Неуспехот на Шведска со коронавирусот го разби митот на скептиците за колективниот имунитет

Неуспехот на Шведска со коронавирусот го разби митот на скептиците за колективниот имунитет

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу чудни работи се случија во текот на 2020 година, а една од најчудните беше романсата меѓу ковид-скептиците и Шведска. Се покажа дека романсата завршува со трагедија, но беше интензивна додека траеше.

Во поголемиот дел од оваа година оние што се противеа на рестриктивните мерки ја поздравуваа Шведска и нејзината одлука да остане отворена, наводно покажувајќи ни како Ковид-19 ќе може да се стави под контрола без наметливи владини ограничувања.

На крајот, Швеѓаните молчеа. Тешко е да се каже зошто. Во последниве денови се гледаше како нордиските соседи на Шведска, Финска и Норвешка, ѝ нудат итна медицинска помош со оглед на тоа што болниците во Стокхолм се пренатрупани, а инфекциите и смртните случаи драматично се зголемија. Истовремено, кралот на Шведска упати невидена критика кон стратегијата на владата.

Невидено, но не и изненадувачки: Шведска претрпе стапка на смртност десетпати поголема од онаа во соседна Норвешка и деветпати поголема од онаа на Финска. Владиниот извештај заклучува дека државата не успеала да ги заштити ранливите категории.

Ковид-скептиците ја фалеа Шведска до небото. Во мај, новинарката Шерел Џејкобс за „Дејли телеграф“ напиша дека колку повеќе време минува, толку повеќе Шведска изгледа како успешна приказна. Во меѓувреме, Кристофер Сноудон од Институтот за економски работи вели дека Шведска покажала поразумен начин за балансирање на ризикот, слобода и економија.

За да се разбере големината на она што не е во ред, вреди да се напомене дека Шведска ја почна пандемијата со неколку големи предности. Прво, станува збор за земја со помал број жители на квадратен километар, а знаеме дека вирусот се шири многу побрзо во густи, изградени области. Така, на пример, додека Велика Британија има 273 луѓе на километар квадратен, Шведска има 25.

Второ, Шведска има најголема стапка на луѓе во светот што живеат сами: 42,5 отсто од домаќинствата се самохрани. Очигледно, многу е полесно ширењето на вирусот во домот, а големите семејства најмногу страдаат.

svedska
Фото: Freepik

Не само што моделот на Шведска се покажа како погубен во однос на смртни случаи и број на заразени, туку и земјата забележа поголем удар врз економијата во споредба со нејзините соседи. Шведскиот вирусолог Лена Ајнхорн заклучи: - Стратегијата на Шведска се покажа како драматичен неуспех.

Ова е важно не само затоа што здравјето и животот се во опасност, туку и затоа што шведскиот експеримент ги открива неуспесите на основните теории на ковид-скептиците.

Контроверзниот државен епидемиолог на Шведска, Андрес Тегнел, летото предвиде дека државата ќе има високо ниво на имунитет и бројот на случаи во текот на зимата веројатно ќе биде низок, со оглед на тоа што имаше висока стапка на инфекција во текот на пролетта. Но, сега знаеме дека неговото предвидување е катастрофално погрешно. Секако, тој не беше сам; неговата теорија беше иста со онаа на која ковид-скептиците и понатаму се потпираат. Истите овие неуспешни теории и понатаму ги наведуваат скептиците да тврдат дека е безбедно да се остави вирусот да беснее.

Она што навистина фрустрира во 2020 година е тоа што многу енергија се потроши за фалење на Шведска, додека земји како Австралија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Нов Зеланд открија вистински успешни модели засновани на тврдо сузбивање на вирусот со одлучна акција.

Се разбира, тука нема простор за труимфализам. Но, кога бараме модели од кои треба да учиме, не се потребни лекции од Шведска. Подобрата лекција е поедноставната, онаа од Нов Зеланд и Австралија, а тоа е: Сузбијте го вирусот што е можно посилно.

Извор: Newstatesman.com
Фото: Freepik