Постојат два вида креативност, а едниот не го достигнува максимумот до 50-тата година
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Алберт Ајнштајн објавил пет труда што ја револуционизирале физиката кога имал 26 години. Орсон Велс го напишал романот „Граѓанинот Кејн“ на 25 години. Бил Гејтс имал 31 година кога ја заработил првата милијарда.
Кога мислиме на гении, обично мислиме на вакви приказни. Неизмерно надарени поединци кои имаат метеорски успех уште пред да станат полнолетни. И има вистина во овој образец. Многу креативни достигнувања се потврдени меѓу оние што имаат 20 години. Но, науката покажува дека ова е само половина од приказната. Постои сосема друг вид креативност и во просек не се открива сè до средовечноста.
Постојат многу примери на гении што го менуваат светот, а не го дале својот најзначаен придонес сѐ додека не наполниле 40-50 години. Чарлс Дарвин имал 50 години кога ја објавил „Потеклото на видовите“, додека Марк Твен имал 49 години кога ја објавил „Хаклбери Фин“.
Овие контрапримери не претставуваат само случајна дистрибуција на напредни идеи низ животот на луѓето. Според едно исцрпно и фасцинантно истражување на економистот Дејвид Галенсон од Универзитетот во Чикаго, генијалноста може да се манифестира на млада возраст или многу подоцна, на возраст од 50 години.
Фото: Freepik
Ова е така затоа што постојат два многу различни пристапи кон
креативноста. Оние што ја имаат креативноста додека се млади понекогаш рано „согоруваат“, а Галенсон ги нарекува концептуалисти. Нивната најдобра работа е резултат на една брилијантна, радикална, сеопфатна идеја. Ајнштајн, одејќи си дома по работа, имал еурека-момент за природата и универзумот, па сето тоа го запишал. Пикасо размислувал за кубизмот и го преточувал во дело.
Но, постои уште еден пат до генијалноста. Тоа е патот по кој Дарвин минувал со децении, набљудувајќи го природниот свет и составувајќи ја својата теорија. Или кога Твен повторно го напишал и ревидирал „Хаклбери Фин“ во период од една деценија. Тие се експерименталисти.
Овие гении ги сфаќаат работите во текот на животот, спојувајќи ги нивните идеи преку обиди и грешки. Тој процес на набљудување и рафинирање трае долго време. Оттука, нивното најдобро дело обично не завршува до 50-тите години од нивниот живот.
Според Галенсон, ова важи и за сопствениците на бизниси. Претприемништвото е област што особено ги цени гениите. Но, истражувањата покажуваат дека просечната возраст на основачите на успешни стартапи е 44 години. Од Тони Рајан на „Рајанер“ до Гери Барел на „Гармин“, ова не се деца кои имале одлична идеја што ја реализирале во нивната студентска соба. Тие се ветерани во индустријата, кои со текот на времето откриваат подобри начини да ги извршуваат работите и потоа да основаат компании за да ги реализираат тие согледувања.
Накратко, тие се експерименталисти, и иако добиваат помалку медиумска покриеност, и тие се гении.
Затоа не очајувајте, сите вие што чекорите по долга патека, обидувајќи се да го откриете сопствениот голем придонес кон светот. Само затоа што брилијантноста не дошла кога сте биле млади, не значи дека не е на пат. Можеби едноставно одите по патот на експерименталистот за да ја најдете вашата голема идеја.
Извор:
Inc.com