Богаташите и моќните луѓе во САД: Ако донирам 25.000 долари, дали ќе добијам вакцина за Ковид-19 преку ред?

Богаташите и моќните луѓе во САД: Ако донирам 25.000 долари, дали ќе добијам вакцина за Ковид-19 преку ред?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нудат десетици илјади долари во готово, терајќи ги личните асистенти секојдневно да им се јавуваат на нивните лекари... Богатите ја користат секоја можност и прашуваат дали петцифрената донација за болницата ќе им помогне за преку ред да ја добијат вакцината.

Вакцината против Ковид-19 е тука, а богатите луѓе ја сакаат први.

- Добиваме стотици повици секој ден - вели д-р Ехсан Али, кој раководи со болница во Беверли Хилс. Неговите клиенти, меѓу кои се и Аријана Гранде и Џастин Бибер, плаќаат помеѓу 2.000 и 10.000 долари годишно за персонализирана нега.

Поради недостиг на првите дози, Калифорнија постави строг редослед на вакцинирање заснован на потреба и ризик: здравствените работници и луѓето во старските домови, потоа работници на есенцијални работни места, како и луѓето со хронични здравствени состојби, па на крај сите останати.

Но тие со моќ, пари и влијание можат да ги прекршат правилата. Строгите пораки во Калифорнија да им се излезе во пресрет на оние на кои им е најпотребна вакцината се чини дека беа потиснати од богатите во обид да се вакцинираат пред наставниците, земјоделците и пожарникарите.

Д-р Џеф Тол, кој работи во Медицинскиот центар „Седарс-Синај“, една од првите болници што набавила вакцини, се сеќава на пациент кој го прашал: - Ако ѝ донирам 25.000 долари на болницата, дали тоа ќе ми помогне да дојдам на ред? Одговорот бил не.

Експертите предупредуваат дека недостигот на вакцината може да создаде успешен црн пазар, особено ако добро поврзани луѓе во здравствената индустрија пуштат неколку дози за пријателите, семејството или највисокиот понудувач.

Но, некои богати пациенти може да стигнат до вакцините побрзо бидејќи се членови на ексклузивни здравствени групи што нудат висококвалитетна примарна здравствена заштита што повеќето Американци не можат да си ја дозволат.

Тие пациенти веќе се наоѓаат на листите за чекање кај доктори што наплаќаат дури 25.000 долари за 24-часовна врвна нега, што вклучува и напори да им се обезбеди вакцина што е можно побрзо.

Ординациите на матичните лекари (на кои пациентите им плаќаат за услугите) постојано добиваат телефонски повици од богатите клиенти и нивните помошници, па се зафатени со составување листи и долги досиеја на пациентите со медицинска историја и потенцијални ризици од Ковид-19. Токму оваа листа дава приоритети. Освен тоа, овие ординации веќе почнаа да купуваат и скапи замрзнувачи со ултраниска температура (кои се во недостиг) за да складираат вакцини.

kovid
Фото: Freepik

Лекарите велат дека ќе се придржуваат до упатствата за јавно здравје при утврдувањето кој ќе има приоритет. Но, да се биде на листа на чекање во ординација која има специјални замрзнувачи и други висококвалитетни ресурси, значи дека овие пациенти веќе се на врвот на листата откако ќе се достават вакцините. Некои ординации веќе чекаат одобрување за чување и администрирање на вакцината во време кога матичните лекари од примарната здравствена заштита немаат идеја кога и како нивните пациенти ќе добијат пристап до вакцините.

- Веднаш штом слушнавме дека вакцината излегува на пазарот, почнавме да бараме замрзнувачи - вели Ендру Оланоу, соосновач на „Солис хелт“, клиника со практика во Њујорк, Хемптонс и Беверли Хилс.

Пред шест недели „Солис хелт“ направи нарачка за шест замрзнувачи со ултраниска температура по цена од 5.000 долари. Треба да пристигнат наредниот месец.

Претставници на „Фајзер“ и „Модерна“, чија вакцина се очекува наскоро да биде овластена, велат дека лекарите и граѓаните сè уште не можат да купуваат вакцини. Владата на САД ја контролира распределбата на дозите во сите 50 држави. И додека вакцината не стане достапна, матичните лекари мора да им кажат на пациентите дека треба да чекаат. Но, тоа не ги спречува пациентите да се обидат да бараат вакцини.

- Луѓето се подготвени да платат десетици илјади долари - вели Тол. Но, лекарите што добиваат вакви барања треба да можат да им кажат не на богатите, моќни луѓе, слично како кога бараат несоодветни лекови.

- Оние што мислат дека можат да купат место во првите редови на чекање затоа што имаат ресурси или врски, ќе бидат набљудувани многу, многу внимателно - вели гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.

Тарин Вијан, експерт за борба против корупција во здравствениот сектор, кој предава на Универзитетот во Сан Франциско, вели дека моќните луѓе не мора да имаат ран пристап до вакцината со помош на мито или принуда, туку преку посуптилни средства, на пример барања од моќни пријатели.

Пријател на директор на фармацевтска компанија, медицински дистрибутер, болница или дом за стари лица може да побара од него дали има дополнителни дози. Ова веќе се случува во Калифорнија, велат лекарите, особено во светот на забавата. Познатите личности и директори не ги прашуваат нивните лекари, туку им велат на своите асистенти.

- Нивните асистенти и луѓе ми се јавуваат буквално секој ден. Не сакаат да чекаат. Сакаат да знаат како можат побрзо да ја добијат вакцината - вели еден анонимен лекар чии клиенти работат во Холивуд.

Извор: Los Angeles Times
Фото: Freepik