Јорданка Мавродиева заврши факултет на 68 години со просек 9,81: Од електроинженер во пензија до лингвист

Јорданка Мавродиева заврши факултет на 68 години со просек 9,81: Од електроинженер во пензија до лингвист

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Седнав во клупа со деветнаесетгодишни студенти и учев толку интензивно како да ми зависеше егзистенцијата од тоа. Првиот час ми беше најнеобичен, потоа воопшто не размислував, споделува Јорданка

Јорданка Мавродиева има една необична и инспиративна приказна. Таа е пример дека човекот учи додека е жив. Нејзината неуморност, желба за знаење, за надградба, по пензионирањето ја води во нов правец - на 64 години се запиша на факултет.

- До 2018 година бев електроинженер. Се пензионирав на работно место систем-инженер во една јавна здравствена установа. На 64-годишна возраст, во 2019 година, се запишав на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје, а дипломирав во 2023 г. со просек 9,81 - вели Јорданка, меѓу студентите позната како Данче.

Учев толку интензивно како да ми зависеше егзистенцијата од тоа

Прво прашање ни беше што ја поттикнало на 64 години, на крајот од работната кариера, да се одлучи за еден ваков чекор.

- Ако растете со животните приказни на баба, дедо, прабаба, татко и на цел еден народ, јасно е дека неговата голгота ќе биде пресудна кога ги формирате своите животни ставови. Дел од Егејот, тоа беа луѓе тепани и убивани затоа што го говореле својот мајчин – македонски јазик и затоа во мојот дом постоеше култ кон македонскиот јазик, а за Блаже Конески се говореше со најголем пиетет. Моите баби не знаеја ниту еден збор грчки, говореа македонски дијалект: костурско-корешчански. Тоа беше и мојот говор во детството, а лингвистички за сите негови карактеристики, богатството со архаизми и иновации, сакав да учам на часовите по дијалекти. Седнав во клупа со деветнаесетгодишни студенти и учев толку интензивно како да ми зависеше егзистенцијата од тоа. Многумина ме поддржаа, некои од моите пријатели бараа да им кажам каква материјална корист имам од овој толку голем ангажман, но најбитно – семејството ме поддржа безрезервно. Знаете, тешко би било сосема да се оддадете на учење ако тие околу вас не го одобруваат тоа. Моето учење ми даде мир и спокој, ми ја подигна гордоста што сум Македонка, нешта што со ниедни пари не се купуваат - децидна е Јорданка.

Факултетот ѝ значи многу и, како што вели, треба да се трудиме да си го зачуваме.

- Потребно е сите факти да се кажуваат јасно и гласно, никогаш да не се крие вистината и со тоа да им се даде оружје во рацете на оние што имаат аспирации за нашиот јазик, идентитет, историја. Потребно е добро да го запознаеме мајчиниот јазик, со гордост да го применуваме, да се трудиме правилно да зборуваме и да пишуваме - вели таа.

Талентираните студенти да се докажуваат не само во информатиката, туку и во изучувањето на македонскиот јазик

Преку овој нејзин несекојдневен чекор, Јорданка им порачува на сите млади да го запознаат својот мајчин јазик, добро да го проучат затоа што не може да се изучува странски јазик без да се знае мајчиниот.

- За да се поттикне употребата на македонски зборови и да се изнајдат преводи на лексемите и фразите од странските јазици што денес се силно присутни во нашиот јазик, младите да се приклучат кон иницијативата на зборците. Зборообразувањето да стане една релаксирачка игра, тука да го вложат својот талент создавајќи нови македонски зборови пандан на странските што во огромен налет продираат во нашиот јазик. Талентираните студенти да се докажуваат не само во информатиката, туку паралелно и во изучување на македонскиот јазик. За младите луѓе што ќе се запишат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје – да знаат дека речиси сите професори на Катедрата за македонски јазик (со ретки исклучоци) и најголем дел од професорите на Катедрата за книжевност ќе се трудат максимално да им помогнат, ќе бидат постојано присутни, овие професори се длабоко свесни дека се таму заради студентите; учебниците ќе ги добијат или без пари или копирани за ситни пари; не постои уцена „купи го учебникот за да положиш“; постојано ќе чувствуваат поттик од професорите - вели Јорданка.



„Ми беше чудно како некој на возраст на баба ми студира со мене“

И професорите и студентите се фасцинирани од нејзината љубов кон македонскиот јазик, од нејзиниот порив кон постојан напредок.

Гордана Алексова, професорка на Катедрата за македонски јазик, посочува дека Мавродиева била едно своевидно освежување во наставниот процес на Катедрата.

- Ако е возможно, впрочем, да се каже тоа и ако му доликува на човек во зрелата возраст да ја освежува средината што по правило им припаѓа на луѓе што се по возраст млади, а по својата природа - пркосни. Но, во својата студиска генерација таа беше оксиморонот во движење, или врската и рамнотежата на противречностите, односно на двојната противречност - да не бидете повозрасна само од своите колеги студенти, туку и од своите професори. Па, ако противречностите се привлекуваат, тогаш којзнае што им се случува на двојните противречности? Мислам дека резултатот ќе се види во сите нејзини следни напредувања, за кои сум сигурна дека ги испланирала - истакнува професорката.

Студентите имаат само пофални зборови за Данче, восхитени од нејзината желба, дух, непресушна енергија…

- Ми беше чудно како некој на возраст на баба ми студира со мене. Но за интелектуалци како Данче, никогаш не е доцна. И зошто да не сме побогати - вели Анита.

Интересно е што мислеле студентите за неа кога ја виделе првпат.

- На почетокот мислев дека е од инспекторат. Постојано нешто запишуваше. Потоа сфатив дека има срце-планина и дух на 20-годишна личност. Колку што имавме и ние. Инспирација и мотивација за понатаму во животот. Ако може таа, можеме и ние - вели Евгениј.

Друга студентка, која отскокнува со годините од помладите студенти, се збунила кога ја видела.

- Јас имам 43 години, а покрај себе гледам друга возрасна жена. Се збунив оти виртуелни ни беа предавањата. Подоцна дознав дека е студент, споделуваше со мене сѐ што имаше, секогаш ми даваше совети. Данче е неуморна. Ризница од знаења - вели Убавка.



Од септември - нови предизвици

Првите три години од студиите, паралелно со предавањата, постојано го изучувала новогрчкиот јазик. Курсот го продолжила во учебната 2023/2024 година. Пред еден месец полагала на Филозофскиот факултет при УКИМ и се стекнала со сертификат за успешно завршен курс по новогрчки јазик В2/2.

- Покрај новогрчкиот, од октомври 2023 до крајот на мај 2024 го следев и предметот Старогрчки на Филозофскиот факултет при УКИМ. Најверојатно во септември оваа година ќе мора да се запишам на овој факултет за да го дослушам овој предмет. Кон крајот на февруари 2024 година го положив лекторскиот испит. Оттогаш наваму лекторирав еден магистерски труд – тоа беше пообемена работа и неколку други текстови. Се надевам дека во иднина ќе имам можност да лекторирам текстови со различна лексика. Додека лекторирам сум во постојан допир со јазикот, со промените што се случуваат. Морам да ги изнаоѓам, да барам дали овие промени се во согласност со Правописот, а тоа прави постојано да евалуирам барајќи нови решенија. И гласно да кажам: сето време додека ги подготвував испитите, додека ја подготвував дипломската работа, додека се спремав за лекторски испит, а и потоа додека лекторирав разни текстови, непрекинато добивав несебична помош од професорите од Катедрата за македонски јазик. Им благодарам! - порачува Јорданка.

Фото: приватна архива