Анемија - што е важно да се знае

Анемија - што е важно да се знае

Анемијата се дефинира како апсолутно намалување на бројот на еритроцитите, односно на концентрацијата на хемоглобинот или на вредностите на хематокритот. Како основно мерило може да се земе хемоглобинската концентрација во крвта која е пониска од општоприфатените нормални вредности. Според СЗО анемија постои кога вредностите  на хемоглобин се под 130g/l кај возрасни мажи и под 120g/l кај возрасни жени. Снижената концентрација на хемоглобинот ја намалува способноста на крвта во определено време да го транспортира потребното количество кислород од белите дробови во периферната крв, што предизвикува различен степен на ткивна хипоксија – неможност да се транспортира кислородот до ткивата и клетките во организмот. Анемијата е една од најчестите патолошки состојби кај луѓето. Честа е кај децата под петгодишна возраст, кај бремени, кај жените кои дојат и во репродуктивниот период. Често се сретнува кај обата пола во шестата деценија.  

Причини за настанување на анемија:

Анемијата може да настане од повеќе фактори, најчесто тоа се:
- Намалена продукција на еритроцити заради:
Недостаток од нутриенти (витамин Б12, фолна киселина, железо)
Пореметување во синтезата на ниво на коскена срцевина
- Зголемено уништување на еритроцити
Наследни, стекнати и идиопатски хемолитични анемии
- Губење на крв
Акутно губење на крв заради повреди/ оперативни зафати/ заболувања

Хронично губење на мали количини во подолг временски период (хронични ГИТ болести) и др.


Најчести причини за појава на недостиг на железо:

- Недоволен/намален внес заради несоодветен начин на исхрана (вегетаријанци, разни диети, малнутриција)
- Намалена апсорпција заради акутно или хронично воспаление; заради болести на дигестивниот тракт (целијакија, атрофичен гастрит, ахлорхидрија) или како последица на хируршки процедури (отстранување на помал или поголем дел на желудникот); заради земање одредени лекови или видови храна кои водат кон намалена апсорпција на железото (фитати, калциум, протеини од соја, танини,антациди…)
- Губиток на железо заради акутно крварење/повреди/операции; хронично крварење/мали количини во подолг временски период; често крводарителство.
- Зголемени потреби за железо се јавуваат при состојби на бременост, доење; кај жени во фертилен период (и при обилни менструални крварења); кај прерано родени деца и кај мали деца во периодот на воведување цврста храна, како и во адолесцентниот период на брз раст.
- При терапија со епоетини кај онколошки, хематолошки и нефролошки пациенти.

Заради сите горе наведени причини потребно е навремена дијагноза и  пристап кон соодветна терапија. Дијагнозата на анемиите се поставува врз база на анамнезата, клиничкиот наод и врз база на лабораториските анализи.

Железо-дефицитната (сидеропенична анемија) е најчеста анемија, се јавува во сите возрасни групи. Најчесто во пубертет, кај жени во репродуктивен период и бремени жени, кај потхранети лица и кај хроничните болни. Двете најчести причини за појава се: железо-дефицитна анемија заради недостаток на железо (пореметен внес и/или зголемена губиток) и железо-дефицитна анемија при хронични болести (хронични воспалителни процеси од различна етиологија). Односно, анемијата поради недостаток на железо се јавува како резултат на исцрпеност на резервите на железото во организмот.

Железото е еден од најважните микроутриенти за организмот кој има многу улоги: 
- Пренос на кислородот (улога во хемоглобинот)
- Одржување на резерви на кислород во ткивата (улога во миоглобинот)
- Учество во создавање на енергија за организмот
- Детоксикација на хепарот и уште многу други улоги. 

Вкупното количество на железо во организмот е 4-5g од кои на дневна база може да се изгубат и до 1g со десквамација на клетки, мали крварења или промени во метаболизмот. Железото е „затворен систем“, постојано треба да е врзано за проетински носач: хемоглобин, миоглобин, трансферин или феритин, бидеќи е про-оксидативен метал со високо изразена токсичност. Резервите на железо се во црниот дроб и со пад на количеството кое ја има носечката улога (железо во хемоглобин), се ослободува од феритинот и преку трансферинот се снабдува коскената срцевина.
Регулатор на излезот на железото од депото е и протеинот од хепарот – хепцидин, чија активност е обратнопропорционална со количеството на железо. Доколку постои инфламаторен процес, се зголемува количеството на херцептин, кој го „блокира“ излезот на железо од депото и нагло се намалуваат и параметрот концентрација на серумско железо. Доколку нивото на хепцидин е ниско, железото од депото непречено излегува доколку е потребно.

Затоа е многу важно добро да се разгледаат сите параметри од крвната слика, пред да се дијагностицира анемијата, бидејќи сама, концентрацијата на серумско железо не е показател за железо-дефицитна анемија, а од друга страна е и варијабилен параметар кој зависи и од полот, возраста, начинот на исхрана и дневните активности и болести на пациентот.
Внесот на железото во организмот е преку храна, напитоци, суплементи, но само 2‐15% од внесената количина на железо може да се апсорбира.
Недостигот на железо е чест медицински проблем и една од најчестите причини за појава на анемија од различен степен.

Фармацевтски препарати кои содржат железо може да бидат:
- Орални препарати (додатоци на исхрана кои содржат доза до 30 mg железо и лекови кои содржат доза над 30mg железо во својот состав).
- Парентерални (интра‐венски) препарати.

Оралните форми на железо се ефикасни САМО ако правилно се употребуваат и дозираат:
- На празен стомак или со храна која содржи месо.
- Не треба да се земаат со млеко, млечни производи и чај (поради создавање на нерастворливи комплекси со калциумот и интеракција со танините).
- Се препорачува земање со храна или препарати кои содржат витамин Ц.

Повеќето орални препарати на железо често имаат несакани ефекти кои го отежнуваат или компромитираат третманот:
- Метален вкус во устата
- Гастро‐интестинален тракт: мачнина, гадење, болки во желудникот, пролив, запек
- Темно пребојување на слузницата и фецесот 

Во поново време постојат нови орални форми на железо кои го комбинираат органското железо ( железо од животинско потекло ) со солите на железо. Ваквата форма ја зголемува апсорпцијата на железото до 40% и овозможува со помала доза да се постигне ист резултат, а да се избегнат несаканите ефекти кои ќе го отежнат или компромитираат третманот. На органското железо храната и млечните производи немаат влијание и поради тоа дополнително витамин Ц немора да се користи за подобрување на апсорпцијата на железото.

Парентералното (интравенското) железо се применува САМО ако е неопходно и ако со другите третмани не се постигнува терапевтски ефект на покачување на параметрите (се аплицира само во болнички услови).

Терапевскиот одговор на примањето препарати на железо е доста спор, потребни се повеќе недели (10‐12) за видливи ефекти од терапијата. Најчесто, терапијата на анемија треба да трае најмалку 3-6 месеци, време потребно не само за корекција на вообичаените параметри од крвната слика, туку и за пополнување на депоата, што најдобро ќе го видиме преку вредностите на феритинот и трансферинот.

Автор: д-р Билјана Ѓорѓиевска, спец. интернист, ПЗУ Гастротоп – Скопје

фото: Unsplash



Д-р Билјана Ѓорѓиевска 
Спец.интернист 
ПЗУ Гастротоп – Скопје 
Д-р Билјана Ѓорѓиевска 
Спец.интернист 
ПЗУ Гастротоп – Скопје 
Д-р Билјана Ѓорѓиевска 
Спец.интернист 
ПЗУ Гастротоп – Скопје