Лоши вести - „Часовникот на Судниот ден“ е 100 секунди до полноќ

Лоши вести - „Часовникот на Судниот ден“ е 100 секунди до полноќ

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Билтенот на нуклеарните научници го намести својот симболичен „Часовник на Судниот ден“ на 100 секунди до полноќ, наведувајќи дека светските лидери не успеале да се справат со заканите за нуклеарна војна.

Одлуката беше донесена во четвртокот од страна на Билтенот на нуклеарни научници.

- Тврдевме дека глобалната состојба е абнормална - изјави Рејчел Бронсон, претседателка и извршна директорка на Билтен за нуклеарни научници, на прес-конференцијата.

Астрофизичарот Роберт Роснер, кој исто така е дел од Билтенот на нуклеарни научници, вели дека фактот што часовникот сега е само 100 секунди до полноќ сигнализира навистина лоши вести.

- Она што го кажавме минатата година сега е вознемирувачка реалност во која работите не одат на подобро - изјави тој и додаде дека посебна загриженост е поткопувањето на способноста на јавноста да разбере што е точно, а што лажно.

- Досегашното искуство нè научи дека дури и во најстрашните периоди од Студената војна, можеме да се обединиме. Крајно време е повторно да го направиме тоа - додаде тој.

2

Шерон Скуасони, професорка на Универзитетот во Џорџтаун и член на Одборот за наука и безбедност на Билтенот на нуклеарни научници, истакна колку е екстремна ситуацијата со нуклеарното оружје. Таа ги наведе неодамнешниот колапс на иранскиот нуклеарен договор, повторното откривање на нуклеарните способности на Северна Кореја и континуираното создавање оружје од САД, Русија и Кина.

- Накратко, ситуацијата е исклучително опасна и бара итен одговор - рече таа.

Часовникот, кој предупредува за претстојни катастрофи и ги зема предвид нуклеарните оружја, зголемувањето на геополитичките тензии, како и промените во животната средина, беше создаден во 1947 година, на почетокот на трката за вооружување меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз. Од 2007 година климатските промени се фактор во одлуките на групата.

Во 2018 година часовникот беше поместен на две минути до полноќ, при што научниците ги цитираа проактивната реторика на претседателот Трамп кон другите глобални сили, континуираното тестирање на нуклеарно оружје и балистички ракети на Северна Кореја и засилените тензии меѓу САД и Русија.

Часовникот остана на две минути до полноќ во 2019 година, иако Бронсон изјави дека недостигот на промени треба да се сфати не како знак на стабилност, туку како строго предупредување до лидерите и граѓаните низ светот.

Часовникот беше најдалеку од полноќ во 1991 година, кога беше вратен назад на 17 минути откако САД и Советскиот Сојуз го потпишаа првиот договор за стратешко намалување на оружјето.

Иако сликата е мрачна, не се изгубени сите надежи, изјави поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, додавајќи дека мултилатерализмот е клучот за спречување нуклеарна и климатска криза.

- Мора да дејствуваме и да работиме заедно. Ниту една земја или личност не може сама да го направи тоа. Потребни ни се сите раце за да можеме да работиме заедно - изјави Бан Ки-мун.