Најдобро вино е тоа што е испиено со задоволство и уживање, вели Сашко Атанасов, менаџер за вински туризам
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Работата со виното е стил на живот. Љубовта кон виното и желбата за промоција на македонските вина ме предизвикаа да се вклучам во винскиот туризам, вели Сашко Атанасов, одговорен за вински туризам во винарницата „Шато Сопот“.
Со него поразговаравме за убавините на оваа професија, но и за податливоста на нашата земја за развој на винскиот туризам и воопшто културата на пиење вино.
- Секојдневното учење, комплексноста на виното, влијанието на подрачјето, различните стилови на производство, истражувањето на нови вкусови. Секое вино е посебно на свој начин, идеално е кога е комбинирано со соодветна храна и претставено на адекватен начин. Тоа е вистинскиот предизвик! - вели Атанасов.
Фото: Весна Огњанова
Македонија дефинитивно има вина со кои може да се гордее, а тоа го докажуваат многуте награди на интернационалните натпревари во последните години, смета тој.
- Уште многу треба да се работи на маркетинг и промовирање на македонските вина, исто така и на Македонија како винска држава и винска дестинација. Развојот на Македонија како винска дестинација е тесно поврзан со промоцијата на македонското вино. За континуиран успех, потребно е да се работи континуирано на самопромоција како на државата така и на туристичките организации и самите винарници - посочува нашиот соговорник.
Сашко Атанасов
Но, развојот на инфраструктурата е еден од клучните моменти за развој на винскиот туризам. Потребна е континуирана работа.
- Потребно е подобрување на пристапот до некои од винарниците што нудат вински туризам, нивно означување и инвестиција во сместувачки капацитети во самите винарници - посочува Атанасов.
Какви вина најмногу сакаат странците да пробаат во Македонија?
- И покрај интересот за запознавање со тероарот (подрачјето), сепак, најголем интерес покажуваат за локалните сорти, како вранец, кратошија, темјаника, станушина.
Атанасов има положено светски сертификат за познавање на вино (WSET – Wine and Spirit Education Trust 2).
Го прашуваме кое македонско вино, според него, е најубаво?
Тој вели: „Најдобро вино е виното што е испиено со задоволство и уживање!“
- За мене, од црвените вина коњот за трки е вранецот, кој со своето структурно тело, комплексноста, потенцијалот за стареење и можностите што ги нуди како сорта гордо може да се натпреварува со останатите интернационални сорти. Од белите вина би ја издвоил темјаниката со својот нежен цветно-овошен ароматен комплекс. Покрај овие две локални сорти, одлични вина имаме и од интернационалните сорти: шардоне, каберне совињон, мерло. Нашиот тероар заедно со сортните карактеристики резултира со прекрасен ароматен комплекс, моќна структура и добар потенцијал за стареење на вината - вели Атанасов.
- За мене, најубаво вино е понекогаш младо, понекогаш старо, може бело, може црвено... Најважно е да биде добро усогласено со вкусовите на храната, добро друштво и позитивна енергија - завршува тој.