со дрвја што се постари од 300 до 500 години. Тие се ендемски стебла, кои уште во времето на Страдивари биле спремни за користење. Имам стебла што се дури и по 700 години стари. Историјата се чита преку пресекот на стеблото. Првиот чекор е познавањето на дрвото – тврди мајсторот.



Тој не си поставува рокови за да ги изработи виолините зашто, за него, тие се уметничка креација, а не бизнис.
Богданоски некогаш работел и како наставник по ликовно во основно училиште во Велес, но решил да ја напушти таа дејност за целосно да се посвети на изработката на виолини. Богданоски е добитник на врвни награди за квалитет на звук. На најголемиот натпревар во Америка дури му било нагласено повеќе да не учествува за да им даде простор и на други. - Таквите натпревари се празници за изработувачите на виолини. Во Италија е поврзан за натпреварот „Антонио Страдивари“ и е триенале. Во Америка е биенален интернационален натпревар на изработувачи од цел свет, каде што се појавуваат 500-600 мајстори, а се доделуваат златен, сребрен медал и медал-сертификат. Школите што учествуваат таму се вистински кланови и приоритет им е да добијат златен медал. Две години по ред таму добив два сертификата за звук.

Победи на конкурс меѓу италијански мајстори

Најголемата сатисфакција што ја доживеал во последните години била кога негов инструмент бил избран да биде откупен на италијанска музичка академија, во конкуренција на најголемите живи мајстори на овој инструмент.



- Пред две години професор од универзитет од Новара, близу Милано, ми се јави да ме покани на нивниот факултет да учествувам на конкурсот за откуп на виолини. Ми изгледаше интересно, со оглед на тоа дека во Италија се најјаките школи. Само Кремона има 1.500 регистрирани мајстори. Не ми се веруваше кога ми се јавија да ми честитаат. Проф. Леонардо Боајеро ме замоли да направам и неговата виолина да звучи подобро. Тоа беше „Гвадањини“, вредна милион евра.
- Му реков дека мора да дојде кај мене во Велес и дојде. Почувствував дека имало перипетии околу мојата виолина во Италија. Самиот ми призна дека деканот на универзитетот го прекорил зашто поканил некого од странство и дека не морал да победи. Тоа ми беше најважниот комплимент, поважно од парите што ги добив – рече Богданоски.


Светозар сам научил да ги прави виолините. Ако учев некаде, ќе бев можеби заведен од авторитетот на школата и професорите, вели тој. - Денес целата литература е достапна, ама тоа не е доволно за да направиш добар инструмент. Мојата интуиција беше мојот пат. Всушност, што е тоа што подоцна ме натера прилично гладно да се нафатам на оваа материја. Тоа е флуидот на звукот. Звукот не можеш ниту да го опишеш, ниту да го видиш, ниту да го допреш, а го разбираш. Има многу што го свират, а не го разбираат. Звукот е метафизика или апстрактна метафизика, а го доживуваме. Кога слушаме некој извонреден звук, може да нѐ допре, а може и не. Во што е тајната? Тоа е бојата на инструментот, а не свирењето на виолинистот – вели Богданоски.



Овој став тој го доловува низ примерот на двајца виолинисти што ги слушал во иста сала, Французин и Кинез.
- Французинот би требало да има поголема уметничка ерудиција, и двајцата имаа завршено кај одлични професори, технички изградени, меѓутоа, Французинот свиреше на француска виолина која имаше посиромашна боја, а Кинезот на „Страдивари“, која имаше благороден звук. Тој звук беше она што ме натера да истражувам со години. Нашите виолини се по звук најрелевантни. Диригент, дилер на виолини и виолинист, разочаран што не сакав да соработувам по подолги преписки со него, напиша: „Иако го немам задоволството да имам виолини од Богданоски, тој за мене останува еден од најголемите мајстори на светот“ – вели мајсторот.

Јапонски репаратор ми го бараше рецептот за лак

Заинтересираните за виолините на Богданоски најчесто доаѓаат лично во Велес за да ги видат и слушнат инструментите.
- Пред некоја година дилер од Колорадо, Америка, се заинтересира за нашите виолини. За неговата ќерка една година барале виолина. Испробале 60-ина виолини во многу продавници за виолини, а нашата далеку ги надмина сите. Професорите од „Џулијард“ и од „Кертис“ беа одушевени од бојата и квалитетот на инструментот – сподели Светозар.
Го прашавме дали има една виолина што му е при срце, но рече дека секоја носи нешто посебно. Финален дел на изработката на виолините е лакирањето.
- Многу е пишувано за лакот што се користи кај виолините. Има мајстори што цел живот трагале по формулата на овој лак. Тоа е како во алхемијата. Потрага по каменот на мудроста. Јас имам направено мој лак. Си купувам пигменти, смоли и сам си го подготвувам. Имаме голема традиција во оваа работа, дури и пред италијанската. Зашто ако тоа се развива во 17 век, во 10 век таа технологија кај нас веќе била развиена. Имаме многу трактати напишани за правење бои и лакови. Јас повеќе барав знаење во нашето искуство. Денес мојот лак е меѓу најдобрите модерни лакови. Еден јапонски репаратор - Наказава сакаше да дојде до мојот рецепт. Дури двапати го прати својот менаџер. Во Белград се дриблавме 6 часа и на крајот ми рече дека сум невозможен – се потсетува Светозар.


Покрај нови инструменти, работиме и копии на оригинални инструменти од големите мајстори, претежно од кремонските мајстори. Ги правиме буквално да нема никаква разлика.
- Јас повеќе не учествувам на натпревари. Годинава Татјана ќе оди на натпревар во Америка, со копија. Ја продолжуваме таа традиција – вели Богданоски.
Режисерката Сузана Диневски во 2010 година го сними краткиот документарец „Трагачи по звукот“, токму за семејството Богданоски.