По скалилата на успехот со д-р Маја Мојсова-Мијовска: „Oдберете професија со љубов“

По скалилата на успехот со д-р Маја Мојсова-Мијовска: „Oдберете професија со љубов“

Подготвил: Никола Петровски

Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

- Одберете професија со љубов. Најлесно се работи и напредува ако тоа е вашиот избор и со леснотија ја извршувате работата. Едукацијата и доедукацијата не завршуваат со формалното образование. Ние учиме и напредуваме цел живот. Колку повеќе вложуваме во својата едукација, толку поголеми резултати ќе имаме. Секако, да не ги занемариме визиите и соновите. Сонот може да ви се исполни доколку целосно се вложите во негово остварување - порачува доц. д-р Маја Мојсова-Мијовска. 

Д-р Мојсова-Мијовска е национален координатор за трансплантација, претседател на Здружението на лекари по анестезија, реанимација и интензивно лекување, а јавноста одблиску ја запозна како главен анестезиолог во тимот што ја спроведе првата трансплантација на срце и тоа во услови на ковид-19. Операцијата влезе во историјата на македонското здравство и ја подигна свеста за важноста на донирањето органи. Сето ова е доволен аргумент што д-р Мојсова-Мијовска ја носи титулата жена на годината.

- Секој има свој пат и не мислам дека постои еден рецепт за успех. Едноставно верувам во своите визии кои не секогаш било лесно да се остварат. Мојата визија беше да ја ставиме нашата земја на мапата на светот како сериозен систем во развивањето на органодарителството и трансплантацијата и сметам дека тоа е успех.


Ги изненадив родителите со мојот избор на средно училиште

Порасната во центарот на Скопје, зад Собранието, во таканареченото Кучкар маало поради многуте кучиња што се собирале таму, д-р Мојсова-Мијовска првично била вљубена во уметноста. Пишувањето поезија, пеењето, па дури и желбата да се стане балерина се првите афинитети што ги имала пред да се вљуби во медицинската наука.

При уписот во средното училиште „Никола Карев“, отсек биотехнологија со природни науки, д-р Мојсова-Мијовска немала никакви желби и амбиции за медицината. Таа едноставно ја открила љубовта кон природните науки, па дури и на изненадување на нејзините родители, се решила за упис во тоа средно училиште. Желбата за изучување на медицината ѝ се јавила токму за време на средношколските денови.  

- Некаде кон крајот на основното училиште сфатив дека мојата љубов кон природните науки станува сѐ поголема. Интересно е дека ги изненадив моите родители со мојот избор и морам да признам дека не беа многу одушевени. Многу бев заинтересирана за генетски инженеринг, но исто така и за ветерина. Мислам дека некаде околу трета година средно ми се искристализираа работите и сфатив дека медицината е мојот повик. Во „Никола Карев“ во тоа време се изучуваа биологија, хемија, систематика на животни и растенија, физиологија, анатомија на човекот и животните. Едноставно ми беше предизвик изучувањето на човечкиот организам.  


„Па како ти на медицина кога немаш ниеден доктор во фамилија?“

„Па како ти на медицина кога немаш ниеден доктор во фамилија?“ е реченицата што д-р Мојсова-Мијовска најчесто ја слушала откако јавно ѝ објавила љубов на медицината, некаде на почетокот од четвртата година од средното образование. Љубовта кон оваа наука до тој степен се развила кај неа, што прераснала во амбиција за упис на Медицинскиот факултет во Скопје. 

- Дефинитивната одлука ја донесов на почетокот на четвртата година и таа моја одлука беше прифатена со изненадување од сите. Јас не ја наследив љубовта кон медицината, туку едноставно ја развив. Јас буквално се вљубив во медицината и таа љубов уште трае. Се запишав на Медицински факултет во Скопје. Тогаш се полагаа приемни во многу строга атмосфера и во строги услови. Бев 12. на список и секако бев горда на себе. Многу голема помош за приемниот ми беше предзнаењето по биологија и по хемија.

Никогаш нема да ја заборавам вечерта кога ги чекавме резултатите пред Деканат. По полноќ само ги читаа имињата на примените, но јас задоцнив и го фатив читањето некаде од 60-тиот број. До крајот на списокот ме немаше, а реално и немаше кој да ми каже дали на почетокот ме прочитале. Искрено, знаев дека ми е одличен тестот зашто знаев колку знам биологија и хемија, но сепак тремата, стравот, возбудата беа преголеми. Кога се вратив некаде по полноќ, родителите ми рекоа: „Ама нам ни јавија дека си примена со висок број бодови, а и искрено не се сомневаме во тебе“.


Студирањето ѝ бил најубавиот период

Најубав, но и најтежок - ова се епитетите со кои д-р Мојсова-Мијовска го опишува студентскиот период. Станување во 5 наутро за да се стаса на вежбите и одговарање пред цел аудиториум за време на испитите се само дел од методите со кои се „челичеле“ тогашните идни доктори. По дипломирањето таа се решила за специјализација по анестезија, реанимација и интензивно лекување, област што до денес е нејзина голема љубов, но и голем предизвик. „Некои велат дека ние, анестезиолозите, сме зависници од адреналин и мислам дека не згрешиле многу во таа процена“, вели Мојсова-Мијовска, притоа опишувајќи ја анестезијата како динамична, брза и стресна професија.

- Првата година можеби беше најтешка на факултет бидејќи речиси сите предмети се одвиваа на Природно-математички факултет. Вежбите почнуваа во 7, па нормално требаше да се стане во 5 часот. Се сеќавам на мојата збунетост и несигурност, па можам искрено да кажам и страв. Едноставно на тие години сѐ уште не ги познаваш сопствените капацитети, но исто така постоеше некоја дилема и преиспитување дали го направив вистинскиот избор.  

Кога завршив факултет, најголем дел поминав на хирургија и тогаш се разви мојот интерес за анестезијата. По мое барање да волонтирам на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, добив дозвола од проф. Шољакова. За жал, волонтирав уште четири години, а по две години запишав приватна специјализација.  


Најголемо достигнување е добивањето на мојот син

„Можеби е тешко за мало дете кога треба да се одвои од својата мајка кога таа дежура, но од друга страна, децата ги гледаат примерите од сопствените родители за професионалната и работната етика, за одговорностите и обврските и тоа остава голем печат во нивното созревање“, вели д-р Мојсова-Мијовска за нејзините обиди за баланс помеѓу професионалниот живот и мајчинството.

- За среќа или за жал, јас добив дете по завршувањето на специјализацијата. Имав многу престои во странски болници. Веројатно овие едукации го одземаа времето за фамилијарни обврски. Но, секако, моето најголемо достигнување е добивањето на мојот син, кој сега има 15 години и се запишува во средно училиште. Сметам дека е тешко за жена да биде посветена и на работата и на семејството, но повторно ќе кажам - и самата професија овозможува да работите неколку работи во исто време.  

Кон студентите е строга, но правична и принципиелна

Како доцент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, д-р Мојсова-Мијовска ја гледа работата со студентите како еден вид релаксација, по низата други работни обврски. Себеси се смета за строга, но правична и принципиелна во односот кон студентите. 

- Уживам во работата со студентите и некако по толку години клиничка работа, предавањата и испитите ми се како релаксација. Сакам да пренесувам знаење и верувам дека секој зад себе треба да остави генерации што ќе го наследат. Од студентите барам да имаат познавање на материјата, но исто така кога ги испрашувам анестезија и ургентна медицина, добивам целокупен впечаток за нивното познавање на медицината.


Првата љубов кон трансплантацијата ја развив како анестезиолог на Клиниката

Успесите во полето на трансплантацијата, односно полето на органодарителство, се нешто со што особено се гордее д-р Мојсова-Мијовска како национален координатор за трансплантација. Таа веќе четири години го води тој сегмент кај нас, а на тоа поле има посветено 10 години од нејзиното образование.

- Првата љубов кон трансплантацијата ја развив како анестезиолог на Клиниката за урологија каде што подоцна станав и шеф на оддел. Трансплантацијата на бубрези од сроден жив дарител е развиена кај нас веќе 35 години и оттаму произлезе мојот докторат. Кога работев со овие пациенти, постојано се мислев што прават пациентите кои немаат сроден жив дарител и што со нив. Имаше конкурс за стипендија од Светската асоцијација за трансплантација. Со таа стипендија поминав еден месец во Загреб на едукација за органодарителство од починат донор. Потоа бев испратена во Барселона и се здобив со европска диплома од Transplant Procurement Management (TPM) каде што се здобив со напредната диплома и тоа беше незаменливо искуство во оваа област. 

фото: Приватна архива