Даниел Главевски-Зхоу, балкански училиштен шампион во пинг-понг: Потребна е издржливост и посветеност

Даниел Главевски-Зхоу, балкански училиштен шампион во пинг-понг: Потребна е издржливост и посветеност

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Има само 17 години, а веќе неколку пати беше државен првак. Тренира во Битола, а по татко му има кинеско потекло од Шангај.


Љубовта кон пинг-понгот ја наследил од својот дедо уште на петгодишна возраст. Даниел Главевски-Зхоу, кој дефинитивно е еден од најуспешните пингпонгари во категорија до 19 години во земјава, но и на Балканот, се присетува дека бил многу мал кога дедо му го однел во салата за пинг-понг. Тој играл, а на Даниел му било интересно да ги собира растурените топчиња. Но, тоа било само почетна магија зашто многу брзо научил да ја држи палката в раце и да игра на пингпонгарската маса.

Оттогаш тој не се откажува од овој спорт. Сега има 17 години и летово стана балкански училиштен шампион во пинг-понг. На првенството што се одржа во јуни во Охрид учествуваа 500 учесници од Грција, Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина натпреварувајќи се во различни спортски дисциплини, а Даниел успеа да ги победи своите конкуренти од регионот. Со тоа на своја адреса припиша уште еден успех плус кон многубројните што ги постигна на претходни натпревари.



- Од 2016 година досега повеќе пати сум бил државен првак во различни категории, сум учествувал на балкански и европски првенства со македонската репрезентација, како и на повеќе интернационални турнири. Во мај оваа година учествувавме и на Светската гимназијада во Франција каде што освоивме 8. место екипно. Балканската гимназијада беше во Охрид, таму имаше играчи од Србија, Албанија и Косово, и со добра игра успеав да го освојам првото место - раскажува Главевски-Зхоу.



Основно училиште заврши во Кина, а средно учи во Битола

Мајка му на Даниел е од Битола, а татко му од Шангај. Тој е роден во Битола, но дел од детството, од 4 до 12 години, го поминал во Кина. Таму го завршил основното образование, а потоа откако се преселил во Битола, продолжил да учи во гимназијата „Јосип Броз -Тито“. Во ниеден момент не ги запоставил тренинзите во пинг-понг, а вели дека има огромна поддршка и разбирање од професорите и од учениците во училиштето.

- Тренирам два-три часа дневно, и тоа четири до пет пати неделно. За овој спорт потребни се брзина, издржливост и посветеност за успех. Тренирам во пинг-понг клубот „Пелагонија“ и редовно учествувам на државни и на училишни натпревари. Тренери ми се Кристијан Јовановски и Томе Пехков - вели Даниел.

Од средното училиште му останува уште една година пред да замине на факултет. Сака да студира во Шангај, но не планира да прекине со тренинзите.



Сака да студира во Шангај, но нема да се откаже од спортот

- Тука или таму, пинг-понгот е дел од мојот живот, ме исполнува со енергија, ме прави среќен и планирам и понатаму да продолжам да тренирам - додава средношколецот.

Од клубот „Пелагонија“ велат дека младиот Даниел е одличен пингпонгар и дека денес младите не се многу заинтересирани за овој спорт. Во соработка со Општина Битола, клубот се обидува да го популаризира спортот. Најмногу им недостигаат средства за да ги остварат големите планови, но и да имаат сопствена сала.

ППК „Пелагонија“ - Битола со големи успеси, но нема сопствена сала

- Во моментот ја користиме салата во месната заедница Коле Лачето, каде што тренира фолклорно друштво, а и една група жени вежбаат аеробик и тие ги имаат фатено добрите термини. Ние сме трети таму. Тоа ни е голем проблем - секој тренинг местиме маси, мрежи, рингови и сѐ друго. За големи успеси ни треба сала само за пинг-понг - велат од клубот.



Клубот постои неколку години, а изминатата сезона се пласира во прва лига и очекуваат од наесен да го водат главниот збор за влез во најелитната Суперлига. Најголем успех на државните турнири постигнува нивниот пингпонгар Даниел Главевски-Зхоу, кој на сите турнири во категориите до 19 и до 21 година е меѓу првите четворица, а на турнирот во Крушево беше убедливо прв. Во последните шест години тој е постојан македонски репрезентативец во категориите, прво до 15, а сега до 19 години. Друг позабележителен успех постигнува Филип Ангела во категоријата до 15 години, а има и други млади играчи за кои се надеваат дека повеќе ќе се чуе во наредната сезона.

Фото: приватна архива