Студија спроведена на примати ги открива ризиците за нивно истребување

Студија спроведена на примати ги открива ризиците за нивно истребување

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Меѓународен тим од биолози, планетарни научници и конзерватори спровел голема студија на популации на нечовечки примати низ светот за да го проценат нивниот ризик од истребување поради климатските промени.

Научниците опишуваат како собирале и анализирале податоци од четирите главни региони во светот кои служат како дом на приматите. Потоа го комбинирале она што го пронашле со карактеристиките на приматите за да развијат модел за пресметување на нивниот ризик од истребување, бидејќи средината во која живеат се менува.

Претходните истражувања покажале дека како што планетата станува потопла, различни делови на Земјата ќе доживеат различни промени - некои ќе забележат повеќе дожд, други помалку, што ќе резултира со промени во вегетацијата и животните, кои се потпираат на такви извори на храна за да преживеат. Во оваа нова студија истражувачкиот тим ги поврзал промените во местата каде што живеат приматите со нивната способност да преживеат. Севкупно, истражувачкиот тим добил и анализирал податоци за 22.705 места каде што живеат примати, од Мадагаскар до Азија, Африка и Јужна и Централна Америка, а исто така и на Карибите.

Како дел од нивната анализа, истражувачите се обиделе да ги проценат промените во количината на врнежи и вегетацијата и да утврдат колку брзо може да се променат условите. Тие, исто така, ги разгледале атрибутите на приматите, како што се големината на телото, нивниот опсег, дали спиеле дење или ноќе, нивните предатори и нивната еволутивна посебност.

Истражувачкиот тим открил дека влијанијата ќе варираат во зависност од регионот и од видовите примати. Како еден пример, тие забележале дека нестабилните количини на врнежи во неотропските предели ќе доведат во ризик многу видови, додека веројатно ќе го намалат ризикот за приматите што живеат во Мадагаскар и Африка.

Сепак, многу такви примати би биле изложени на ризик од други извори, како што се уништувањето на шумите, рударството и загадувањето. Тимот открил 33 вида примати кои претходно не биле идентификувани како видови со висок ризик од исчезнување. Тие посочуваат дека овие видови имаат латентен ризик од исчезнување и треба дополнително да се евалуираат.

Истражувачите велат дека нивната работа го нагласува ризикот со кој ќе се соочуваат видовите примати низ светот бидејќи планетата продолжува да се загрева.

Извор: phys.org

Фото: Freepik