Идиличен италијански остров станува еколошка оаза без пластика
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Туристите што планираат да го посетат островот Капри имаат нова причина да размислуваат за животната средина - идиличниот италијански остров ќе почне да ги казнува луѓето со 500 евра ако користат пластика за еднократна употреба, вклучувајќи ги и оние корисници што со себе ќе понесат пластика.
Островот, кој се наоѓа во Неаполскиот Залив, е популарен меѓу познатите личности токму поради неговите блескави сини води. Со оглед на тоа што бреговите сè повеќе имаат проблем со пластичниот отпад, како сламки, прибор за јадење и шишиња, не е изненадување што островот сака да ја намали пластиката за еднократна употреба што ја користат локалните жители и туристите.
Забраната стапува во сила овој месец и ќе се применува на сите предмети, како што се прибори за јадење и чинии што не се направени од биоразградлива пластика. Доколку не се почитува, туристите и локалните жители ќе се соочат со парична казна од 500 евра.
Целата Европска Унија планира да спроведе ваква забрана до 2021 година, што значи дека Капри е чекор пред сите кога станува збор за еднократната употреба на пластиката. Локалните сопственици на продавници нема да смеат да продаваат пластични производи за еднократна употреба и ќе мора да се ослободат од овие предмети во наредните 90 дена.
Ова не е единственото правило што треба да го запомните ако одите во
Италија на одмор. Туристите што сакаат да го посетат градот Чинкве Тере не смеат да носат апостолки. Доколку носат, се соочуваат со парична казна од 2.500 евра. Историските градови како Рим и Фиренца, пак, донесоа закони со кои се забранува јадење на улица.