Мајкл Џексон користел трик за кој малкумина знаат
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Навалувањето од 45 степени што го изведува Мајкл Џексон кога ја пее „Smooth Criminal“ е илузија измислена од поп-ѕвездата, велат научниците. Зачудувачкиот танц првпат беше виден во спотот за песната од 1987 година, но тој го повторуваше потегот и при неговите настапи во живо. Неколку фанови се обидоа да го копираат потегот, но никој не успеа.
Предводени од долгогодишниот фан на Џексон, Нишант Јагник, тројца неврохирурзи се обидоа да утврдат како Џексон го изведувал потегот. Тие утврдиле дека најтренираните танчари можат да се навалат нанапред најмногу 25 до 30 степени.
Кога се изведува потегот, притисокот се префрла од ’рбетните мускули (erector spinae) на Ахиловата тетива (Tendo calcaneus), напишале тројцата неврохирурзи од индискиот Институт за медицинско образование и истражување.
- Ова дозволува многу ограничен степен на свиткување од глуждовите додека телото ви е исправено, освен ако не сте Мајкл Џексон. Тој изведе потег што ѝ пркоси на гравитацијата и изгледа вонземски за сите што го виделе - напишале неврохирурзите.
Тука се наметнува прашањето како Џексон успеал да го изведе потегот? Тој дизајнирал специјални чевли со триаголен отвор на петата кој му помагал да се закачи за металниот кол што излегувал од подот во тој момент. Ова му дозволувало на Џексон да се навалува нанапред до незамислив агол.
Авторите истакнуваат дека и покрај илузијата, физичките способности на Џексон биле импресивни.
- Дури и со специјално дизајнирани чевли и поддршка од клинот за прикачување потегот е неверојатно тежок за изведување. Без разлика дали е трик, новите форми на танц инспирирани од Мајкл Џексон почнаа да го предизвикуваат нашето разбирање на видовите и механизмите на повредите на ’рбетот. Откако Мајкл Џексон нѐ забавуваше со неговите импресивни потези, танчарите од целиот свет се обидуваа да скокаат повисоко, да се истегнуваат што повеќе и да се вртат побрзо од кога било - истакнаа
авторите.