Проф. д-р Христина Спасевска: Науката треба да биде движечка сила за развој на малите земји

Проф. д-р Христина Спасевска: Науката треба да биде движечка сила за развој на малите земји

Ретко научниците се вклучени во работни групи кога се донесуваат мерки за заштитата на животната средина, намалување на загаденоста на воздухот, енергетската ефикасност, здравата храна и друго. Причината е многу едноставна!

Професорката Христина Спасевска е годинашниот добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за остварување во науката, техниката и стопанството од областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. Таа е професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), претседател на Инженерска институција на Македонија и национален координатор за програмата „Хоризонт 2020“ (Horizon 2020) за енергетика и енергетска ефикасност на Европската комисија.

Во последните десет години Спасевска е раководител или учесник на повеќе од 15 научноистражувачки и развојни меѓународни проекти во програмите ФП7 (FP7), ЕУРЕКА (EUREKA), Хоризонт (Horizon 2020), ИПА (IPA) и КОСТ (COST), како и проекти финансирани од Меѓународната агенција за атомска енергија (International Atomic Energy Agency), Светска банка (World Bank), Централноевропската иницијатива (Central European Initiative) и Министерството за образование и наука. Коавтор е на повеќе од 50 научноистражувачки и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во меѓународни едиции и списанија со фактор на влијание или трудови презентирани на конференции. Има објавено повеќе од пет учебници, збирки и учебни помагала.

Како експерт, што ќе им порачате на нашите државници во однос на подобрување на условите во науката и презентација на македонската наука во светското научно милје?

- Кога ѝ припаѓате на мала земја со ограничени природни ресурси, како што е нашата, една од големите можности за развој е вложувањето во науката, т.е. во интелектуалната елита. Затоа што резултатите во науката нѐ прават конкурентни во друштво со богатите, високоразвиени земји. Процентот на луѓе што работат наука е мал и можеби инвестирањето во неа не е популистичка политика, но оние што се најдобри имаат различно аналитичко размислување, стекнато во текот на научните истражувања, и можат суштински да помогнат во решавањето на општествените проблеми.

Проф. д-р Христина Спасевска

Условите што им се потребни на научниците да творат се специфични. Кога сме насочени кон некој научен предизвик, не постојат ниту временски ниту просторни ограничувања, тој е постојано со нас. Науката не е работа што се вреднува со реализирани часови, а за постигнување врвни резултати потребен е целосен мисловен ангажман, ослободен од секакви стеги и, секако, „нормални“ услови за работа. А „нормални“ услови значи да имате финансиски средства за истражување, за ангажирање млади истражувачи, за размена на знаења и искуства со колегите од другите земји. Потребата за средства значително се зголемува кога се работи фундаментална наука, каде што резултатите не се директно бизнис-ориентирани или, пак, наука што е од големо значење за националниот идентитет, како што се историјата, лингвистиката и друго.

За да се постигнат врвни резултати на светско ниво, потребно е многу, многу повеќе. Неретко се прашувам како воопшто во тоа успеваат моите колеги! Нашите национални тимови се мали и единствен начин за успех е приклучувањето во големите проекти и користењето на европските фондови. Притоа не е доволно само редовно да се намируваат државните партиципации во меѓународните проектни програми, потребна е и финансиска поддршка за подготовка на нашите апликации, за чиј успех не е пресудна само добрата идеја, туку се потребни препознатливи партнери и технички квалитетен проект, што по правило треба да се финансира од национални проекти, слично на другите земји.

На кој начин може да се придонесе за намалување на „егзодусот“ на младите?

- Одговорот е многу јасен - младите сакаат да живеат во политички и економски стабилна држава, каде што постои правен систем и загарантирани човекови права и слободи. Најчесто кажуваме дека младите си одат од земјава поради малите плати и невработеноста, но според мене, тоа не е основната причина. Тие се изморени од оптовареноста со натрупаните проблеми во секој сегмент на општеството. Очекувам дека ситуацијата во која се најде нашата земја, со одложувањето на пристапувањето кон ЕУ, ќе го зголеми бројот на млади што ќе си заминат.

Една од добитниците на наградата „13 Ноември“

Секако, интелектуалната миграција е нов тренд и се случува не само во земјите во развој, туку и во богатите земји, но проблемот е во тоа што младите што заминале од нашата земја повеќе не се враќаат. Пред шест-седум години како продекан за настава учествував во работна група за подготовка на стратегија за намалување на одливот на мозоци. Црпејќи искуства од соседните земји, заклучивме дека треба да има големи вложувања, од милиони евра, за подобрување на образованието, животната средина, отворањето нови работни места, особено за младите интелектуалци. За жал, таа стратегија, уште тогаш, остана на хартија, без реална имплементација.

Како науката ги подобрува условите за живот на сите граѓани во нашата земја?

- Науката по правило постои за да им овозможи подобар живот на граѓаните, секое откритие, иновација или, пак, унапредување може реално да придонесе кон тоа. Но проблемот се јавува во видливоста на научните резултати и нивната имплементација.
Колегите што работат апликативна наука можат да соработуваат со компании, државни и приватни, решавајќи реални проблеми. Во нашата земја оваа соработка не е на завидно ниво.

Исто така, многу ретко научниците се вклучени во работни групи кога треба да се донесуваат мерки за заштитата на животната средина, намалување на загаденоста на воздухот, енергетската ефикасност, здравата храна и друго. Причината е многу едноставна! Начинот на размислување на бизнисмените, политичарите и научниците е различен. Ако бизнисмените се стремат кон брза заработувачка, а политичарите дејствуваат во рамките на доделениот мандат, идеите и ставовите на научниците секогаш се стратешки и даваат сигурни, одржливи резултати на долги патеки, за чија реализација е потребно време.

Како професор, но и како мајка, што ги советувате Вашите студенти во однос на иднината на нашата држава?

- Како професор на повеќе од триесет генерации студенти и мајка на млад, штотуку завршен инженер, на млади луѓе со перспективни кариери, секогаш имам дилема дали го давам вистинскиот совет кога им велам да останат дома, во нашата држава. Сум имала подолги студиски престои во странство, а и сега многу често патувам, па со право можам да кажам дека треба да ѝ дадат шанса на нашата држава, да продолжат да чекорат по истите улици, да се среќаваат со пријателите од детството. Нашиот менталитет секогаш е поврзан со голема посветеност на семејните вредности, кои и понатаму треба да се негуваат.



А за иднината на нашата држава... во овие триесетина години од осамостојувањето премногу зборуваме за тоа дали ќе „нè биде“. Ние живееме во независна и суверена земја која има единствен пат - да се развива со европски вредности. Последните неколку години даваат надеж дека барањата на граѓаните ќе бидат на прво место и наместо со политика, ќе се занимаваме со нашите секојдневни потреби. Треба да кажуваме што мислиме, јавно и недвосмислено, да ги бараме своите граѓански права во секој сегмент од општественото живеење. Само така нашата држава има „иднина“!

Не треба да нè разочаруваат и ставовите на соседните земји, сега кога сме на пат за евроинтегрирање, кои го негираат нашиот јазик, идентитетот и државноста, па бараат преиспитување на многу историски факти, што реално не можат да се променат. Воопшто не е во духот на добрососедството, во моментот кога чекаме пред вратата на ЕУ, од позиција на нејзини членки, тие да имаат невозможни барања, за кои исто така може да се дебатира и во иднина. Многу е недолично што тие ставови доаѓаат токму од научниците и елитните интелектуалци, кои за разлика од обичните граѓани, не ја почитуваат нашата слобода за самоопределување, се враќаат во минатото, наместо да гледаат кон заедничката иднина. Основно човеково право е национално да се декларира по свое убедување. Да очекуваме дека духовите од Балканот, кои се овде со векови, полека ќе исчезнуваат, па ќе се подобрат условите за суштинска соработка и почит помеѓу сите соседи.

Како го коментирате очајниот буџет за наука, кој се намалува секој година? Како тоа се рефлектира врз условите за работа?

- Во последните дваесетина години вложувањата во науката во нашата држава се сè помали и помали. Уште на почетокот на овој милениум драстично се намали бројот на националните научноистражувачки проекти и научно-развојните што ги работевме со компаниите. Исто така, средствата за поддршка за организирање или учество на конференции и објавени трудови со фактор на влијание се многу мали. Сето ова се преслика во екстремно малиот национален буџет за наука. Претходната политичка гарнитура, буџетот што го вложи во лаборатории и преводи на книги го декларираше како инвестиции во науката, но сите сме свесни дека голем дел од лабораториите не работат или немаат основни средства за функционирање, а за квалитетот на преводите слушавме многу.

Со донесувањето на Законот за иновациска дејност, дел од законските и подзаконските акти поврзани со наука и технолошки развој веќе не се во важност или не можат да се применуваат. Затоа треба да се воспостави нова национална инфраструктура за наука која директно ќе биде поврзана со универзитетите и научните институции.
Во последните три години ситуацијата се движи по инерција, буџетот за наука и понатаму е многу мал. Едноставно, за министерство што во себе ги опфаќа сите степени на образование и плус науката, секако дека предност имаат проектите од помасовните оддели, како што се основното и средното образование, а науката секогаш се става на маргините. Без посебна и независна институција што ќе се грижи за потребите на научните институции, но истовремено отворајќи можности за вклучување на најдобрите млади, науката во нашата земја нема шанси за развој и подобрување.