Научниците можеби уништиле докази за вонземен живот пред 50 години
Професорот Дирк Шулце-Макуч од Техничкиот универзитет во Берлин се потсетува на вселенското летало „Викинг“ на НАСА кое слета на Марс во 70-тите години на минатиот век. Во статија за „Биг тинк“ и во труд објавен во списанието „Нејчр астрономи“, Шулце-Макуч презентира интригантна теза - вселенското летало „Викинг“ можеби открило знаци на живот, но со погрешен експериментален пристап ги уништило тие докази.
За време на анализите на почвата, лендерите „Викинг“ открија присуство на хлорирани органски соединенија – молекули на база на јаглерод со хлор. Во тоа време научниците ги сметале овие соединенија за контаминација од Земјата и не ги истражувале. Но, подоцнежните податоци собрани од посовремени марсовски ровери покажаа дека ваквите соединенија природно постојат на Марс.
Според теоријата на Шулце-Макуч, животот на Црвената Планета можел да опстои во сурови услови, криејќи се во карпи од сол кои апсорбираат влага од атмосферата. Експериментите со „Викинг“, кои ја навлажнувале почвата на Марс со вода од Земјата за тестирање, всушност, можеле да предизвикаат шок кај овие потенцијални микроорганизми и да ги уништат сите траги од нивното постоење.
Неодамнешното истражување на роверот „Персеверанс“ открило алкани на Марс
Оваа хипотеза предизвика жестока дебата во научните кругови, особено во пресрет на 50-годишнината од лансирањето на мисијата „Викинг“. Вишиот научник на НАСА, Крис Мекеј, ја отфрла можноста дека лендерите „Викинг“ уништиле живот. Тој истакнува дека експериментите не пронашле јасни докази за микробен живот и дека научниците веќе знаеле дека додавањето вода може да биде стресно за организмите во суви и солени услови. Сепак, не беа забележани никакви знаци на живот.
И покрај критиките, Шулце-Макук стои зад својот став. Тој потсетува дека неодамнешното истражување на роверот „Персеверанс“ открило алкани - органски соединенија составени од јаглерод и водород - што дополнително ја зајакнува можноста дека Марс некогаш бил, или сè уште е, дом на примитивен живот.
Исто така, неговото истражување со екстремофили - организми кои преживуваат во екстремно непријателски услови - покажа дека микроорганизмите можат да преживеат во високи концентрации на хлорид, хлорат и перхлорат, хемикалии кои се вообичаени во почвата на Марс.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik