Најважните прашања во врска со нашиот имунитет на Ковид-19
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сè уште не сме сигурни како функционира нашиот имунитет на Ковид-19. Бидејќи се приближуваме до вакцина и се надеваме дека стапките на колективен имунитет ќе ни овозможат повторно да ги отвориме заедниците, неизвесности ќе има уште повеќе. Еве некои од најголемите прашања на кои научниците сè уште се обидуваат да одговорат.
За колкав имунитет станува збор? Кога повеќето луѓе (т.е. пошироката јавност) зборуваат за имунитет, она на што тие мислат е заштита од болеста. Вирологот Роберт Гари од Универзитетот „Тулан“ истакнува дека вакцината против грип, на пример, не дава апсолутна заштита од грип, туку е дизајнирана да спречи значајна инфекција и да ги држи работите под контрола.
Кога зборуваме за
имунитет на Ковид-19, најмногу мислиме на создавање антитела од страна на имунолошкиот систем на нашето тело. Но, и ова е заблуда. Едно истражување направено овој месец, со кое се мерело нивото на антитела кај пациенти во Лондон, открило дека меѓу 2 отсто и 8,5 отсто не развиле забележливи антитела. Оние од оваа група што ја прележале болеста (обично помлади луѓе) веројатно се избориле со инфекцијата преку клетките на имунолошкиот систем - бели крвни клетки и цитокини кои убиваат патогени - наместо преку антитела што го неутрализираат вирусот.
Колку долго трае имунитетот на Ковид-19 по инфекцијата? Сè уште не се знае. Имаше извештаи за некои луѓе во светот што двапати се заразиле со Ковид-19 и засега не е јасно зошто. Добро е документирано дека другите коронавирус-инфекции имаат само привремен имунитет, што понекогаш трае не повеќе од неколку месеци. Ковид-19 може да ја следи истата шема, но рано е да се каже.
Кои фактори влијаат врз имунитетот? Како што истакнува Сара Фортун од Школата за јавно здравје „Т.Х.Чан“ од Универзитетот „Харвард“, веќе е добро познато дека имунитетот од заразна болест е врзан за јачината и издржливоста на имунолошкиот одговор при инфекција. Инфекцијата која предизвикува сериозни симптоми веројатно ќе доведе до посилен имунолошки одговор, што исто така ќе помогне во поттикнувањето на силниот и долготраен имунитет да се движи напред. Од друга страна, благ или асимптоматски случај, најверојатно, ќе донесе пониско ниво на антитела, како што беше откриено кај пациенти со Ковид-19 во новото истражување објавено во „Нејчр медисин“ во четвртокот.
Фото: Pixabay
Истражувачите проучувале мала група асимптоматски пациенти со Ковид-19 и откриле дека тие развиваат пониско ниво на антитела. Ова може да укажува на тоа дека овие луѓе не се толку имуни на Ковид-19; но Фортун истакна дека сè уште не можат да се извлечат такви заклучоци - може токму тие пониски нивоа на антитела сепак ќе ве штитат од заболување, како што посочува новото истражување во списанието „Нејчр“.
Сè уште не е сосема јасно како асимптоматските случаи и симптоматските случаи се разликуваат во однос на имунитетот, бидејќи асимптоматските случаи не се активно тестирани и идентификувани. Ниту пак постои универзална дефиниција за она што се квалификува како асимптоматски. Дали е тоа целосно отсуство на симптоми? Што е со умерените?
- Другите истражувања покажаа дека оние што имаат воспаление имаат имунолошки одговор што е позабележлив и потенцијално поцврст - вели Чарлс Карнс, декан на Универзитетскиот колеџ за медицина „Дрексел“. Сите овие растечки докази може да ја потенцираат важноста на имунолошкиот одговор што создава клетки за борба против коронавирусот.
Што значи ова за развивање вакцина? Сè уште не се знае. Како што споменавме, сè уште не се знае каков вид имунитет на Ковид-19 ќе добиеме од вакцината: целосна или само заштита од најлошите симптоми. Фортун вели дека за Ковид-19 веројатно ќе добиеме вистинска заштита, но не знаеме со сигурност - и не е нешто што може да се процени од нивото на антитела. Ова нема да се знае сè до фаза III од испитувањето (што директно ќе ја мери ефикасноста на вакцината), и тогаш научниците ќе знаат каква е врската помеѓу нивото на антитела и имунитет, и каков вид имунолошки одговор треба да се вакцинира за да се обезбеди вистинска заштита.
Ако излезе дека претходната изложеност на Ковид-19 не гарантира постојан или силен имунитет, речиси на сите им се препорачува вакцинација. А клиничките испитувања за проучување на безбедноста и ефикасноста на вакцината тогаш ќе треба да вклучуваат луѓе од претходно заразената популација.
Извор:
Technologyreview.com