Љубезноста кон „Чет-ГПТ“ не е бесплатна - секое „те молам“ чини многу пари

Љубезноста кон „Чет-ГПТ“ не е бесплатна - секое „те молам“ чини многу пари

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, откри дека користењето учтиви изрази како „те молам“ и „ти благодарам“ кога се разговара со „Чет-ГПТ“ ја чини компанијата милиони денари во оперативни трошоци.

Алтман му одговори на еден твитер-корисник кој праша колку пари потрошиле на струја поради тоа што луѓето се љубезни кон оваа вештачка интелигенција.

Очигледно некој се сетил што направи оперативниот систем „ХАЛ“ во филмот „2001: Вселенска одисеја“, па одлучил да биде учтив со својот помошник, за секој случај. Исто така, експертите потврдуваат дека „Чет-ГПТ“ е посклон да одговори љубезно ако и самиот добие таков пристап.

Вештачката интелигенција како голем потрошувач на енергија

Судејќи по шеговитиот тон на Алтман, бројката од „десетици милиони долари“ веројатно не е сосема прецизна. Но, секое прашање упатено до „Чет-ГПТ“, без разлика колку е неважно или бесмислено, бара од моделот да создаде целосен одговор во реално време, што користи моќни пресметувачки системи и го зголемува вкупното технолошко оптоварување, а тоа значи и голема потрошувачка на електрична енергија.

Моделите на вештачка интелигенција во голема мера се потпираат на енергија складирана во светските центри за податоци, кои сега користат околу 2 отсто од вкупната електрична енергија на планетата. Според податоци од еден финансиски извештај, секое прашање упатено до моделот „ГПТ-4“ троши околу десет пати повеќе електрична енергија отколку обично пребарување преку интернет-страница.

И потрошувачка на вода за љубезните одговори


Покрај тоа, љубезните одговори го зголемуваат и трошокот за вода на компанијата. Вештачката интелигенција користи вода за ладење на серверите што ги создаваат одговорите. Истражување спроведено од Универзитетот на Калифорнија во Риверсајд покажува дека создавање 100 збора со помош на моделот „ГПТ-4“ троши количина вода еквивалентна на три шишиња, додека и најкраткиот одговор како „Нема на што“ троши околу 44 милилитри вода.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik