Не само на дипломците, овој милијардер ќе им ги исплати и студентските долгови на родителите
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во мај годинава милијардерот Роберт Смит најави дека ќе обезбеди грант за намирување на целиот
студентски долг на цела генерација од колеџот „Морхаус“ во Атланта, во американската држава Џорџија. Сега понудата се прошири на покривање на студентскиот долг и на родителите на тие студенти.
Подарокот ќе го чини Смит 34 милиони долари, стои во соопштението на колеџот. Според соопштението, Смит ќе донира за нова програма на колеџот, кој за возврат целосно ќе ги исплати сите федерални студентски кредити подигнати од 400 студенти што дипломирале во мај (и речиси сите се Афроамериканци), како и заемите на нивните родители и старатели.
- Овој подарок од Роберт Смит ќе им го смени животот на нашите студенти и нивните фамилии. Се надеваме дека нашите дипломци ќе ја искористат нивната финансиска слобода за да се стремат кон нивните кариерни цели, да ја водат и да ѝ служат на заедницата и да го запомнат духот на подарокот кој им се дава така што ќе го поддржат образованието на идните студенти - истакна Дејвид Томас, претседател на
колеџот.
Смит првпат го најави подарокот на церемонија во мај.
- Мојата фамилија ќе креира грант за елиминирање на вашите студентски долгови - рече Смит тогаш.
Според индексот на милијардери на „Блумберг“, Смит има богатство вредно 6,08 милијарди долари.