Зошто второстепената комисија ги укина решенијата на инспекторот Илиевски

Зошто второстепената комисија ги укина решенијата на инспекторот Илиевски

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Тој сега ќе понесе тужба до Управниот суд за решенијата на второстепената комисија

Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка ги уважила жалбите на тетовскиот универзитет и ги укинала решенијата на инспекторот Ѓорѓи Илиевски, во кои тој утврди незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата функционери Арбер Адеми, Сафет Емрули и Агим Нухиу, бидејќи утврдила погрешно законско толкување на еден член, но и наложила да се направи повторен инспекциски надзор согласно новиот Закон за високо образование од 2018 година. Илиевски ќе води судска постапка пред Управниот суд бидејќи смета дека комисијата постапила незаконски.



Адвокати, пак, токму ова ретроактивно важење на законите, на кое упатува комисијата, го оценија како неуставно. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, велат тие. Имено, и во решенијата од вонредниот инспекциски надзор до кои дојдовме со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е утврдено дека тројцата функционери законски напредувале во наставно-научни звања. Надзорот е извршен врз основа на Законот за просветната инспекција, како и Законот за високо образование од 2018 година.


Инспекторот Илиевски

Од адвокатското друштво „Наумов, Менкиноски и Партнери Скопје“, кои го застапуваат инспекторот Илиевски, ни одговорија дека согласно членот 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
- Постапките за избор во наставно-научни звања на тројцата политички функционери се спроведени во периодот во кој се применувал претходниот Закон. Поради тие причини, постапките за избор во наставно-научни звања морале да бидат спроведени согласно одредбите на Законот кој важел во моментот на распишување на конкурсот и изборот во наставно-научни звања, а не според новиот Закон од 2018 година - велат тие.

Но, токму на ваков чекор ги упатува инспекторите, второстепената комисија, која одлуката ја донела на 11 јули оваа година. Во решенијата по жалбите на тетовскиот универзитет кои се уважени, пишува:

„Во повторната постапка, првостепениот орган треба повторно да изврши инспекциски надзор согласно одредбите од Законот за просветната инспекција и Законот за инспекциски надзор, правилно и целосно да ја утврди фактичката состојба и доколку има неправилности за чие отстранување е надлежен, истите да ги констатира на записник и да донесе управен акт со кој ќе изрече соодветна и на закон заснована мерка за нивно отстранување. И притоа правилно да го примени материјалното право кое било во сила во времето кога е извршен инспекцискиот надзор, односно во конкретниот случај да ги примени важечките одредби од Законот за висoко образование бр.82/18“.




Адеми ќе треба самиот да си го одземе звањето ако се докаже незаконитост

Во решението на второстепената комисија се вели дека инспекторот Илиевски погрешно го толкувал членот 135 став 3 од Законот за високото образование од 2016 година („Времето за распишување на конкурсот од страна на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од шест месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон“). Комисијата смета дека продолжувањето на времето за кое може да се распише конкурс во звање (породилно отсуство, боледување, мирување на работниот однос) е оставено на диспозиција на лицето на кое работниот однос му мирува, а не претставува законска пречка за негов избор или реизбор.


Во решението по жалбата на Тетовски за министерот Адеми тие се повикуваат и на записниците од вонредниот инспекциски надзор од 6 јуни оваа година во кои стои дека за лицето Арбер Адеми во конкретниот случај не станува збор за избор на звање по истекот на времето за кое е извршен изборот, туку се работи за избор во звање за кој биле исполнети условите согласно член 125 став 2 од Законот за високо образование, а што во конкретниот случај не е поврзан со рокот утврден во членот 135.
Во врска со предлогот (решенијата) на инспекторот Илиевски да се поништи одлуката за избор на звањата на тројцата функционери, Државната комисија исто така утврдила: „Единствено министерот надлежен за работите во високото образование има овластување со решение да укине или поништи незаконита одлука на високообразовна институција, а не првостепениот орган“.



Ако се протолкува оваа одлука, значи дека министерот Адеми треба самиот на себе да си го одземе звањето ако се докаже незаконитост при неговото унапредување.

Илиевски: Не ми ги даваат документите

Инспекторот Илиевски за Факултети.мк изјави дека второстепената комисија не му ги давала одлуките за поништување на неговите решенија и вели дека има законско право да ги добие. Комисијата, според него, постапила спротивно на член 107 став 1 од Законот за општа управна постапка бидејќи според овој член, таа е должна жалбата од универзитетот и документацијата да ги достави до првостепениот орган.

- Тие мене не ме известија дека има жалба за моите решенија од страна на тетовскиот универзитет. А да потсетам дека тетовскиот универзитет не ми ги прими записниците и решенијата. Во официјалниот допис од второстепената комисија ме упатија решенијата да си ги барам од ДПИ. Поднесов и таму, но не очекувам да ги добијам. Успеав да ги добијам по други канали и сум фрапиран од тоа што го прочитав. Второстепената комисија кажува дека повторно треба да се изврши надзор, но треба да се прави според новиот Закон за високо образование од 08.05.2018 година. Но, во времето кога е распишан конкурсот за избор на звањата и во времето кога тројцата функционери напредувале, важеле одредби од друг Закон. Во законите точно си стои кои одредби до кога важат. Како може ретроактивно да важат, тоа се прашувам. Тоа е спротивно на Уставот и правната регулатива. Како може Закон од 2018 да важи за нешто што се случувало во 2016 година  – вели Илиевски.


Одговор од комисијата кога Илиевски ги побарал документите

Тој исто така вели дека вонредниот инспекциски надзор на Тетовски е направен по поднесена претставка до ДПИ од тројцата функционери.
- Тие самите поднеле претставки на моите записници, што е исто така небулозно – вели Илиевски.

Тој сега ќе понесе тужба до Управниот суд за решенијата на второстепената комисија. Тој исто така веќе поднел претставка и до Инспекцискиот совет, во која пишува:
„Второстепената комисија извршила пречекорувања затоа што ако добила жалба од универзитетот, била должна да ја достави кај првостепениот орган кој ги работи предметите. Решенијата не се достапни на првостепениот орган, а тоа сум јас. Ваквиот чин е злоупотреба“, пишува во претставката.
Илиевски поднесе жалба и до Агенцијата за администрација за неговата дисциплинска казна и начинот на кој се водеше постапката од страна на комисијата при ДПИ, која одлучи да го казни со деградирање на пониско работно место.
- Исто така, очекувам и Антикорупциската комисија да се произнесе за случајот бидејќи и кај нив се доставени сите документи – вели Илиевски.
За овој случај се водат постапки во неколку институции, а Илиевски го пријави и во Основното јавно обвинителство и финансиска полиција.

Илиевски ќе побара со овој случај да се занимава и раководителот на новиот оперативен тим на Владата за борба против криминалот и корупцијата, Оливер Спасовски.