„Корона-пасошот“ ѝ помогна на Данска повторно да се отвори

„Корона-пасошот“ ѝ помогна на Данска повторно да се отвори

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Љубителите на фудбалот од среда ќе можат да следат натпревари од стадионите, а баровите, рестораните и музеите повторно ќе се отворат откако Данска полека ги укинува ограничувањата.

Условот за Данците да можат да уживаат во новата слобода е да докажат дека не се заразени, покажувајќи корона-пасош.

Станува збор за дигитална апликација на телефон што покажува дали тие имаат негативен ковид-тест во последните 72 часа, потврда за вакцинација или доказ за претходна инфекција 2 до 12 недели претходно. Доказот може да биде и во хартиена форма.

Дигиталните сертификати се шема што ја усвојуваат голем дел од земјите во ЕУ, а до крајот на јуни речиси сите 27 земји-членки ќе имаат усвоено слична шема.

Секако, во некои земји постои загриженост за приватноста, но Данска е меѓу првите што ја прифати идејата во целост.

За разлика од поголемиот дел од Европа, оваа скандинавска земја успеа да избегне трет бран и започна да го олеснува заклучувањето што почна минатиот декември. Стапката на инфекција и на смртност на Данска сега е меѓу најниските во Европа и властите веруваат дека коронавирусот е под контрола.

3
Фото: Screenshot/YouTube

- Сега може да отвориме, и тоа е спротивно на она што го доживуваат другите луѓе - изјави премиерката Мете Фредриксен кога беа откриени плановите за повторно отворање.

Многу од чекорите во текот на отворањето се потпираат на корона-пасошот. Пасошот веќе се користи за посетување фризерски салони и салони за тетовирање, но не и за продавници. Како што вели владата, пасошот ќе биде потребен за посета на киносали, театри и спортски сали. Оние што нема да се придржуваат до оваа мерка, ризикуваат да бидат казнети.

Како функционира корона-пасошот?

- Корона-пасошот работи на апликација за паметен телефон наречена „МinSundhed“, поврзана со данскиот систем за идентификација;

- Сите жители имаат единствен матичен број и жолт здравствен картон со бар-код што ги содржи нивните лични податоци;

- Картичката се скенира кога правите тест во државен центар и вашиот примерок е поврзан со неа;

- Приватните даватели на услуги ја скенираат картичката и го запишуваат матичниот број, а граѓаните добиваат текстуална порака што се поврзува со резултатот;

- Граѓаните се најавуваат на апликацијата и пристапуваат до дигиталните здравствени досиеја или „корона-пас“;

- Граѓаните го покажуваат својот телефон за да влезат во релевантни деловни бизниси, а персоналот ја проверува неговата валидност;

- Се прифаќаат и хартиени сертификати, а помалите деца се изземени.

2
Фото: BBC

„Прави да се чувствуваме безбедно“

Зоолошките градини и забавните паркови се првите што ги тестираа корона-пасошите во Данска.

- Прави да се чувствуваме побезбедно - вели еден родител кој чека на ред да влезе во зоолошката.

- Мислам дека ова ќе биде дел од животот сега. Мора да го прифатиме за да ја задржиме ниската стапка на инфекција - вели друг родител.

Но, трет родител е скептичен и смета дека сето ова воопшто не е потребно.

Тестирање на населението


Неодамна беа поставени десетици нови капацитети за тестирање, па владата ги охрабрува Данците да одат еднаш или двапати неделно за да ги направат бесплатните тестови.

Данска има поголема стапка на тестирање по глава на жител од која било друга земја во светот.

- Во Данска сме 5,8 милиони. Можеме да тестираме повеќе од половина милион секој ден - вели Кристин Вестергард-Нилсен, заменик-шеф на Итните медицински услуги во Копенхаген.

Околу еден милион Данци или речиси петтина од населението ја примија првата доза на вакцината.

Но, како и во другите европски земји, тешкотиите во снабдувањето на вакцината го одложија вакцинирањето, а минатата недела данските здравствени власти целосно ја запреа вакцинацијата со „Астра зенека“.

Сега Данска планира да ги вакцинира сите возрасни до почетокот на август, така што силниот режим на тестирање е клучен за ефективност на корона-пасошите.

Индустријата како целина го поздравува повторното отворање, но луѓето се скептични. Меѓу грижите се потенцијални технички грешки.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Како се чувствуваат Данците во врска со пасошот?

Постои силна политичка поддршка. Девет од десетте партии го поддржаа планот за повторно отворање, а Конфедерацијата на данската индустрија силно го поддржа корона-пасошот.

- Ова е извонредна алатка во несекојдневна ситуација. Алтернативата во моментот е неотворањето. Тоа е начин да се помине оваа криза на ефикасен начин и е привремено - вели извршниот директор Ларс Сандал Соеренсен.

Во текот на изминатата година данската јавност во голема мера ги поддржа мерките. Но, некои сметаат дека последниот потег е премногу.

Петицијата за блокирање вакцинални пасоши доби повеќе од 40.000 потписи. Творецот на петицијата тврди дека ваквите алатки се неетички и разединувачки за општеството. Неодамна стотици граѓани присуствуваа на протест одржан од група која е против заклучувањето на државата.

Сепак, воведувањето на корона-пасошот е поддржано од 67 отсто од Данците. Само 16 отсто сметаат дека тоа не е добра идеја.

Секој може да добие пасош

Дискурсот помалку се однесува на етиката, а повеќе на практичноста. Распространетата достапност на тестови, довербата во авторитетот и културата на „самфундсинд“ (дух на заедницата) може да објаснат зошто има малку спротивставувања.

- Данците не се толку загрижени за злоупотребата на податоците. Секој може да го добие пасошот. На него се гледа како на начин на кој можеме да се заштитиме и да се вратиме на понормален начин на живот - вели Мајкл Бегн Петерсен, професор по политички науки на Универзитетот „Архус“.

И други земји ги тестираат нивните верзии на корона-пасоши.

Додека ЕУ го подготвува својот дигитален „зелен“ сертификат за летните одмори, голем број други модели се развиваат низ Европа. Многумина будно ќе следат како функционира данскиот корона-пасош.

Извор: ВВС
Фото: Freepik