Нова „паметна“ заштитна маска за лице преведува осум јазици

Нова „паметна“ заштитна маска за лице преведува осум јазици

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Јапонска компанија за роботика ја направи првата „паметна маска“ која истовремено штити од Ковид-19 и преведува осум јазици, со што комуникацијата ќе биде полесна кога лицето е делумно покриено.


Наречена „Си-фејс“, пластичната паметна маска е поставена од надворешната страна на стандардна маска и го поврзува паметниот телефон на оној што ја носи со блутут и ги транскрибира разговорите преку апликација. Во моментот маската може да преведува од јапонски на кинески, англиски, француски, индонезиски, шпански, тајландски и виетнамски. Маската, исто така, помага да се засили гласот на корисникот преку неговиот телефон.

Пред светот да биде погоден од пандемијата, компанијата „Донат роботикс“ обезбеди договор со аеродромот „Ханеда“ во Токио за снабдување на роботи со туристички информации и преводи, но со оглед на тоа што патувањата со авион и понатаму се ограничени, компанијата се насочи кон технологија која би била од корист за луѓе во време на социјално дистанцирање и носење маски насекаде низ светот.

Паметната маска веќе предизвика голем интерес. Компанијата размислува за додавање проширена реалност и виртуелна реалност во наредните верзии, што значи дека ќе биде полесно да се преведува од слики.

Маските се достапни за околу 40 долари, а услугите за превод се достапни на апликација преку месечна претплата. Првите маски ќе бидат достапни во Јапонија во септември, а наскоро и во Европа, САД и Кина.



Извор: Lonely Planet
Фото: donutrobotics.com