Нови снимки од „Титаник“ покажуваат како океанските микроби ги јадат остатоците

Нови снимки од „Титаник“ покажуваат како океанските микроби ги јадат остатоците

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Остатоците од можеби најпознатиот и најозлогласениот брод во историјата беа посетени од луѓе првпат во речиси 15 години, со што беше откриена неверојатна состојба на природна дегенерација сокриена длабоко во Атлантскиот Океан.

'Рѓосувајќи во тивка изолација на длабочина од 3.810 метри во близина на брегот на Њуфаундленд, Канада, „Титаник“ е маркантно пропаѓање, според тим за истражување на длабокиот океан кој го извршил првото нуркање до остатоците во 14 години.

Проучувајќи ги и снимајќи ги остатоците од бродот за следниот документарен филм, експертите и научниците што ја организирале експедицијата биле вџашени од глетката на бродот во распаѓање, чии два дела лежат на морското дно оддалечени стотици метри.

- Најфасцинирачкиот аспект беше да се види како бродот се консумира од страна на океанот и се враќа во основната форма додека обезбедува засолниште за голем број животни - истакнува Патрик Леј, претседател на „Тритон Сабмаринс“.

Истражувачкиот тим нуркал до остатоците од бродот и првпат (веројатно и еден од последните) го снимил во 4К.

Изложен на големите вртежи и морски струи на морското дно, бродот полека се распаѓа поради корозијата од солта и бактериите што го нагризуваат металот.

'Рѓосаните делови се распаѓаат на поситни фрагменти и на крајот се претвораат во прав, која може да биде однесена од морските струи. Поради тоа, претходните процени сугерираа дека остатоците може да исчезнат до 2030 година или не многу подоцна, а микробското проголтување на „Титаник“ ќе остави само дамка од 'рѓа на дното на Атлантикот.

Сè уште не е јасно дали последната експедиција ќе даде нови информации за тие предвидувања, но распаѓањето било поочигледно. Кога го посетиле местото, членовите на тимот положиле венец за да им оддадат почит на повеќе од 1.500 патници и членови на екипажот што загинале во катастрофата во 1912 година.  

Освен новото видео со висока резолуција, научниците од експедицијата ги испитувале остатоците од бродот користејќи и фотограметриски техники, кои во иднина ќе овозможат 3Д-рекреации на „Титаник“ во виртуелна и проширена реалност. За идните генерации тие вештачки реконструкции ќе бидат единствениот начин на кој ќе може да се информираат за физичкото наследство од една од најсмртоносните несреќи.

- Остатоците од бродот се единствениот сведок што го имаме од катастрофата. Сите преживеани сега починаа, па мислам дека е важно да се користат остатоците додека сè уште имаат нешто да кажат - истакна морскиот историчар Роберт Блит.