Лука Димитријоски е шампион во друмски велосипедизам - има освоено над 60 медали

Лука Димитријоски е шампион во друмски велосипедизам - има освоено над 60 медали

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мојата „професионална“ кариера почна кога наполнив 11 години, како член на велосипедскиот клуб „Спидбајк“ од Кичево, за кој возам и денес, вели Лука

Лука Димитријоски е велосипедист кој изминативе години е на тронот на друмскиот велосипедизам во Македонија. Се има закитено со повеќе титули. Има освоено над 60 медали и пехари, од кои повеќето златни. Во позначајните се вбројуваат победник на ранг-листа во друмски велосипедизам во 2015 година, категорија до 13 години, го задржува местото и во 2016 година. Следната година е победник на ранг-листа во друмски велосипедизам, категорија до 15 години, во 2018 исто така, и плус победник на ранг-листа во велокрос. Во 2019 е четврти на ранг-листата на друмски велосипедизам во категорија кадети и победник на ранг-листа во велокрос. А во 2020 година е втор на ранг-листа во друмски велосипедизам, повторно во категорија кадети и победник на ранг-листа во вело-крос.



Од 9 години спортски тренинзи

Роден е на 15 мај 2004 година, основно образование завршил во Кичево. Сега е втора година средно образование во гимназија во Скопје.
- На почеток, за мене велосипедот не беше спортски реквизит, туку како и за секое дете - задолжителна играчка. Растев во семејство кое имаше многу велосипеди од секаков можен вид бидејќи татко ми професионално се занимава со велосипедизам. Живееме во куќа со огромен двор и најголемиот дел од денот како дете бев на мојот велосипед. Полека тоа ми стана најомилена занимација. Во меѓувреме, како дете тренирав две години фудбал, па потоа и кошарка. Кога наполнив 9 години, веќе имав доволна висина за да возам посериозен велосипед и тогаш во суштина почнаа и моите возења надвор од мојот двор, кои можеа да се наречат како спортски тренинзи. Почнав да одам на разни организирани велосипедски настани заедно со татко ми, кои беа од рекреативен карактер без тркање и на кои имаше голем број учесници. Ваквите настани, бидејќи немаа натпреварувачки карактер, за мене беа само продолжение на мојата игра со велосипедот и може да се каже дека на тој начин полека, без да почувствувам, навлегов во велосипедизмот како спорт. Кога имав 10 години, возев и завршував сериозни велосипедски планински маратони со должина од над 40 километри, кои беа предизвик и за многу повозрасни и поспремни велосипедисти и сето тоа ми даде уште поголема желба и самодоверба за сè што следуваше понатаму - ни сподели Лука.



Државен шампион неколку години

Велосипедската федерација на Македонија има организиран систем на натпревари кои се делат на возрасни категории во друмски и планински велосипедизам и преку зимата во велокрос-категорија. Се собираат бодови според освоените места на сите трки во текот на целата натпреварувачка сезона и на крајот се прогласуваат победниците на ранг-листа како најуспешни велосипедисти.
- Мојата ако може да се каже „професионална“ кариера почна кога наполнив 11 години како член на велосипедскиот клуб „Спидбајк“ од Кичево, за кој возам и денес. Се натпреварував во друмски велосипедизам во категоријата до 13 години. Учествував понекогаш и на трките во планински велосипедизам, на кои и победував, но друмскиот велосипедизам, кој се смета за врвот во велосипедизмот, најмногу го сакав и сè уште ми е најголем предизвик. Во 2015 година, како прва во мојата кариера, бев прв на ранг-листа и бев прогласен за победник во категоријата до 13 години во друмски велосипедизам. Следната година исто така бев победник во истата категорија и со тоа бројот на освоени медали и пехари во мојата соба веќе почна да изгледа сериозно. Во 2017 и 2018 се натпреварував во категоријата до 15 години и во двете години бев победник на ранг-листа и државен шампион - раскажува Лука.




Со тренинг до титула

Тогаш веќе почнал да работи со тренер од Словенија, кој му ја подготвувал програмата за работа и тренирање во текот на целата сезона.
- Програмата беше многу напорна, со 5 тренинзи во текот на неделата и секој од нив траеше помеѓу 2 и 3 часа. Тоа е и одговорот на прашањето како да се стигне до тронот, нема трикови, треба многу, многу тренирање. Во велосипедизмот сте сам со себе, возите трка 2-3 часа, качувате планини, пулсот е постојано близу 200, тука нема трикови како во другите спортови, па на среќа да дадете гол или кош. Мене лично ми одговараат долги трки и тешки терени со многу угорници, на почетокот на трката ми е потешко, но како што поминува време, бидејќи имам голема издржливост, ми се враќа силата и при крајот сум најсилен и можам да победам - вели Димитријоски.
Во 2019 година почнал да се натпреварува во кадетска категорија и се одлучил да се фокусира на меѓународни трки во Словенија, каде што конкуренцијата е на највисоко ниво и велосипедизмот е спорт број еден. За тоа говори фактот што годинава на најпрестижната трка „Туд де Франс“ првото и второто место ги освоија Словенци, Тадеј Погачар и Примож Роглич. Роглич подоцна победи на трката „Ла вуелта“ низ Шпанија.

Словенија е одлична за нови искуства

- Искуствата што ги стекнав возејќи трки низ Словенија беа огромни, се натпреварував со врсници кои секоја недела возат трки во Италија, видов како тренираат и се спремаат вистински професионалци. На тие трки е тешко и голем успех е дури и да се држите во група со вака спремни велосипедисти. Трките со ваква конкуренција се најдобрите тренинзи и само со голем број трки може да напредувате и да градите искуство, а тоа е она што ни фали кај нас, бидејќи во нашето соседство нема квалитетна конкуренција. Во 2019 година не учествував на дел од трките во домашното првенство и, за жал, бев четврти на ранг-листа, но тоа секако беше дел од планот - споделува велосипедистот.
Оваа година, поради ситуацијата со коронавирусот и не можноста да се патува надвор од Македонија, неговата главната цел, односно учеството на меѓународни трки - особено во Словенија не можеше да се исполни. Дури и трките за ранг-листа почнаа многу доцна и со намален број.



Со тим полесно до победа

-Оваа година и конкуренцијата во мојата категорија беше многу силна. Повеќето клубови имаат по 3-4 спремни велосипедисти, а јас сум сам од мојот клуб и во такви услови е потешко да се победи бидејќи тие можат со стратегии и тактики во текот на трката да ве елиминираат со постојани бегови кои морам сам да ги следам и да ги спојувам, а во меѓувреме, додека некој велосипедист ви бега, останатите ве блокираат. Иако многу сметаат дека велосипедизмот е индивидуален спорт, сепак, тој е и тимски. Кога имате тим кој ќе ви помага во текот на трката, многу полесно се стигнува до победа. Можеби и поради ова на прашањето која трка ми е најдобра, би рекол дека тоа е последната трка која ја возевме оваа сезона, „Трофеј 11 Октомври“ во Куманово. Во текот на целата трка сам, без поддршка од тим, ги спојував сите бегови и на крајот на 300-400 метри од финишот кога почна спринт, иако бев тактички блокиран од заднина, успеав во фотофиниш да ја победам трката. Со таа трка и се заврши кратката сезона 2020 во која завршив како втор на ранг-листа - додава Лука.

Одличен ученик и стипендист

Лука е одличен ученик. И покрај редовните обврски околу учењето, во слободно време вози мотор „ендуро“, за кој вели дека му е голема љубов. Три дена во неделата вежба во сала, сака да се опушта со игри на компјутер и да се дружи со другарите.
Веќе неколку години е стипендист на Агенцијата за спорт и млади и Олимпискиот комитет во категоријата млади олимписки надежи.
- Од следната година влегувам во категоријата на јуниори и плановите ми се пак исти, да се учествува на што повеќе меѓународни натпревари и по цена на отсуство од домашните трки. Кога ќе завршам со средно образование, планирам да се запишам на факултет во Словенија и таму да продолжам професионално да се занимавам со велосипедизам. Но што и да се случува со мојата идна професионална кариера, возењето велосипед ќе ми остане животен стил и љубов - вели Димитријоски.