150 години од читалиштето во Ваташа. Кога учителите земале трипати повисока плата од колегите во Кавадарци
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ваташкото читалиште било едно од првите од ваков вид читалишта на село во Македонија. Било снабдено со весници, списанија и книги
Читалиштето во кавадаречкото село Ваташа деновиве наполни 150 години од формирањето. Иако куќата во која било сместено денес не постои, историските извори и фотографии говорат за народното читалиште отворено во средината на 1869 година. Според авторот на написот во весникот „Право“, Јордан Хаџи Константинов-Џинот известува за постоењето и функционирањето на читалиштето во селото Ваташа.
- Може да се претпостави дека негов иницијатор бил токму Џинот. Просториите во кои било сместено читалиштето се наоѓале во училиштето кое го носело името на првиот македонски печатар и преродбеник Даскал Камче Поп Ангелов - објаснува Петре Камчевски, историчар, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци.
Петре Камчевски
Ваташкото читалиште било едно од првите од ваков вид читалишта на село во Македонија. Било снабдено со весници, списанија и книги. Во тоа време во Ваташа имало 400 куќи. Во селото живееле 2.000 жители, од кои 100 биле Турци, а преостанатите христијани.
- Ваташа имала едно големо основно училиште кое го носи името на првиот ваташки световен учител и еден од првите македонски печатари Даскал Камче Наков Колев Поп Ангелов. Во ова училиште учителствувале во тоа време најдобрите македонски учители, како Арцени Костенце, Андон Грков, Алексие Поп Стефанов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Туше Дели Иванов, Ѓорѓи Милетич и други - објаснува Камчевски.
Тој вели дека Ваташа е меѓу првите населени места што имаат световно училиште, а во средината на 17 век во Моклишкиот манастир имало и ќелијно училиште, и сите оние што ќе го завршеле се сметале или ги сметале за учени луѓе.
На годишнината од формирањето на читалиштето, на 3 јуни 1870 година, жителите од Ваташа по завршувањето на богослужбата во црквата „Св. Богородица“ заминале во читалиштето и поголем дел од нив подариле пари за купување нови книги. Меѓу дарителите биле: Хаџи Ѓорѓи Китанов – 20 гроша, Димитар Стојанов – 30 гроша, Алекси Поп Стефанов, учител - 21 грош, Даскал Тодор – 90 гроша, Христо Златев – 21 грош, Стојко Усков – 40 гроша, Стојан Станоев – 35 гроша, а од преостанатите присутни донатори биле собрани уште 112 гроша.
Училиштето каде што било сместено и читалиштето / Фото: од сочуваната документација на П. К.
На прашањето каква била свеста на народот за значењето на писменоста, Камчевски одговара:
- Бидејќи селото Ваташа, како и другите населени места во Тиквешијата, било населба во која најголемиот дел од жителите се занимавале со земјоделство, образованието не им било приоритет, ама побогатите жители, трговците, занаетчиите и побогатите чорбаџии, знаејќи ги предностите на образованието, не жалеле средства и пари своите деца да ги образоваат. Во Ваташа учителите како Костенцев, Џинот, Оче Алексие, Милетиќ и др. биле плаќани и по 5.000 гроша годишно, додека во Kавадарци за истата работа учителите одвај земале по 1.500 до 2.000 гроша плата. Па оттаму се велело колку пари, толку музика - вели тој.
Дека ваташани ја сакале книгата и имале почит спрема неа, потврдува фактот што книгата „Служение еврејско“ од вкупно 312 претплатници, колку што имало за неа во Македонија, 38 биле од Тиквешијата, а 13 од нив биле ваташани. Меѓу нив биле и: Даскал Камче Колев Поп Ангелов, поп Ангеле, поп Крсте, поп Михаил, Јанаки Темелко Пинџуров, Апостол Темелков, Христо Јорданов, Томе Коџобашијата и Кимо Ќурчиев.