Словенечки доктори извршиле трансплантација на бели дробови на пациент со Ковид-19
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Доктори од Словенија успешно извршиле сложена операција за трансплантација на бели дробови на 34-годишен пациент кој бил заболен од Ковид-19, а на кој му откажале белите дробови поради болеста, известува љубљанскиот Универзитетски клинички центар.
Раководителот на одделот за торакална хирургија во најпрестижната словенечка здравствена установа - „Томаж Штупник“ вели дека трансплантацијата била извршена пред 10 дена, а станува збор за првата трансплантација на бели дробови поради последиците од Ковид-19.
Операцијата траела 10 часа и докторите успеале да му го спасат животот на 34-годишниот маж, кој пред да се зарази со коронавирусот бил здрав и не пушел, освен што имал лесна форма на астма. Пациентот се наоѓа на интензивна нега и е во стабилна состојба.
Ова е 16. операција на
трансплантација на бели дробови во Словенија годинава.
Според лекарите на Универзитетскиот медицински центар, човекот најпрво бил лекуван од Ковид-19 во една од регионалните болници, но морал итно да биде пренесен во Љубљана. По еден месец му била извршена трансплантација на белите дробови.
Лекарите велат дека на пациентот му претстои неколкумесечна рехабилитација затоа што мора да ги зајакне мускулите.
- Пациентот прво мора да ги зајакне мускулите што се важни за дишењето за да може да дише самостојно, а потоа и другите мускули за да може да се врати во нормала - велат лекарите што учествувале во операцијата.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik