Успешно завршена првата кадаверична трансплантација на срце во Македонија
Ноќеска на Клиниката за кардиохирургија во Скопје за првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор. Операција траела 6 часа и завршила во 2 часот по полноќ, а со неа беше трансплантирано ново срце во телото на 54-годишен пациент. Од истиот донор се трансплантираат и два бубрега кај пациенти со хронична бубрежна слабост, кои со години биле на дијализа.
Првата трансплантација на срце во координација со министерот за здравство доц. др. Венко Филипче, како што соопштија од Министерството за здравство, ја започнал и водел националниот координатор за трансплантација др. Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори: др. Билјана Андоновска, др. Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесирале пациентката во мозочна смрт и ги направиле сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.
-Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство – истакна Филипче.
На експлантацијата работеле др. Марјан Шокаровски и др. Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, др. Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“, а од КАРИЛ анестезијата ја воделе др. Маја Мојсова Мијовска, др. Весна Дурнев и др. Билјана Андоновска.
На трансплантацијата на срцето работеле проф. др. Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со др. Васил Папестиев, др. Марјан Шокаровски, др. Ванѓел Здравески, др. Кјутим Џелили, др. Тања Анѓушева, др. Никола Христов, др. Стефанија Хаџиевска, др. Надица Мехмедовиќ, др. Весна Миташова, др. Јасмина Илиевска, др. Марија Гераковска и др. Димче Славевски од „Аџибадем Систина“.
Од Министерството за здравство објавија детали и за трансплантацијата на бубрезите, за која истакнаа дека на Клиниката за Урологија работат лекарски тимови под раководтсво на др. Сашо Дохчев, др. Александар Трифуновски, др. Ставридис и др. Јанчулев со тим лекари од клиниката. Во оваа постапка биле вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија, кои ја направиле комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направиле потребните снимања и на лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.
Во однос на изборот на пациентите кои ги добиле органите, се истакнува дека тие биле избрани од националните листи за чекање за срце и бубрези според медицински утврдени криетриуми за совпаѓање кои ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство.