Маестро Симон Трпчески по подолга пауза ќе настапи дома
Светски познатиот македонски пијанист, човекот кој ги освојува срцата на публиката со својата виртуозност, топлина и извонредна музикалност - Симон Трпчевски по подолго време е повторно пред македонската публика, заедно со неговите пријатели, врвни македонски уметници: Влатко Нушев, Илинка Велкова, Александар Стојчески, Владимир Крстев, Паскал Краповски, Гонца Богоромова, Иван Наумовски, Милена Арсовска и Шкељзен Бафтијари.
Трпчески ќе настапи на 43. Денови на македонска музика, утре (24 ноември), во 19 часот, во соработка со „КултурОп“ во големата сала на Филхармонија. На програмата на ова вистинско доживување, експлозија од убавина, многубројни светски и македонски премиери, се дела од: Гоце Коларовски, Борјан Цанев, Димитрије Бужаровски, Панде Шахов, Александра Наумоски-Потиск, Томислав Зографски, Томе Манчев, Стојан Стојков, Фатос Лумани, Дарија Андовска и Александар Лековски.
- Уметноста на Трпчески е да истражува длабоко под нотите и да ги извлекува неопходниот карактер и суштината на партитурата.... Умешноста и страста создадоа перформанс што беше вонредно привлечен со својата свежина и со неговиот капацитет да го разоткрие срцето на музиката - напиша престижниот „Телеграф“ за неговото музицирање.
Симон Трпчески настапувал со оркестри како Кралскиот Концертгебау оркестар, Националниот оркестар на Русија, ВДР Синфониеоркестер, Националниот оркестар на Франција, Њујоршката филхармонија, Кинескиот филхармониски оркестар и Симфониски оркестар на Сиднеј. Тој редовно изведува солистички рецитали во културните престолнини Њујорк, Париз, Минхен, Прага, Сао Пауло, Сиднеј, Пекинг, Токио и Лондон, каде што неодамна беше резидентен уметник во салата Вигмор. Настапува на престижни фестивали, меѓу кои Вербие, Берген, Фестивал Балтичко Море, Мекленбург Западна Померанија, Робеко, Аспен, Кабрило, Равинија, Блосом и БиБиСи Промс.
Во текот на сезоната 2020/2021, Трпчески ќе се врати како солист со Националниот оркестар на Франција, Филхармонија оркестар, Руски национален оркестар, Филхармонија на Монте Карло, Симфониски оркестар на градот Бирмингем, Тонхале - Оркестер Цирих, Минесота и Санкт Петербург филхармонија, како и симфониските оркестри на Балтимор и Чикаго. Тој ќе ја заврши сезоната настапувајќи со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул на последниот концерт на Василиј Петренко како музички директор.
Фото: Архива